дома Балкан Интервју, Зоран Заев: Сигурни сме, чекориме во добра насока

Интервју, Зоран Заев: Сигурни сме, чекориме во добра насока

586
0
АКЦИЈА

Г-дине премиер, веќе девет месеци сте на оваа позиција. Има многу критики, почнаа веднаш со првите 100 дена. Почнаа и не запираат. Едни велат дека сте некадарни, други велат лоши кадровски решенија, трети заглавени реформи… Кој е вашиот личен впечаток како лидер и како премиер?
Јас сум среќен кога ќе се сетам каде бевме, а каде сме сега, до каде стигнавме. Бевме држава во изолација во која граѓаните живееја во страв, држава со политички тензии, а денес зборуваме за пријателства со соседите, за повисоки плати и за слобода. Слобода е, и критиката ја сфаќам како можност за корекција на власта. Следам внимателно и од каде доаѓаат тие критики. Доаѓаат од амбициите за позиции, но доаѓаат и од високите очекувања на граѓаните. Секогаш се трудам да ги земам предвид оние кои се конструктивни и аргументирани за да ги поправаме политиките и однесувањата.

Македонија има разноличност, широк избор на капацитети, на човечки ресурси, но не сите се нафаќаат да се впуштат во предизвици кои со себе носат и одредена одговорност, особено во време кога таа одговорност се однесува на сериозни општествени промени што се случуваат кај нас.

За мене се разбирливи критиките кои произлегуваат од високите очекувања. Граѓаните кои ги испорачуваат овие критики, веројатно, сметаат дека веднаш по паѓањето на режимот требаше да го почувствуваат животот, веднаш секој да најде работа, веднаш платите да пораснат и да се најдеме во една идеална состојба.

Но, ако се пристапи кон присутната критика со еден рационален и разумен пристап, ќе се дојде до ставот дека е сосема јасно дека наследивме еден тотален колапс, блокирани институции, политика поткрепена со регресивни закони кои создадоа услови и амбиент претходната власт да се чувствува, па дури и реално, да биде непроменлива, а од таквото владеење ние и денеска се соочуваме со последици и закани во системот на институциите. Заради криминалите и корупциите, државата беше целосно девастирана од секој аспект. За да се создадат услови за темелна промена и за отстранување на последиците од разрушениот систем неопходно е малку повеќе време. Системот мора да го регенирате од внатре во самите институции, не можете да увезете систем од надвор.

Имајќи го тоа предвид, јас, генерално, сум задоволен после 10 месеци до каде стигнавме. Се разбира, можеме и имаме намера да постигнеме многу повеќе. Работиме согласно околностите во кои се најде, или во кои се наоѓа Република Македонија. Ги уверувам граѓаните дека сме на вистинскиот пат, се движиме во добра насока и во тоа ќе бидат уверени сите граѓани на нашата земја.

Ги лоцирате проблемите, ги упатувате пораките, но она што ви се забележува дека не правите резови. Мислите дека е прерано, или им давате втора шанса на дел од претставниците на власта дали ќе одговорат на барањата?

Секако дека давам шанса. Не сум склон секогаш да ја одземам шансата или довербата што ја стекнале луѓето веднаш после некоја грешка, или после јавна перцепција за изневерено очекување. Ги земам предвид сите можни околности. На пример, дали во тој период постоеле сите неопходни ресурси за да се реализираат очекувањата. Ние веќе разрешивме некои од луѓето што беа ангажирани. Со сериозен пристап, и со одговорен пристап и кон нивните аргументи, сепак беше увидено и потврдено дека не постојат капацитети, или дека имаме недостиг од етички пристап во работата, и така беа собрани доволно причини за да им се заблагодариме.

Мојот пристап тргнува и од обврските и задачите што се зацртани, што се програмски активности на Владата во целина. За да се стигне до одредена цел, треба да функционира комплетниот владин систем. Тоа се важни и деликатни процеси и некои одлуки за резови, како што велите вие, не мора да се донесуваат веднаш, без да се има предвид динамиката на процесот во целина. Затоа јас верувам во капацитетите на Владата во целина, не само во личните капацитет на одделните министри, заменици, државни секретари, директорите на институциите, агенциите, на јавните претпријатија… Јас ја гледам, ја препознавам таа капацитетност. Таа е многу посилна од она што го имавме во претходниот период, и сега треба да следува испораката на резултати за да потврдат граѓаните дека ги почувствувале промените од промената на власта.

Дали лоциравте што е нефункционално?

Лоциравме институции и систем кои се блокирани, кои се нефункционални како сервиси за граѓаните, заради постоечки законски решенија. Тоа се решава со промени во легислативата. Затоа влеговме во реформи. Тешки, но неопходни реформи. За да ги ослободиме институциите, за да профункционира системот како граѓански сервис. На пример, имате раководители на сектори во одделни министерства со голем број раководители на одделенија во тие сектори кои се сѐ уште целосно партиски назначени од претходната власт. Ставени се да раководат со проекти во тие сектори, а никогаш не го виделе проектот. Законот вели, според сегашниот систем на евалуација на работата на администрацијата, дека за да ги промените треба во три полугодија да добијат негативна оценка или самите да дадат изјава. Сѐ друго е кршење на законот.

Имаме наследени ситуации со кои се соочуваме поврзани со сериозни коруптивни и штетни договори. Еве ви уште еден пример: За договори за Скопје 2014 имаме наследен долг од 280 милиони евра. Ако сакаме да го раскинеме договорот, тој вели дека ќе треба да платиме 450 милиони евра, вклучувајќи ги и каматите. За некои од тие проекти се најде начин како да бидат прекинати и да не му прават штета на буџетот, на парите на граѓаните, но за некои бевме ставени пред свршен чин.

Имајте предвид дека, на пример, 280 милиони евра се околу 70 отсто од вкупните пари во буџетот предвидени за капитални инвестиции.

Овие околности се реални пречки во процесот на испорачување резултати кои граѓаните ги очекуваат од нас. Ќе беше многу полесна таа испорака, ако не беа вакви, катастрофални, последиците од претходното владеење.

Најавувате промени во кадровските решенија, најавувате реконструкција. Знаете кого точно ќе смените?

Имам прилично јасна претстава какви решенија треба да бидат преземени. Ги правам последните консултации. На разрешувањата треба веднаш да им следуваат и новите именувања. Затоа овој процес не е така едноставен. Пакетот мора да биде спакуван комплетно. Сакам да напоменам дека реконструкцијата се појавува како потреба и од намерата да го зголемиме и зајакнеме парламентарното мнозинство. Со зголемувањето на парламентарното мнозинство се отвора и шансата за промени таму каде што нема резултати. За мене е сосема логично некој што не може да испорача резултати да биде разрешен или сам да се повлече. Можеби тие луѓе се покорисни на некои други позиции. Како и да е, субјективните не треба да влијаат на успорување на политиките со кои го враќаме животот за сите. Затоа влегов отворено, транспарентно во разговори за сите овие опции, за реконструкција, за зголемување на парламентарното мнозинство.

Господине Заев, ќе чепнете ли нешто кај најголемиот коалициски партнер зашто има многу забелешки кои се упатуваат на таа адреса. Дел од критиките се однесуваат на кадровските решенија на СДСМ, но многу повеќе се насочени кон кадровските решенија на ДУИ, бидејќи се очекуваше од таму да дојдат нови луѓе?

ДУИ понуди луѓе кои не беа во претходната власт. Луѓе кои даваа надеж дека ќе се работи. Јас на луѓето во Владата не гледам како на луѓе од СДСМ, како луѓе кои дојдоа од експертската сфера, од граѓанскиот сектор или од било која друга партија. Гледам на нив како на луѓе кои треба да испорачаат резултати. Дополнителен критериум за мене, е колку нивната работа влијае да се забележи разлика од политиките на претходната власт, дали работата на институцијата е променета на подобро. Граѓаните ја променија власта и логично е да очекуваат конкретни, видливи промени во институциите. Следува прашањето дали сме реализирале барем дел од ветувањата, од програмата што сами ја понудивме. Носителите на јавни функции мора да испорачаат резултати со кои се подобрува животот на граѓаните . Во тие рамки ќе се движат размислувањата и одлуките за промените што ќе следуваат.

Многумина го врзуваат тоа кревко парламентарно мнозинство и со постапката за донесувањето на Законот за употреба на јазиците. Оттаму дојдоа и реакциите дека не сте ги испочитувале процедурите!

Не. На кревкото парламентарно мнозинство гледам и како предност. Нема услови за создавање диктатор со такво мнозинство. Секогаш мора да се прави баланс. Да го удостоиш и сослушаш барањето и на најмалиот коалициски партнер. Тоа е демократијата. Тоа создава можност да биде слушнат секој глас.

Од друга страна, кога зборувам за негово зголемување ги имам предвид одлуките што не чекаат, нивната сериозна тежина и значење. Не чекаат одлуки за НАТО и за ЕУ. Дај Боже за почеток за преговори, одлуки за прашањето што Грција го има со нашето уставно име. Не чекаат сложени реформи во вториот и третиот пакет, пред сѐ во правосудството, сериозни економски реформи, офанзиви за нови работни места и повисоки плати, сериозни одлуки за институции кои државата ги дотира на лажичка, кои не се продуктивни.

Велам, сериозни, големи одлуки стојат пред нас и затоа велам кревкото парламентарно мнозинство го гледам како демократија, тоа не е пречка да носиме одлуки. Од друга страна знам дека ако некоја одлука не се донесе, тоа не е болка за умирање. Јас ја ценам многу позитивно дебатата во Парламентот, во комисиите, во работните групи во кои што и јас понекогаш учествувам. Тоа е резултат и квалитет дека демократијата повторно ја вративме во институциите и во политичкиот дијалог. Тоа е добар предуслов за враќањето на довербата кај граѓаните за државата.

Велите проширување и дали тоа значи дека веќе се избегнуваат проблемите што може да ги предизвика кревкото мнозинство?

Беше тешко кога не можевме да се договориме со Алијансата на Албанците. Знаете дека имавме ситуација кога без нивните двајца пратеници, мнозинството можеше да се сведе на 60 пратеници. Тоа беше тешка ситуација. Следуваат разговори со дел од пратениците од македонскиот блок. Со некои од нив, без оглед на политичките разлики од минатото, повторно се споивме заради вредностите кои не обединуваат. На пример Чедомир Саздовски. Едно време се разидовме, но останаа контактите меѓу нас. Тој сега е член на ЦО на СДСМ, верува во политиките на Владата, верува во насоките кон кои ги усмеривме промените. Разговаравме и се догоговоривме и со пратеникот од Турската демократска партија, и сега и тој е дел од парламентарното мнозинство. И тој, и членовите на неговата партија даваат поддршка за политиките, особено за концептот „Едно општество за сите“. Нивните кадровски понуди се добри решенија и веќе се вградени во позициите на владините институции. Продолжувам да разговарам со претставниците на помалубројните етнички заедници, и настојувам да најдеме заеднички јазик и со другите партии од албанскиот блок и кога ќе завршат разговорите ќе имаме постабилно мнозинство во парламентот.

За албанскиот блок има една забелешка, односно прашање кое вели дали Заев се откажа од Албанците што гласаа за СДСМ и кои веруваат и влегоа во приказната „Едно општество за сите“, а беа против политиките што ги практикуваше ДУИ.

Да бидеме реални, најголем дел од Албанците, сепак, гласаа за ДУИ. Навистина, некаде 20-22 проценти од Албанците гласаа за политиките што ги промовиравме јас и СДСМ, но денеска концептот „Едно општество за сите“ го создаваме и градиме заедно со ДУИ и коалицијата, и тоа го гледаат сите. Тоа може да се види во сите сегменти на општеството. Денеска имаме Албанци за раководители на сериозни, главни институции. Тие доаѓаат како предлог на СДСМ. Од СДСМ доаѓаат предлози за позиционирање на раководни места на припадници на останатите етнички заедници. Рамноправната застапеност во институциите е филозофија на работење на Владата. Правата, заштитата, укажувањата за корекции, се однесуваат еднакво за сите. Таквото општество ќе ни помогне на сите, растоварени од бремето што ја оптоварува Македонија од независноста до денес, да се фокусираме на темите што се важни за сите нас: земјоделството, економијата, образованието, здравството, инфраструктурата… Сето она што значи живот за граѓаните.

Последниот аспект на релаксирање на меѓуетничките односи, на нивно ставање во рамки токму на концептот што го нуди идејата за едно општество за сите е заокружување на легислативните обврски од Охридскиот рамковен договор. Тоа заокружување го прави токму Законот за употреба на јазиците како едно неостварено уставно право на другите етнички заедници во земјата. Ако дозволиме да заживее ќе видиме дека не е никаква болка, а, впрочем, ќе овозможи граѓаните државата да ја чувствуваат за своја бидејќи им се дозволени, покрај обврските, и правата што треба да ги поседува секој граѓанин на државата. Од тој аспект јас сум убеден дека тоа што се создава во Република Македонија е трајна придобивка која што ќе направи земја од која сите ќе се гордееме.

Пред некој ден лидерот на опозицијата Мицковски вели „многу политика, малку економија“, дека сме биле изложени на економско цунами, на депресија и на нови задолжувања!

За некои работи со Мицковски се согласуваме, особено во делот на реформите. Се договараме и мислам дека можеме да најдеме заеднички прифатливи решенија кога се работи за прашања од национален интерес. Но, кога зборува за економијата, мислам дека не се снаоѓа најдобро. Република Македонија беше во минус. Беше урнисана држава, финансиски комплетно разнебитена. Имајќи сето тоа предвид, до она што досега стигнавме кога успеавме да го стабилизираме буџетот на државата, да постигнеме раст на економијата, почнаа платите во Република Македонија да растат. Без разлика кој како ќе го сфати тоа, но за овие прашања можам да им држам лекции на Мицковски и на опозицијата до сабајле, па и повеќе. Најголем дел од времето го посветувам на економските прашања, меѓу другото и затоа што сум економист. Јас имам добар министер за надворешни работи, добар министер за евроинтеграции кои што ги тераат тие процеси, за кои не треба да се заборави дека имаат големи врски и со економијата, и со нив заедно ги конципиравме и комплетиравме нашите стратешки позиции кога се во прашање меѓународната политика и евроинтеграциите. Затоа мене ми останува голем дел од времето да го посветам на најважното прашање од интерес на граѓаните, економијата.

Ние ќе ги реализираме сите економски проекти што ги зацртавме, а за кои во изминатиов период, работевме на сите документации, услови и логистика за да можат да се остварат на најдобар можен начин. Со реализацијата на овие стратешки економски проекти, Македонија влегува во пролетна економска офанзива.

Еве, дозволете да изложам само некои примери и аргументи за ова мое тврдење. Во Македонија започна изградба, реконструкција и рехабилитација на патната инфраструктура во должина од 800 километри и со вредност од 270 милиони евра. Целата градежна оператива ќе работи буквално на целата територија на државата. Паралелно со тоа, со пренамената на парите на ТАВ, наменети за карго аеродромот кој се покажа како неодржлив проект, во висина од 35 милиони евра, заедно со заштедени пари од непродуктивни трошоци на институциите во висина од 25 милиони евра, ќе бидат насочени за изградба на градинки, училишта, канализациони мрежи и водоводи. И овие инфраструктурни проекти започнуваат да се градат оваа пролет. Во делот на капиталните инвестиции, имаме дополнителни 400 милиони евра за болници и други објекти од јавен и непосреден интерес за граѓаните. Не се тоа споменици и политикантски музеи.

Со сите мерки што само во овие 10 месеци ги спроведуваме, ослободуваме финансиски средства од непродуктивни трошоци и со тоа создаваме услови за зголемување на висината на социјалната помош. Анализите велат, доколку продолжиме со овие трендови на домаќинско работење, во комбинација со економскиот раст, на 1 јануари 2019 година ќе се создадат услови просечната социјална помош од 4200 денари, да ја достигне висината од 11 илјади и петстотини денари.

Паралелно, во истиот период, до 1 јануари 2019 година, имаме намера да го стабилизараме пензискиот фонд за да се гарантираат пензиите, и нивниот соодветен раст, на активните, како и на сите идни пензионери.

Системот хидроцентрали Чебрен и Галиште ќе го градиме сами со домашно финансирање и со домашни компании. Отпочнува реализацијата на два џиновски проекти секој од по 200 милиони евра во Скопје. Едниот е проектот на просторот на поранешниот Скопски Саем, и другиот на големата турска компанија Лимак.

Ние се определивме да им даваме поддршка на ваквите проекти заради градежните компании, а не на проекти за споменици и фасади. ИГМ и нивниот индиски партнер градат фабрика за ладно валање во вредност од 60 милиони евра, која е еколошки комплетно заокружен проект. Заокружен е проект во вредност од 50 милиони евра за фотоволтаици без фидинг тарифа, односно без дополнителни пари од државата. Кон крајот на годината ќе отпочне изградбата на нови ветерници од 36 мегавати, ЕЛЕМ ќе гради уште два такви комплекса од ветерници од по 15 мегавати кај Богданци.

Проекциите на економски раст, на консолидација на буџетските приливи ќе ни овозможат реализација на ослободувањето од партиципацијата за болничко лекување за сите граѓани. Граѓаните заштедија 11,4 милиони евра само од евтината тарифа на струјата. Им заштедивме 12,4 милиони евра на граѓаните со укинувањето на радиодифузната такса. Спиралата на растот на платите што ја активиравме со покачувањето на минималната плата, доведе до раст на просечната плата за 5,6 отсто, нешто што не се случило од 2010 година. Убеден сум дека не до крајот на мандатот, како што ветивме, туку до крајот на 2019 година просечната плата ќе ја доведеме до висина од 500 евра.

И на крајот, дозволете ми да ви дадам аргументи за да се направи паралела: За сите 11 години од владеењето на претходната власт, и поттрошените пари од 250 милиони евра за реклами за медиуми, за промотори, за роуд шоуа, дојдоа 23 странски инвеститори. И тоа е добро.

Но, ние, за 10 месеци, без ниту еден денар за реклами или за роуд шоуа, потпишавме договори со 10 големи компании странски инвеститори. Пред потпишување сме на уште нови 8, од кои што 3 се домашни компании бидејќи поддршката за инвестиции сега важи поеднакво и за домашните компании. Преговараме со близу 200 компании, и тоа не е само заради тоа што само настана промена на власта. За оваа клима придонесоа новите политики што ги градиме за пријателство со земјите во регионот, за релаксирање на односите и за создавање клима за соработка како добра основа за бизнис иницијативи. Тоа го враќа животот во Република Македонија. Животот е и имотниот лист што конечно ќе го земеме за Република Македонија. Го прочитав некаде тоа и ми изгледа сосема соодветно: Ќе земеме имотен лист ако станеме членка на НАТО, ако ги започнеме преговорите со ЕУ. Тоа на крајот значи повторно дополнителни услови за нови работни места, повторно значи економија.

Да завршам, лекција од економски план Мицковски може да добие кога сака.

Меѓутоа, едно се бројките, едно се најавите, вие ја имате целата слика во глава, и тоа најверојатно ќе го разберат економистите, знаат за што зборувате. Kако обичниот човек да не се изгуби во бројкиве, кога временски ќе го почувствува сето тоа?

Денеска кога го давам ова интервју се вратив од Штип, каде што разговарав со работодавачите, но претходно ги видов и текстилните работнички во фабриките. Има недостаток на работна сила.

Борба е кој ќе земе работник повеќе. Зборувам за квалификуваните работници. Разговараме како да направиме преквалификација на граѓаните, за да можат тие што се невработени полесно да најдат работа. Тоа ја отвора и спиралата на плати. Кој ќе плати повеќе тој ќе го добие работникот. Во едни вакви околности, кога доаѓаат со таков интензитет нови инвестиции странски и домашни, на крајот ќе има зголемена побарувачка за работна сила.

Ако има зголемена побарувачка на работна сила, тоа ќе значи зголемени плати за граѓаните во Република Македонија. Ако има поголеми плати, тоа значи дека граѓаните ќе имаат постабилни буџети.

Ако се обидеме со штедливото трошење на јавните пари и кратење на непродуктивните трошоци, да вратиме назад кон граѓаните, преку ослободување на трошоци, преку укинување на одредени давачки, кои што ги имаат граѓаните, или преку одредени други бенефиции што може да ги добиваат граѓаните, тоа ќе го подигне стандардот на граѓаните.

И не може да не се почувствува, 11,4 милиони евра заштеда од евтината струја на два милиони народ, сигурно ја почувствувале домаќинствата на своите сметки.

Толку се заштедите, и фала Богу, двата часа ефтина тарифа граѓаните ја користат.

Ние мислевме дека до осум милиони ќе биде заштедата, излезе поголема, што е добро.

Само укинувањето на две давачки во катастарот, а сите барем еднаш годишно одиме до катастарот, ги намали и трошоците кај граѓаните. Тоа се само дел од мерките што собрани во целост значат подобар живот за граѓаните.

Од тој аспект, и демократијата, и критика на јавноста, сето тоа е во делот на подобриот амбиент на секојдневието, на животот. Повисоките плати, помалите трошоци и слободата, тоа е животот.

Треба да ги продолжиме реформите. Ако успееме во реформите во правосудството, ако навистина успееме и во реформите во медиумите, ако успееме во реформите во јавната администрација, а успеваме ќе добиеме безусловена препорака за старт на преговори со ЕУ.

Не е џабе најавата дека ако успееме со реформите да одиме со ова темпо и понатаму, дека е можно, и дека е многу извесно да добиеме датум за почеток на преговори. Знаете, Европската Унија е поприлично скржава ако нема резултати. Ако немате резултати, ќе добиете само одлагање и одлагање и одлагање…

Убедени сте дека доколку се реши името, реформите нема да бидат спорни?

Апсолутно. Јас сум задоволен од реформите. Јас сум задоволен како течат процесите. Јас го поздравувам и учеството на опозицијата во реформите и го сметам тоа дека е од национален интерес.

Да, точно е дека како власт направивме отстапки, и тоа треба да се прави така. Од опозицијата имавме аргументирани предлози. И овде нема инает. Мора широчина и разбирање за опозицијата. Но точно е дека и опозицијата го чувствува моментот дека е важна за државата. Јас знам да искритикувам, пред малку го критикував Мицковски. Но, на ова прашање, нема да искритикувам поради тоа што кај работните групи кои што работеа, кои што ги нудеа решенијата од двете страни, се надевам дека до крај така ќе се заврши, видов конструктивност, и тоа не можам да не го потврдам.

Зошто? Затоа што е од интерес на државата. Моментот е многу важен. Не смееме да го испуштиме. И јас сум среќен, што во Македонија е редок случај, од независноста, вака да се договараат сериозни реформски пакети. Зборуваме за Закон за Судски совет, за Закон за судовите, за Закон за следење на комуникациите, за Закон за заштитени сведоци, Закон за аудио и адуивизуелни медиумски услуги, за сериозни закони што треба да го оформат амбиентот на животот кој што сакаме да го создадеме. И овде имаме конструктивен пристап. Треба да се посветиме на имплементацијата на тие реформи. Да дадат свои резултати така што граѓаните ќе кажат „е да, сега тоа го чувствувам, сега е поинаку“.

За имплементацијата на реформите клучна е професионалната и етична администрација, а не онаа се раководи од максимата „државна работа клати врата – земај плата“. Кога имате етнички клуч или сега како се нарекува правична застапеност не е неопходно да се поседуваат соодветни квалификации… Реформата ќе ја спроведеме, но дали ќе биде ефикасно тоа спроведување, ако тој пристап не се смени?

Допревте многу важно прашање, што, исто така, е и моја преокупација.

Јас за жал, можам слободно да кажам, продуктивноста на администрацијата е катастрофална. Значи не лоша, туку катастрофална.

И точна е фразата, „клати врата – земај плата“, но јас би додал и „хихихи – хохохо, кафето да го испиеме, весникот да го прочитаме, порталите да ги искоментираме…”, и толку е. А некој чека надвор. А од тоа негово чекање зависи дали тој административец ќе земе плата.

Посветуваме внимание, и овде сме и психолози и педагози. Јас сум најверојатно првиот политичар кој рече нема покачување на плата на јавната администрација, додека не видам ефикасност и ефективност. И во суштина тоа и го мислам.

Значи кога доаѓаме на работа, тие 8 часа мора да ги сработиме. Затоа што токму на нас, на јавната администрација, некој ни дал шанса баш ние да бидеме тие. Сакаат и многу други луѓе да бидат на нашето место, па дај чесно да си ја изработиме работата. Во вакви околности, ако ја дигнеме продуктивноста на јавната администрација, Македонија, ќе направи еден сериозен прескок. Оттука само ќе им се заблагодариме на сите што нема да си ја работат својата работа. Тое е еден коректив.

Другиот коректив се конкурсите и критериуми и во делот на вработувањето. Знаете дека ние во 180 институции не ги разрешивме директорите во еден ден. Оставивме многу важни институции да го истераат мандатот до крајот, па после, на конкурс да си дојдат професионални луѓе, и ќе продолжиме така понатаму.

Иако не е лесно да се биде во политичка коалиција, мнозинство, да формираш Влада, а да ги имаш и политичките аспекти. Буквално се обидуваме…

Па нели е тоа блокадата? Кога велите дека има луѓе што се некомпетентни, кои што се внатре и ги обременуваат промените, не можете да ги искористите за ништо…

Работиме, секој да биде искористен. Тој што не може да биде искористен, ќе му се заблагодариме или сам ќе си замине на некое место каде што го ќе го бива.

Во моментот со средно образование во јавна администрација се зема плата од 14.500 денари. Во приватниот сектор во Република Македонија со средно се земаат плати од 18 до 24 илјади денари поради недостигот на работна сила. Премините кон бизнис секторот се реални, за тоа овозможуваме и преквалификации и тоа, само по себе, ќе направи одредено олабавување во администрацијата.

Јас јавно ветив дека нема да има отпуштања во јавната администрација од политички причини или реваншизам. И нема. Но, никогаш не ветив дека ако некој не си ја гледа работата, нема да биде отпуштен од работа. Секој што не си ја гледа работата, треба да очекува дека ќе дојде денот кога по закон ќе бидеме должни да му се заблагодариме, фала-пријатно и готово.

Парламентарците кога станува збор за критика кон опонентот, кон власта или опозицијата, се многу гласни. Меѓутоа, кога ќе треба да спроведат мерки или законски решенија, на пример да си ги скратат патните трошоци, да си ги скратат апанажите, да се откажат од нешто, тогаш се обединети.

Е не е баш така. Еве законот за патните трошоци на пратениците, кој го отвора? Самите пратеници. Зошто? Слушнаа критика од јавноста. И веќе предложија неколку видови механизми како да го решат прашањето на патните трошоци.

Самите седнаа со експертите и изработија алатки и механизми. И еден дел од пратениците не се согласуваат. Зборувам за пратеници. Без разлика дали се од владеачкото мнозинство или од опозиција. Има дел од оние првите што не се согласуваат има дел од опозициските пратеници што исто така што не се согласуваат.

Така што демократски, дебатата е отворена.

Околу конструктивноста на опозицијата. Во поглед на реформите рековте дека се во вистинска насока. Колку очекувате таа конструктивност да ја имате и за суштинското прашање за името и за членството во ЕУ и НАТО?

Јас очекувам дека јавно искажаниот збор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и на високите претставници на таа партија ќе биде испочитуван, дека се посветени и дека даваат поддршка на интеграциите на Република Македонија во НАТО и во ЕУ.

Досега ние споделувавме информации околу процесот со Грција. Со сите детали кои што ги знаеме, апсолутно.

Верувам дека опозицијата во Македонија има свои црвени линии, но исто така, и таа посакува решение на проблемот што Грција го има со нашето уставно име.

Како прво затоа што искрено сакаат интеграција во НАТО и во ЕУ, и второ зашто се надеваат дека е можно решение, како што се надевам и јас, без да се чепне достоинството и идентитетот на граѓаните на Република Македонија.

Секако, во вакви околности, јас имам целосно право и желба, да очекувам конструктивен пристап од страна на опозицијата, а секако и од Претседателот на државата, зашто очекувам дека националните интереси им се пред сѐ и над сѐ, без разлика на политичките афилијации. И, ако успееме во оваа работа, тоа ќе биде успех на сите нас, заедно.

Успех на граѓаните на Република Македонија, успех на сите политички партии, и на сите партиципиенти во власта. Ако изгубиме, сите ќе изгубиме – ако добиеме, сите ќе добиеме.

Од тој аспект јас верувам дека со можно решение, кое што ќе го сочува достоинството и идентитетот на нашите граѓани, можеме да демонстрираме национален консензус, власта и опозицијата, заедно со граѓаните.

Ќе се подигне ли нивото на разговорите со Грција? Ќе се видите со Ципрас по празниците?

Сега по празниците следува уште една средба помеѓу двајцата министри за надворешни работи. Верувам дека тој процес се доближува до моментот кога треба да следува средба помеѓу мене и Ципрас. Тоа ќе значи дека напредокот во разговорите стинал до тоа ниво за да се премине и на ниво на премиери на државите.

Ако слушнат граѓаните дека се закажува средба помеѓу Заев и Ципрас, тоа значи конкретна практична потврда, дека преговорите се во вистинска насока и дека е можно да се дојде до решение.

Јас верувам дека тоа е возможно, јас верувам дека е добро за Македонија да се случи колку што може порано поради тоа што тоа за нас значи комплетна гаранција за добивање датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, но и автоматска покана за членство во НАТО.

Сега веќе никој не спомнува црвени линии. Завршница е, може така да се каже, финиширање на тие преговори, но сепак, ќе откриете до каде, под што не може?

Ако добро ме анализирате лесно ќе сфатите кога зборувам за достоинството и идентитетот. Тие се отприлика црвените линии. И чувството на достоинство е секогаш она кое што не боли, дали некој ќе не погази, дали некој ќе се обидува да не обезличи, дали ќе не омаловажи. Затоа што омаловажени, обезличени, повредени не сме ни достоинствен партнер за партнерството за кое што се залагаме. Јас ова многу добро го знам и затоа водам голема грижа решението да биде достоинствено за двете страни.

Јас верувам дека и пријателите од Грција тоа го знаат. Како што и јас водам грижа за тоа, како премиерот Ципрас и министерот Коѕијас, ќе го поминат низ институциите на системот, пред Парламентот, како ќе им го објаснат на граѓаните решението за кое ќе постигнеме согласност.

Оттаму, и јас очекувам и тие да водат грижа за нашите позиции пред нашиот народ и институциите, како нивни партнери во овие разговори. И верувам дека досегашната посветеност на процесот, чекорите кои што се покажани овозможуваат придвижување. И се придвижуваме. Има позитивен исчекор од Виена за кој верувам ќе биде заокружен дополнително на 11 или 12 април, на следната средба помеѓу министрите. На крајот на април, или, можеби, почетокот на мај, можно е да имаме средба на премиерско ниво. Тоа секако зависи од двете страни, но треба да знаат граѓаните, важно е прашањето, премногу важно, но не по секоја цена, како што рековме.

Истовремено, од она што го знам од досегашниот процес на разговорите со Грција, имам целосно право да бидам оптимист.

Јас знам дека оптимизмот движи, и дека сум најмногу поради тоа оптимист, иако сум секако свесен дека оптимизмот може да значи и големо разочарување.

Но, без разлика дали сме блиску до членството во Европската Унија и или во НАТО, ние можеме само да потврдиме дека она што неизбежно ќе го правиме во која било варијатна е да ги унапредувавме институциите и економијата, да ги реформираме, да ги направиме поквалитетни, поблиски до граѓаните и за граѓаните. Да градиме пријателство со сите наши соседи, без разлика на ЕУ и НАТО, затоа што пријателството носи трговија, носи економија, носи работни места, носи размена на искуства, знаење и вештини.

Така што, убеден сум дека ваквите процеси кои што ги движиме, пред сѐ, на крајот значат подобра економија, подобар стандард за граѓаните, поквалитетен живот, и чувство дека сме на ниво, рамо до рамо со граѓаните од Западна Европа.

Тоа значи, дека за да го заокружиме моментот со името, оптимистичкиот пристап и сето она што го кажавте, нема да ни требаат дипломатски булдожери од Западна Европа за завршница?

Кога влеговме со премиерот Борисов во разговорите за Договорот за доброседство и пријателство со Бугарија, јас слично очекував дека ќе дојде некој булдожер, тоа што велите, некои од пријателите од Европа, од Америка, од некои други пријателски земји и институции. Но, успеавме сами. Успеаа нашите тимови, креативноста на речениците, успеавме веројатно и со храброста и денеска видовме дека сме имале право. Не загуби ништо Македонија, не загуби ниту Бугарија. Добивме 11,5 проценти зголемена трговија помеѓу двете земји. Да се креираат се повеќе музички и уметнички иницијативи од двете земји. Општините се повеќе и повеќе да соработуваат, бизнисмените да инвестираат и тука и таму. Буквално од двете страни. И едноставно и да бараме некоја негативност, не можеме да ја најдеме. А, не можеме да ги наброиме буквално, од што се многу, позитивните аспекти.

Јас тоа го носам со себе како искуство, за мене е многу пријатно и тоа ми дава за право дека е можно и билатерално да најдеме решение. Најдобро е билатерално. Ќе покажеме капацитетност и кон САД и кон ЕУ, и кон целиот останат свет, дека сме на ниво, созреани. Да бидеме рамноправни со целиот демократски развиен свет. Не само ние, туку и Грција. Заради тоа што тоа е во интерес на двете земји. Јас ја почитувам многу, изјавата на Ципрас: Без разлика на политички кариери. Тоа го кажувам и за себе. Многу е вредно решавањето на ова прашање, оти и за Македонија и за Грција отвора сериозни перспективи, без разлика на нашите политички кариери. Политичарите, доаѓаат и си заминуваат. Но, да ја обезбедите попатно добрата иднина за својата земја, е тоа е нешто што останува вековно забележано.

НАТО. Што доколку во овој период не го најдеме решението, или ќе дојде подоцна. Можно ли е, некаков специјален статус, некаков влез во НАТО, а во перспектива да дојде до решавање на ова прашање?

Тоа, што некои кулоари велат, може и под ФИРОМ ќе влеземе, ќе не внесат без разлика дали ќе го решиме името или не, мислам дека тоа не е возможно. Зошто? Кога беше Генералниот секретар на НАТО Столтенберг овде рече не бива таа работа. И, тоа е чесен пристап. Да знаеме, јас да знам, и граѓаните на Македонија да знаат дека ако не најдеме прашање на решението на проблемот што Грција го има со нашето уставно име, ние покана за членство во НАТО нема да добиеме.

Да, возможно е асоцијативно членство по теркот на Шведска и други земји, може да добиеме како што добивме по 2008 година, Стратешко партнерство со Америка, со Турција, со земји пријатели. Немаме проблем за тоа, но нашата желба е членство во НАТО. Асоцијативното членство, веројатно ќе го добиеме. Јас дури и не размислувам дали ќе го добиеме или не, оти јас очекувам покана за членство во НАТО. Веројатно за тој период, додека се ратификуваат договорите, би требало да одиме на референдум, ако имаме решение на проблемот, да го искористиме. Гледам, во Црна Гора, година и пол траеше ратификацијата. Имаме доволно време, но поканата за членство во НАТО, значи НАТО. И, нема дилеми дека ќе го ратификуваат земјите. Додека трае целиот овој процес, тоа, паралелно значи инвестиции. Паралелно значи фондови, паралелно значи повеќе пари за граѓаните. Паралелно значи и повисок стандард за сите нас. И, јас сум убеден дека треба да бидеме 100 процентно фокусирани на отворање на перспективите на нашата земја или како што спомнав пред малку и како што велат некои пријатели, добивање на имотниот лист за Република Македонија.

Сакам да ве прашам за вашиот став „не ни се потребни предвремени избори, туку реформи. Од она што досега го кажавте, сепак дали се можни предвремение избори ако добиеме влез во НАТО и преговори со ЕУ?

Јас, реков јавно и ќе го повторам ставот пред вашиот ценет медиум, каков што е МИА: Јас сум против предвремени избори. Зошто сум против? Прво, критикував, кога се одеше на предвремени избори. Второ, доаѓам од деловниот сектор. Постојани избори се проблем за стопанството. Проблем се за секое семејство во планирањето. Чесно е, премиерот кога има такво чувство, да го сподели тоа чувство со граѓаните. И затоа реков: Јас не сум за предвремени избори. Чесно е, Владата да го истера својот мандат, до крајот на еден цел изборен циклус, односно четиригодишен мандат. Тоа за бизнисмените значи отворен пат за добро планирање. Тоа за секое семејство и за граѓаните значи можност за извесност и предвидливост, што да прават во наредните две три години кои што остануваат до редовните парламентарни избори. Јас гледате колку убедено зборувам, заради тоа што сакам и себеси да се убедам дека ќе добиеме покана за НАТО. Ќе добиеме датум за почеток на преговорите и тогаш ако одам на избори, веројатно ќе добиеме многу повеќе од 49 пратеници, колку што сега добивме. Ама, тоа е горко чувство. Ќе речат, Заев само сака повеќе мандат и повеќе години да владее. Но, што со земјата наша? Што со процесите кои ќе ги сопреме? Што со инвестициите кои се подготвени, па се одложуваат? Значи, во ред, јас ќе го прокнижам тој успех, ама треба да покажеме и економски резултат. Треба да успеат реформите до крај. И на крајот, на купче, нека не ценат граѓаните, во 2020 година кога се редовните избори, ако сме добри, ќе не поддржат, ако не, здраво е да се случат промените.

Така да, расоварени сме околу тоа прашање, и јас и повеќето од парламентарното мнозинство и од Владата. Ако заслужуваме да останеме на власт добро, ако не, сме биле долги години опозиција повторно ќе одиме во опозиција, нема дилеми. Но, секако тоа сум само јас. Јас сум, само еден од чинителите. Веројатно, еден од повлијателните заради позицијата премиер, но изборите можат да бидат индуцирани и од опозицијата, како и од други околности, кои што не зависат само од Заев или од парламентарно мнозинство или од тимот на Заев. Ова, го кажувам како мој став. Веројатно, ќе влијаам со тој мој став. Веројатно, опозицијата ќе бара во одредени временски периоди, предвремени избори.

Опозицијата најави ,,пролетно будење”!

Добро, редно е да се разбуди опозицијата. И тоа е алатка, да се разбуди власта ако во некој сегмент заспала. Знаете, еден од проблемите, што не го набројав е токму тоа. Ако опозицијата е во Парламентот, ако опозицијата е силна и разбудена, нема зијан од тоа, опозицијата може да ја направи само подобра власта. Од тоа ќе добијат граѓаните. Во моментот, водиме со некои шест-седум процентни поени. Веројатно, новото раководство во ВМРО-ДПМНЕ тешко се снаоѓа, веројатно имаме испорачано резултати. Генерално, не е целосно согласно моите очекувања и перцепцијата на граѓаните за власта, но апсолутно сум растоварен од такви прашања кога знам што мора да сработам јас, владата и сите други институции заради граѓаните. И од тој аспект, верувам дека доаѓа убаво време за Република Македонија.

Во тој контекст е она разногласие што го слушнавме меѓу Тевдовски и Анѓушев, па вие смиривте дека тоа само покажува дека е потребна дебата? Околу прагот за 1000 евра како основица за данокот на доход?

Па, демократија е. Знаете како е, Тевдовски е непоправлив левичар. Кочо Анѓушев од деловната заедница. Тоа е легитимна здрава дебата. На крајот секој кажува ставови. Тевдовски, повтори мои ставови што јас сум ги кажувал за потребата од фер даноци, од праведен пристап. На митинзи го зборував тоа дека не е исто, 10. 000 денари, 1.000 евра и 10. 000 евра да се земаат плата и да се плати данок со ист процент.

Не е исто. Дај боже, сите да земаме високи плати и за сумата над дефинираниот праг да се плати 18 отсто данок. Значи, нагласувам, не на цела сума, повисоката стапка данок ќе се однесува исклучиво на сумата над дефинираниот праг.

Сум го зборувал ова на митинзи, како ,,дежа ву” ми е. Убавината на дебатата е во тоа, особено кога критериумот на таа дебата е потрбата од праведност, од фер пристап во општеството, а тоа значи оние што имаат помалку, да плаќаат помалку. Не треба сега да го сфатиме како зло. Ние навистина дискутираме за ова и за другите економски прашања и на седниците на Влада, многу дискутираме. Економскиот совет има дебати по седум саати. Се градат главните економски политики.

Ги искаравте министрите во поглед на транспарентноста, кој што, колку потрошил, имаше и такви кои што не потрошиле, но ?

Се согласувам. Имаше бројки, кои што се за респект, за симнување капа. Но, убавината на оваа политика е што се демонстрираше транспарентност. Порано, граѓаните бараа, власта криеше. Сега власта самоиницијативно ги отвори, сами ги отворивме трошоците.

Во првите неколку месеци на 2014 година, поранешниот премиер Груевски потрошил 5,2 милиони денари, а Зоран Заев за истиот период потрошил 2,9 милиони денари. Тоа е голема разлика. Министрите сите, во 2014 година потрошиле 45 милиони денари. Сите други министри, во 2017 година од оваа Влада потрошиле 21. 900. 000 денари. Голема разлика, речиси два и пол пати помалку.

Затоа ќе има повеќе пари за граѓаните. Дополнително да ја прошириме Позитивната листа на лекови. Затоа ќе има пари да направиме за дежурствата ,,урамниловка”, во здравството. И затоа ќе има пари да ги зголемиме субвенциите и да растат мотивирачки со 10 отсто, па и за тутунот, наместо 60 да биде и седумдесет, осумдесет денари за втората и за првата класа соодветно. И затоа, верувам, ако продожиме со штедливите политики ќе се најдат пари, ако не за сѐ, за најголем дел од потребите на граѓаните. Убеден сум, дека транспарентноста е сериозна алатка. Тоа значи добро управување, рационално, штедливо, внимателно и продуктивно. И не е само за малите трошоци, туку и за големите тендери. Знаете сега дека секој договор што се потпишува по пат на јавна набавка мора прво да биде објавен јавно, после да влезе во негова реализација. За да можат граѓаните да видат која е фирмата, по кои цени ја добила работата, дали железото е осум евра или едно евро колку што е на пазарот. Да се знае каде се трошат парите. Ако тоа се знае, кој и да ја спроведува таа јавна набавка ќе му ја мисли 100 пати, пред да потпише договор и ќе внимава да не направи глупост, зашто ќе биде фатен. А и тоа е критериум за реконструкцијата што следува. Сѐ е важно.

И кога велиме реформи во медиумите јас очекувам истражувачко новинарство, слобода на разговор, дебата. Јас на тоа гледам како на здрава работа. Ако учиме од таа работа и ги поправиме грешките, тоа е добро, нема зијан од таква работа.

За крај, дозволете во мое лично име, и во име на Владата на Република Македонија, на сите граѓани православни Христијани во нашата земја, да им го честитам најголемиот православен празник, Воскресение Христово – Велигден!

Овој голем празник не повикува да ја отвориме нашата волја и да се усовршуваме како луѓе и личности имајќи го предвид подвигот на Исус Христос и да ги чуваме душата и телото чисти, за да не бидеме задушени во мракот на невоздржувањето.

Бидејќи, најголем пријател на верата и на луѓето можат да бидат токму воздржувањето и одговорноста. Тие човечки вредности можат со сигурност да ги ослободат, да ги зајакнат, да ги осилат душата и духот. Нека биде за многу години. / МИА

Извор: Независен Весник

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here