дома Балкан По посетата на Хан: Почна да се расплеткува референдумскиот јазол

По посетата на Хан: Почна да се расплеткува референдумскиот јазол

478
0
АКЦИЈА

Вчерашната посета на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на Скопје не само што го означи стартот на скрининг-процесот на Македонија пред почетокот на преговорите за членство, туку значеше и почеток на подготовките за претстојниот референдум за името преку надминување на блокадата што на тој пат ја постави опозицијата.
Само половина час откако Хан го заврши пригодниот говор во Националниот совет за евроинтеграции, од каде што ги повика сите политички и општествени субјекти да учествуваат на референдумот, во Собранието стигна веста дека Владата пуштила во процедура измени на Изборниот законик. Со предложените измени се олеснува изборот на новиот состав на ДИК – процес што ВМРО-ДПМНЕ го одолговлекуваше во изминатите седмици, условувајќи го со измени во Законот за финансирање на политичките партии и со формирање техничка влада пред парламентарни избори.

Измените во Изборниот законик биле усвоени на владината седница што се одржа вчера рано изутрината, а на која присуствуваше и еврокомесарот Хан. Доцна попладнето, пак, парламентот ја утврди потребата за донесување на оваа регулатива.

Владата предлага корекции единствено во членот 27 од Изборниот законик. Со тие измени се овозможува новиот состав ан ДИК да биде избран со апсолутно наместо со двотретинско мнозинство, односно со најмалку 61 наместо 80 гласа. Исто така, законските измени се пуштени во процедура со европско знаме и ќе бидат донесени по скратена постапка на пленарна седница. Со тоа, расправата ќе оди преку Комисијата за европски прашања што ја предводи Артан Груби од ДУИ, а од членот 27 се брише и ставот три, според кој Комисијата за избори и именувања подготвува предлог-листа од пријавените кандидати и ја доставува до Собранието.

И покрај истечените рокови, Комисија за избори и именувања не се состана досега за да направи селекција од 41 кандидат колку што се јавија на конкурсот за ДИК, што го распиша Собранието. На чело на ова собраниско тело е поранешниот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски. Со заобиколувањето на Димовски, се овозможува претседателот на парламентот Талат Џафери да предложи кандидати за членови на ДИК, доколку тоа не го направат партиите во предвидениот рок. Според концептот на ДИК, кој уште зимоска го договорија премиерот Зоран Заев и опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ треба да предложи претседател и уште еден член на ДИК, СДСМ предлага тројца членови, а ДУИ и најголемата опозициска партија од албанскиот блок по еден.

Веста дека во Собранието пристигнале измени на Изборниот законик наиде на остра реакција од ВМРО-ДПМНЕ, чиј координатор во парламентот, Драган Данев, побара прекинување на вчерашната собраниска седница уште на самиот нејзин почеток.

„Никогаш не се менувал Изборен законик без консултации со опозицијата. Власта само што го испрати еврокомесарот Хан до Собранието достави вакви ‘европски’ и ‘демократски’ измени на законот“, рече Данев од собраниската говорница.

Обидот на Владата да ја прескокне опозицијата при изборот на новиот состав на ДИК создаде неизвесност околу одржувањето на лидерската средба за референдумот, која премиерот Зоран Заев ја најави за вечерва. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски остави простор за постигнување договор околу ДИК за време на лидерската средба.

„Се разбира, оставаме можност и се надеваме дека опозицијата на најавената лидерска средба ќе покаже волја, конструктивност и ќе се надмине себеси во нејзиното политичко однесување. И дека ќе заземе поинаков став – против блокади, а за поддршка на стратегиските цели на граѓаните на Македонија“, рече Бошњаковски.

Според него, отсуството на одговорност кај опозицијата не може да биде пречка за изразување на волјата за мнозинството граѓани на земјава. Волјата на граѓаните, рече, ќе биде изразена на слободен и демократски организиран референдум.

„Време е опозицијата да докаже дали е за членство на Македонија во ЕУ и НАТО“, рече Бошњаковски.

Според него, блокадата на изборот на ДИК во Македонија е појава која е евидентирана во повеќе извештаи на Венециската комисија. Овие мислења се една од основите за измените кои ги предлага Владата.

„Во овие извештаи јасно и недвосмислено се наведува дека потребата од избор или менување на членови на некое тело и носители на функции со квалификувано мнозинство не смее да се претвори во контрапродуктивен инструмент за блокирање на процесите за формирање на клучни институции на системот. Институциите кои не можат да функционираат не ја остваруваат нивната уставна цел и ја поткопуваат демократијата. Клучно е да постојат механизми за откочување и надминување на вакви блокади со цел нормално одвивање на политичките процеси“, рече Бошњаковски.

Македонија е без ДИК уште од декември минатата година, кога членовите на претходниот состав поднесоа оставки поради скандалот со високите надоместоци за спроведување на последните изборни циклуси. Со изборот на новиот состав ан Комисијата, кој би имал мандат од само шест месеци, ќе се овозможи да почнат подготовките за референдумот за името, кој, според последните најави, би требало да се одржи во последната недела од септември или во првата од октомври. За да се стигнат тие рокови, парламентот треба да го распише референдумот до крајот на овој месец или евентуално во почетокот на август. Премиерот Заев најави дека во консултации со сите политички фактори, вклучително со ВМРО-ДПМНЕ, ќе ги усогласува референдумските детали, поточно карактерот на изјаснувањето (дали ќе биде консултативно или обврзувачко) и прашањето на кое граѓаните ќе треба да заокружат „да“ или „не“, кое би било поврзано со договорот со Грција и членството на Македонија во НАТО и во ЕУ.

Александра М. Митевска

Превземено од Независен весник

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here