дома Балкан Рахиќ за „Лидер“: ВМРО-ДПМНЕ губи со исклучувањето на Мијалков

Рахиќ за „Лидер“: ВМРО-ДПМНЕ губи со исклучувањето на Мијалков

838
0
АКЦИЈА

Изминатата недела најактуелна тема беа партиските превирања во опозициската ВМРО-ДПМНЕ од која беа разрешени и исклучени неколку функционери помеѓу кои најзвучно беше името на екс-директорот на УБК Сашо Мијалков. Името Сашо Мијалков скоро две децении предизвикува контроверзи во македонската јавност, а за врме на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, ретко кој имаше храброст јавно да го критикува. Еден од ретките храбри, беше поранешниот висок функционер и пратеник на владејачката СДСМ, Есад Рахиќ, со кој „Економски Лидер” разговараше токму на темата исклучување на Мијалков.

Рахиќ е компетентен соговорник затоа што и самиот своевремено беше исклучен од СДСМ, во која се врати по доаѓањето на Зоран Заев на лидерската позиција.

Во разговорот со нас, тој вели дека не знае дали Мијалков учствуцал во процесот на убедување на 8-те пратеници од опозицијата кои ги поддржаа уставните измени за промена на името, но знае дека ВМРО-ДПМНЕ со неговото разрешување ќе изгуби теренски и финансиски.

Превирања во опозицијата. ВМРО -ДПМНЕ деновиве исклучи влијателни луѓе кои со години го креираа имиџот на партијата. Изненадување за јавноста не беа веќе покажаните со прст кои гласаа „ЗА” Договорот од Преспа, најголемо изненадување е исклучувањето на Никола Тодоров и Сашо Мијалков? Како го коментирате овој потег на челниците на најголемата опозициска партија?

– Дежа ву, веќе видено. Нешто слично имавме и 2004 година кога Никола Груевски дојде на чело на ДПМНЕ, тогаш Љубчо Георгиевски си замина од партијата повлекувајќи еден дел лица кои беа обвинети за сторен криминал и со тоа сакаше да го остави новото чисто ДПМНЕ за да биде поприфатливо за гласачите. Резултатите ги знаете, тие нови чесни дечки станаа најголемите криминалци не во Македонската туку воопшто и во политиката пошироко.

Потпретседателот Александар Николоски како главна причина за исклучувањето на Сашо Мијалков ја наведе таканатречената тајна коалиција меѓу него и премиерот Зоран Заев. Сметате ли дека можно е да постои таков договор со што ексдиректорот на УБК би обезбедил слободна иднина и отфрлање на сите обвиненија од СЈО против него?

– Прво, малку е чудно да човекот кој што до вчера беше икона на ДПМНЕ преку ноќ стане предавник, како и изјавата дека всушност Сашо Мијалков бил тој кој што прислушкувал, а не приказната која му ја сервираат на народот веќе две години дека тоа го вршеле странски служби. Многу нелогичности за така кусо време. И второ, не постои никаков договор кој што може да го амнестира истиот лик за кривични дела за кои е обвинет од страна на Специјалното јавно обвинителство.

Дали целта ги оправдува средствата? Сметате ли дека Сашо Мијалков за лични цели, убеди пратеници да го поддржат Договорот од Преспа?

ДПМНЕ и се е можно, иако не би сакал да верувам дека токму тој за лични цели успеал да ги убеди пратениците да го поддржат овој Договор. Никогаш не ја отфрлам лукративната страна кога пратеници на ДПМНЕ се во прашање меѓутоа сакам еднаш да помислам дека сето тоа е направено во интерес на граѓаните на Република Македонија и во интерес на просперитетот и напредокот на Македонија во ЕУ и Нато.

Дали ВМРО ДМПНЕ со оваа партиска чистка го засилува капацитетот или пак се разединува или ослабува како партија и најголема опозиција?

– ВМРО веќе подолго време кубури со сопствените проблеми и дури и ако има разединување тоа е само од времен карактер, затоа што ако се сеќавате по нивното враќање на власт 2006 година, најголемиот дел од луѓето кои тогаш беа надвор од ДПМНЕ се вратија во партијата и продолжија да ја практикуваат власта на начин на кој ја практикуваа, а резултатите ни се на сите добро познати од таквото владеење.

Своевремено во 2006-тата и Вие бевте исклучен од социјалдемократскиот сојуз. Исклучувањето не е непозаница во македонската политика, осбено што таа се врши врз влијателни луѓе во партиите. Ваша проценка, дали СДСМ во тој период загуби или доби со вашето исклучување ?

– Да, бев исклучен во јуни месец 2007 година, а дали со тоа доби или изгуби СДСМ ќе треба да го прашате раководството кое тогаш ме исклучи. Само да ве потсетам неполна година после тоа на вонредните парламентарни избори во 2008 година СДСМ го доживеа најтешкиот пораз. Сметам дека тоа доволно говори за тоа што ме прашавте. А дополнителен одговор би го навел самиот факт што во 2012 година тогашниот претседател ме врати на позиција извршен секретар на СДСМ.

Дали ВМРО ДПМНЕ губи или добива со исклучувањето на Мијалков?

– Зависи во кој сегмент прашувате. Ако е за финансиски, сигурно. Ако е за организационо, веројатно. Во секој случај времето ќе покаже.

Дали овие луѓе треба да се окфалификуваат како предавници за партијата?

– Да повторам времето е најдобар репер за све. Овие луѓе кои гласаа за нешто за што самата партија и после нивното исклучување тврди дека е нивна агенда, а истите беа обвинети за предавство, ќе се покаже дека биле во право,а дека најверојатно предавници биле оние кои што на најбрутален начин после нивното гласање бараа и поединечно гласање сакајќи да ги потенцираат и кон нив да создадат гнев и омраза од нивното членство и дел од граѓаните на Република Македонија. Како што реков, сигурен сум дека по не така долго време, вистината ќе излезе на виделина и токму оние кои ги обвинуваат дека се предавници, може многу лесно да се бидат препознаени како вистински предавници.

Извор:lider.mk

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here