дома Вести Клучен датум за решение на спорот е средбата Заев – Ципрас во...

Клучен датум за решение на спорот е средбата Заев – Ципрас во Софија

427
0
АКЦИЈА


Шестмесечните интензивни преговори меѓу македонската и грчката Влада за да се затвори тридеценискиот спор меѓу двете земји влегуваат во завршна фаза.

Под притисок на временските рокови – во јули е НАТО Самитот, а во јуни пристапните преговори со Унијата, месецов ќе се направат последни обиди за да се постигне можен договор кој би ја деблокирал евроатлантската иднина на Македонија. И покрај напорите направени на последните средби, остануваат разликите во однос на прашањето за промена на Уставот што го бара грчката страна и прашањето за опсегот на новото име.

Како клучен датум и последна шанса за решение се посочува средбата меѓу Заев и Ципрас која треба да се одржи на 17 мај во Софија на Самитот на ЕУ – Западен Балкан, а на која двајцата премиери ќе се обидат да најдат политичко решение за излез од ќорсокакаот.

Пред најавената средба и двајцата премиери не губат надеж дека компромис може да се постигне.

„Штом двете страни стигнаа до оваа фаза покажуваат сериозност кон проблемот и очекувам дека ќе има брзо решение. Доста граѓаните веќе не критикуваат време е да не пофалат“ рече Заев. И неговиот грчки колега Ципрас рече дека Грција за прв пат се обидува на толку решителен начин да најде замено прифатливо решение за спорот за името.

Преходно средба во Сунио близу Атина ќе имаат Димитров и Коѕијас кои оваа сабота ќе одржат нова рунда разговори со посредникот во спорот за името, медијаторот Метју Нимиц. На разговорите пред само една недела во Солун, министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Димитров и Коѕијас ги разгледуваа можните комбинации за двете преостанати потешки прашања во преговорите за спорот со името.

„ Како што знаете разлики се уште има. Ова што го правевме е испитување комбинации, кои едната или другата страна би можеле да ги прифатат, и тоа е нашата задача. За овие елементи треба да разговраме и дома и да ја искористиме и следната средба, Прашањето е комплексно и влогот е многу голем, изјави Димитров.

„Ние направивме толку многу работи, мојот пријател Димитров и јас, во изминатите неколку месеци, ќе беше жално, ако сето тоа не донесе ништо, одговори Коѕијас на прашањето за изгледите за договор.

Тој додаде дека двајцата министри ќе одат до самиот крај во потрагата по решение.

А решението во оваа фаза на преговорите зависи од тоа дали двете страни ќе се усогласат за временските рокови за исполнување на евентуалниот договор.

Портпаролот на грчката Влада вели дека Грција предлага неколку фази во спроведување на решението– и за тоа да има заеднички договор.

„Потребен е договор кој јасно ќе ги опише чекорите на решението. Промена на името во меѓународните односи, во продолжение признавање, на пример, од грчка страна, потоа промена на Уставот на поранешната југословенска Република Македонија за во Уставот да се вклучи новото име, а потоа поддршка од Грција за интеграција на соседот во сите меѓународни организации. Ова е позицијата што ја претставивме во преговорите, вели Ѕанакопулос.

За ова премиерот Заев пред извесно време кажа дека Уставот би се менувал кога би Македонија би влега во ЕУ.

„Можеби конечното решение ќе биде врзано со давањето на нашиот суверенитет на ЕУ, во која сакаме да бидеме членка и тогаш се отвара и Уставот, можеби и тука е решението, поради тоа што знаете дека Грција бара и промена на Уставот, заради промената на уставното име. Јас сум убеден дека креативноста ќе ги изнајде овие решенија“ рече Заев.

И Гералд Кнаус од Евроатлантската иницијатува вели дека дел од импелментацијата на договорот треба да се остави пред земјава да влезе во ЕУ.

„Кога би се постигнал евентуален договор за името, Грција би прифатила дека ова име ке ја замени референцата Поранешна Југословенска Република Македонија. За возврат на ова Грција ќе дозволи да започне процедурата за влез во меѓународните организации. Но, еве го проблемот – Грција сака да биде сигурна дека ова име во иднина ќе се користи како интернационално име, па ќе треба да се стави во Уставот дека ова географско име ќе стане интернационално име на државата кога ќе станете членка на ЕУ“ вели Кнаус во интервју со Борјан Јовановски.

Со вакви позиции двете страни влегуваат во финалните преговори за во самиот фото финиш да се обидат да го надминат тридеценискиот ривалитет меѓу двете земји.

Периодот е исклучително сензитивен, посебно ако се има предвид дека грчките власти се соочени и со интензивирање на повиците за предвремени избори од главните опозициски партии кои се највуваат за септември годинава, а догодина веќе се одржуваат изборите за Европскиот парламент.

ПРЕВЗЕМЕНО ОД: НОВА ТВ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here