Демократска обнова на Македонија (ДОМ) е за една изборна единица без праг, со отворени листи и еднаков број жени и мажи на нив, информираат денеска од оваа партија.
„За ова се залагаме со години, а сме дале и предлог на закон, кој бил одбиен во парламентот. Ова е нашиот став и во сегашната дебата за измените на изборниот модел. Аргументите се познати: на ваков начин ќе им дадеме сериозна шанса на демократијата и на слободната волја на граѓаните, со што ќе се добие поразнобојно и поодговорно Собрание, во кое соодветно ќе бидат застапени разни граѓански групи во општеството според идеологија и определба“, сметаат од ДОМ.
Оттаму исто така додаваат дека за да има фер изборен натпревар, неопходно е да се прочисти и Избирачкиот список од оние 89.000 „фантомски“ гласачи, за кои, како што велат, ДИК со консензус утврдила дека не постојат во ниедна база на податоци.