Средбата која денеска требаше да се случи меѓу претставници на СОНК и претседателот Јаким Неделков со претставници на ВМРО-ДПМНЕ и која беше потврдена од самиот претседател на СОНК, по средбата со министрите од власта еднострано беше откажана, истакна во изјава портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Во однос на постигнатиот договор за зголемување на платите од 10 отсто, Стоилковски рече дека претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ склучила колективен договор со кој што се предвидувало динамично зголемување на платите од 25 проценти.
„Оваа влада е три години на власт и немаше никакво зголемување, а се што требаше да се направи е да се почитува договореното од страна на Министерството за образование кое повеќекратно го прекршува тој колективен договор. Зошто сега се отфрлаат тие 25 проценти и се прифаќаат сукцесивно само првично по 10 проценти зголемување треба да одговори власта која што е во заминување“, запраша партискиот портпарол.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го даде максимумот за да им помогне на работниците затоа што тие заслужуваат многу повеќе и рече дека партијата поддржува синдикално движење без политички „обланди“ кое искрено ќе се залага за работничките права.
извор: Макфаx