дома Живот Ноќниот живот во Скопје некогаш цутеше, а денес се е сведено на...

Ноќниот живот во Скопје некогаш цутеше, а денес се е сведено на ужас и мртвило, младината не знае кај тера!

87
0
АКЦИЈА

Секое време носи промени и има свои обележја, недостатоци и придобивки. Имун на промените не останува ниту ноќниот живот кој важи за еден од клучните показатели на општествените ситуации.Скопските менаџери и сопственици на локали се едногласни и тврдат – Скопје некогаш живееше со полни гради, а денес живурка во мрак!

“Скопје некогаш имаше шмек. Имаше шарм, слобода, други вредности… Луѓето беа поразлични”, вели Љупчо Ангелов – Љупа, еден од легендарните скопски менаџери, кој заедно со Пиже, Зеко и Пеџа е дел од сениорскиот менаџерски тим.

Имено, Љупа по враќањето од војска, добил покана да биде дел од првиот менаџерски тим на тогашната дискотека МНТ која во тоа време, пред триесетина години била најголемата дискотека на овие простори.

Огромен подиум опкружен со сепариња, неколку шанка добро опремени со пијалаци, плочи донесени специјално од Италија…

“МНТ дефинитивно беше врв во тоа време. Скопје немаше видено таква дискотека. За да привлечеме гости направивме специјални покани и гратис влезници. Ние всушност бевме и првите кои ги смислија гратис влезниците за во дискотека. Друг момент на кој во тоа време обрнувавме внимание беа и убавите девојки и згодните момци. Ако во дискотека на сепаре седат најзгодните девојки тогаш дискотеката ќе ти биде полна.Се водевме во таа девиза и истата се покажа како доста успешна. Ќе ги поканевме и помоќните “фраери” во градот и тоа беше врв. Тие и ни беа целна група, затоа што привлекуваа гости. Сите одеа таму каде што се тие. Наше беше да ги честиме цела вечер, а тие само да седат и да уживаат”, се сеќава Љупа и додава дека денешните вредности и култура на излегување се тотална спротивност од она што некогаш било важно и клучно за да си поминеш убаво.

“Тогаш не ти требаа многу пари за да си поминеш убаво. Девојките, на пример, излегуваа во град и воопшто не трошеа пари. Никогаш, апсолутно никогаш ние не сме дозволиле девојка сама да си плати пијачка. Во тоа време и не се обрнуваше многу внимание на тоа како изгледаш. Повеќе сакавме да уживаме и да играме. Денес младите ретко играат и се забавуваат. Ние во наше време не седнувавме. Се пуштаа исклучиво ретро и модерни хитови и на подиум се играше до раните утрински часови”, додава Љупа, кој по една година помината во МНТ се сели во тогаш новоотворената дискотека Хард Рок.

“Хард Рок беше втората поголема дискотека што се отвори во Скопје. Ни понудија повеќе пари и веднаш се префрливме таму. Е ова беше дискотека каква што само Скопје можеше да сонува. Озвучена со најнова опрема, осветлување на ниво, подиум кој собира над 3.000 луѓе, сепариња од кои боли глава… Се чекаа редици и редици надвор за да се влезе во тогашното Хард Рок. Имаше и посебен дрес-код. Не можеше секој да биде внатре. Убави времиња беа тоа. Вака сега кога ќе се сетам, ми се навраќаат спомените и навистина ми недостасува тоа време”, заврши Љупчо, кој сега има сосема поинаква професија и е далеку од сите ноќни збиднувања.

Освен МНТ, Хард Рок, Силекс, Метропол, Мусандра, дискотеките во Градскиот парк, кои тогаш почнувале со работа, меѓу местата за излегување пред 20-ина години актуелни биле и Аполон, Уна, Менс, Академија, Корнер, Рома, Булевар, Тунел… Речиси сите оние, кои биле дел од тоа време, се едногласни – ноќниот живот во Скопје тогаш имал поинаков шмек. Имало ред. Се знаело кој каде припаѓа.

Со Љупа се согласува и Владимир Ристовски или попознат меѓу скопјани како Камењар кој беше дел и од легендарниот состав “Нови дечки” кои ја испеаа “Забава до бесвест”. Според Камењар, денес нема ниту “з” од забава и ноќниот живот во последните неколку години е сведен на ужас и мртвило.

“Забавата и ноќниот живот во последните две- три години се сведени на ужас, мртвило, нема никаква енергија, луѓето се помалку излегуваат, се помалку се дружат. За уништувањето на забавата најмногу допринесе политиката, сиромаштијата, визната либерезација и други пропратни фактори.Искрено, многу ми е жал за денешната младина што не виделе, ниту пак ќе видат, односно почувствуваат вистинска забава. Пред 20-ина години, со оглед на фактот што истовремено бев сопственик и на дискотека и на кафуле, секој ден се враќав дома во шест часот наутро. Секој ден фантастично си поминував, имам милјарда спомени, секој ден бев расцутен од среќа, радост, бев исполнет, во тоа време имаше и искрено другарство. Сега?! Мама миа…Денешниве деца не знаат кај тераат”, искрен е Камењар кој во својата угостителска биографија има запишано голем број на кафулиња и дискотеки, како што се Тротоар, Булевар, Галаксија, Дипломатик, Змија, Опиум, Метропол, Кабрио, Елемент… а во моментов е дел од тимот на сопственици на кафулето “Интермецо”.

Исто така тврди и дека Скопје пред 20-ина години имал и најдобар ноќен живот на Балканот.

“ Во тоа време работеа по пет зимски и пет летни дискотеки и сите беа полни. Секој ден имаше различна програма и понуда. Градот беше жив и тврдам дека Скопје Шред 15 години беше број еден град на Балканот кога ноќниот живот е во прашање. Бевме неколку години понапред од Белград, Солун, Софија, а сега се е обратно”, заклучи Владимир и додаде дека по затварањето на Опиум,Инсомнија и Картел умрел и квалитетниот ноќен живот во Скопје.

Кога се дискотеките или ноќните клубови, пак, во прашање денес ги има на претек, па можеби токму заради тоа се оди на квантитет, а не и квалитет. Мешање на музички стилови, генерации…

И нормално забавата во голем дел, чест на исклучоците, недостасува.

“Проблемот лежи во луѓето, па тие сами не знаат да се опуштат и да уживаат. Многу се стегнати, воопшто не се забавуваат. Ние угостителите нудиме програма каква што има насекаде низ Европа. Кога би се опуштиле, тогаш не би правеле муабет за тоа како било пред 20 години, туку би ја повториле историјата и би се фалеле со она што ние го имаме како ноќен живот”, велат сопствениците на скопските дискотеки.

Дали некогаш Скопје ноќе сјаеше, а денес живее во мрак оценката нека ја дадат ноќните птици.

Превземено од: skopjeinfo.mk

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here