дома Балкан Македонец ќе гради етносело во Врањска бања

Македонец ќе гради етносело во Врањска бања

452
0
АКЦИЈА

Македонски инвеститор ќе гради етносело во Врањска бања. Бизнисменот, чие име се држи во тајна, веќе стапил во контакт со тамошните власти и се чека одобрение за почеток на изградбата на објектот. Се проценува дека доколку сѐ биде во ред, етноселото најрано би почнало да функционира идното лето. Врањска бања се наоѓа четириесетина километри од границата со Македонија во близина на градот Врање, важи за една од најценетите српски лековити бањи, која забот на времето и неуспешната транзиција не дозволија да блесне во сиот сјај.
Веста за потенцијалната македонска инвестиција ја објави порталот „Инфо врањске“. Тој ја пренесе изјавата на пратеникот во српскиот парламент, Славиша Булатовиќ, кој е и претседател на локалниот огранок на Српската напредна партија (партијата на Александар Вучиќ) дека од оправдани причини не е во можност да го соопшти името на инвеститорот, но не ја криел локацијата за идното етносело.

„Станува збор за локација покрај хотелот ‘Железничар’ со површина од неколку хектари, па македонскиот инвеститор покажа интерес за реанимирање на овој затворен објект“, напомена Булатовиќ.

Пред повеќе од две години хотелот „Железничар“, чиј сопственик „Желтурист“ од Белград е во стечај, беше затворен за посетители.

Според нашите информации, кои ги добивме од огранокот на СНС во Врањска бања, целата процедура треба да помине преку Советот на градот, ќе се земат предвид идеите, плановите и средствата со кои располага потенцијалниот инвеститор, како и придобивките што градот ќе ги добие. Проектот ќе им биде претставен на советниците, на граѓаните и на целата јавност, по што ќе се дебатира за него. Планирано е да има хотел, ресторан, спа-центар и забавен парк. Името на инвеститорот, барам засега, се чува во тајност поради тоа што идејата е сѐ уште во фаза на почеток.

Врањска бања се наоѓа на крајниот југ од Србија и е сѐ попопуларна меѓу оние што бараат закрепнување и уживање во природата. Сместена на надморска височина од 400 метри, најпозната е по температурата на минералната вода, која се движи од 96 до 110 Целзиусови степени. Капацитетот ѝ е 140 литри во секунда, а на површина избива од десетина извори. Има 120 легла, а просечната цена за едно ноќевање е отприлика 25 евра по соба.

„Денеска Врањска бања претставува своевидна еколошка оаза со голем потенцијал за туризам и атрактивна дестинација за лекување посттрауматска состојба и низа заболувања, за подготовка на спортисти или едноставно пријатно место за одмор и рекреација“, стои во рекламата за бањата, која особено за викенд е посетена и од голем број македонски државјани.

Меѓу недостатоците се забележува руинираноста на објектите, пропаста на единствениот хотел и слабата понуда за забава на гостите.

Горан Адамовски

Превземено од Независен весник

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here