Од пред еден месец полицијата го обезбедува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“. Обезбедувањето му е дадено на негово барање, а по направена проценка од страна на МВР.
Која е точно опасноста што му се заканува на лидерот на најголемата опозициска партија, на кој начин се обезбедува и со колку луѓе, од полицијата не можат да кажат.
– Секоја јавна личност, лидер на партија, политичар, новинар, пејач има право да побара полициско обезбедување доколку се чувствува загрозен. МВР прави проценка и потоа решава дали ќе му даде обезбедување или не – објаснуваат од МВР.
Покрај Мицкоски, од други поранешни политичари и фунционери на ВМРО-ДПМНЕ полицијата го обезбедува уште само Никола Груевски. Нему му следува полициско обезбедување по завршувањето на премиерската функција толку долго, колку што бил премиер.