Зоран Шапуриќ
министер за регулатива и унапредување на бизнис клима
„Јас бев најмногу ангажиран околу мерките од првиот столб, конкретно унапредување на индустриското производство, при што изминатиов период посетив преку 150 компании, за директно да се запознам со нивната работа и она што ним им треба за побрз раст и развој. Ние како Влада постојано ќе работиме на подобрување на мерките од Планот за економски раст, уважувајќи ги секаде кај што има оправданост барањата на бизнис секторот, затоа што на крајот на краиштата овие мерки ги подготвуваме за компаниите, не за нас самите. Планот не е еднаш за секогаш даден, секако дека може да се менува, дополнува, надградува, откако ќе помине малку време и ќе ги увидиме сите негови силни страни и слабости, а за тоа ќе биде направена детална анализа.“
Г- не министре, рокот за аплицирање на македонските компании за некоја од мерките од владиниот Пакет за економски раст истече на 30 јуни. Каков беше интересот на фирмите, колку апликации стигнаа и за кои мерки најмногу?
Не можам во моментов да кажам колку точно апликации стигнаа до 30 јуни, , затоа што податоците се уште се обработуваат во владините служби, но интересот секако беше голем, тоа можевте и самите да го видите преку примерот на програмите за поддршка од страна на Фондот за иновации и технолошки развој, коишто се во рамки на третиот столб мерки од Планот за економски раст – поддршка на мали и средни компании – каде што имаше 236 апликации со вкупна вредност на поднесените проекти од околу 51 милиони евра. Особено радува податокот што дури 88% од апликациите се за иновативни проекти, со што се покажува дека Македонија има иновативни и креативни луѓе. Како што ви споменав на почетокот, апликациите пристигнати во рамките на првиот столб од Планот за економски раст, односно мерките за општ економски развој и мерките за поддршка на конкурентноста, во моментов се обработуваат пристигнатите апликации и наскоро владините служби ќе излезат со информација за обемот на интересот на компаниите за овие мерки.
Може ли да потсетиме, за какви всушност мерки за поддршка се работеше?
Со мерките од првиот столб главно се овозможува поддршка за нови инвестициски проекти, капитални инвестиции и приходи (инвестирање во нова опрема , нови производни хали, воспоставување на центри за технолошки развој и истражување, поддршка за освојување на нови пазари, откуп на средства од претпријатија во тешкотии, поставување и унапредување на соработката на странски инвеститори со домашни, итн.
Ќе се стимулира технолошкиот развој со поддршка до 50% од инвестиции за индустриско истражување. За компании кои реализираат почетни или дополнителни инвестиции ќе се овозможи поддршка од 10% од висината на инвестицијата, а 10% поддршка ќе се обезбедат и доколку се реализира инвестиција со која ќе се заврши откуп на средства на претпријатие во стечај или ликвидација. Ќе се стимулира соработката со добавувачи од земјава и доколку компанија набавува 15% производствени инпути од македонски компании, ќе добие финансиска поддршка во висина од 1% од вкупните набавки.
За секое ново креирано работно место за кое компаниите ќе исплаќаат нето плата за 50% повисока од минималната плата утврдена со Закон, како мерка од вториот столб, Владата ќе обезбеди поддршка до 20% од висината на платата.
За мерките од вториот столб односно за финансиска поддршка на отворање на нови работни места со плата од повисока за најмалку 50% од минималната плата. Во моментов тоа би значело за плата преку 18.000 денари, предвидена е поддршка за работно место, зависно од висина на платата, максимум до денарска противвредност на 4.400 евра годишно за едно вака отворено работно место.
Поддршката од третиот столб е наменета за поддршка за иновативност, со посебен акцент на малите и средните претпријатија.
Поддршката за освојување на нови пазари главно ќе биде остварувана преку финансиска поддршка за добивање на разни видови на сертификати за квалитет и учество на меѓународни саеми, деловни настапи и трошоци за маркетинг.
За инвестиции со кои се зголемува конкурентноста на компаниите на нови пазари ќе се овозможи поддршка во висина од 10% за направената инвестиција со која е направена пазарна реализација која е за 5% повисока во однос на просекот во последните 3 години.
Севкупната вредност на финансиската поддршка во рамки на Планот за економски раст за 2018 година е околу 50 милиони евра.
40Кои се клучните придобивки за македонскиот индустриски сектор и економијата во целост од Планот за економски раст?
Има неколку многу важни придобивки од Планот за економски раст. Прво, воспоставуваме за прв пат еднакви услови за инвестирање за домашните и странските инвеститори, кои ќе важат еднакво и во технолошко – индустриските зоните и надвор од нив. Новите инвестиции, без разлика на земјата на потекло на инвеститорите, се база на Планот за економски раст. Сите компании формирани во земјава се македонски компании, затоа кон нив имаме потполно еднаков пристап.
Условите и критериумите за поддршка се транспарентни. Со тоа, целосно се отстранети можностите за дискриминаторско, тајно или нефер одлучување. Секој инвеститор, со исполнување на основни и други соодветни критериуми, самостојно ќе избира пакет на мерки којшто најмногу одговара за неговата инвестиција, со цел најефикасно да ги искористи поволностите и поддршката што му следува.
Даваме поддршка за зголемување на соработката меѓу домашните и странските компании, и тоа преку два паралелни процеси: преку финансиска поддршка на странските инвеститори за користење полупроизводи и услуги од македонски фирми, а од друга страна, ќе ги јакнеме и капацитетите на домашните компании, за да се развиваат, да ги зголемуваат своите капацитети и да ги достигнат потребните стандарди за да станат добавувачи на странските компании во државата.
Исто така, многу важен фокус на поддршката ставаме на микро, малите и средните претпријатија. Тие се двигатели на економијата и ќе го искористиме потенцијалот што тие го поседуваат.
Потоа, даваме поддршка за повисоки плати. Ова, меѓу другото, е и план за пораст на платите, како еден од двигателите на економскиот раст. Со покачувањето на минималната плата е направен првиот чекор за отворање на спиралата на пораст на платите – што гледаме дека веќе почна да се случува. Со Планот за економски раст дополнително стимулираме и помагаме исплата на повисоки плати и вработување на високо квалификувана работна сила и кадар.
Стимулираме отворање на нови работни места. Креиравме мерки со коишто државата финансиски ќе им помага на компаниите да отвораат нови, подобро платени работни места. Тоа ќе води кон натамошно намалување на стапката на невработеност.
Даваме поддршка и за воспоставување центри за истражување и развој. За прв пат во историјата на Македонија, правиме сериозни напори да го поттикнеме развојот на компаниите преку научна истражувачка дејност со државна поддршка за воспоставување на истражувачки и развојни центри во рамки на самите компании. Веруваме дека на тој начин нашите компании ќе се развиваат по новите современи трендови и стандарди што ќе придонесе кон технолошки развој на стопанството и нови иновации.
Исто така, даваме поддршка и за технолошки развој и иновации. Успехот на економските политики ќе се темели и врз технолошкиот развој и иновациите. Целта е нашите домашни компании да применуваат современи и модерни технологии и знаења за да станат конкурентни и да освојуваат странски пазари.
42Која беше конкретно вашата улога како министер задолжен за подобрување на регулативата и инвестициската клима во креирањето на Планот за економски раст?
Јас бев ангажиран во повеќе области, а најмногу околу мерките од првиот столб, конкретно унапредување на индустриското производство, при што изминатиов период посетив преку 150 компании, за директно да се запознам со нивната работа и она што ним им треба за побрз раст и развој. Верувајте, само преку директен контакт со компаниите може да се согледаат нивните вистински потреби. Станува збор, за главно мали и средни претпријатија. Морам да кажам дека сум воодушевен од нивните напори и посветеноста, како и нивната „жилавост“ да издржат и да се справуваат со бројни предизвици. Голем дел од нив, во услови на долготрајна политичка криза, не само што успеаја да преживеат, туку и да вложат своето производство и воведување на нови технологии и да бидат посветени на својот развој.
Но, според мене, она што е најважно успеваат и да пронајдат нови партнери и пазари, бидејќи се свесни дека имаме мал пазар и дека извозот е единствена алтернатива за нивниот натамошен развој.
Постепено, но забележливо јакне улогата на нашата дијаспора во пронаоѓање на нови пазари и на зголемување на извозот на домашните компании. Покрај ова се разбира, согласно своите можности, новите партнери ги пронаоѓаат преку презентација на своите капацитети и производи и услуги на меѓународните саемски манифестации и се повеќе преку можностите што ги нуди Интернетот. Интересно е да се спомне дека, покрај традиционалните пазари, тие прават и напори на пазарите во земјите на Блискиот и Средниот исток, како што се Израел, Јордан, Саудиска Арабија и земјите членки на Обединетите арапски емирати.
Имаа ли компаниите што ги посетивте забелешки за Планот за економски раст? На што ви укажуваа дека може да се коригира?
Секако, и покрај тоа што на промовирањето на Планот за економски раст му претстоеше три месечна јавна дебата на која што учествуваа сите економски чинители во државава, јас и преку моите директни посети на производните компании ги слушав нивните мислења и забелешки. Една од забелешките беше, што со Планот се стимулираат само компании што покажуваат раст, па дојде до мала модификација, каде што за текстилниот и чевларскиот сектор, коишто се соочуваат со тешкотии периодов, а во кои се вработени преку 40.000 работници, направивме мала отстапка. Потоа, индустриските производители бараат да добијат поддршка и за набавка за користена, не само за нова опрема, затоа што за некои набавката на нова опрема с$ уште е проблем, а на светскиот пазар може да се најде и солидно одржувана половна опрема и машини, коишто сепак чинат повеќе стотици илјади евра, така што финансиската поддршка и за набавка на ваква опрема би била добредојдена за македонските компании.
Исто така, производните компаниите инсистираат и на промена на регулативата со која се предвидени високи казни за компаниите и на тоа веќе се работи. За ова е потребна интервенција во повеќе од сто закони и се работи за мошне комплексна активност, но убеден сум дека овие законски измени ќе бидат усвоени во нареден период.
Покрај забелешките што сте ги усвоиле како Влада и сте го коригирале планот, постојат ли шанси и останатите нивни барања да се земат предвид?
Ние како Влада постојано ќе работиме на подобрување на мерките од Планот за економски раст, уважувајќи ги секаде кај што има оправданост барањата на бизнис секторот, затоа што на крајот на краиштата овие мерки ги подготвуваме за компаниите, не за нас самите. Планот не е Библија, секако дека може да се менува, дополнува, надградува, откако ќе помине извесен период и ќе ги увидиме сите негови силни страни и слабости. Едно од барањата на производните компании, особено на малите компании беше и да се продолжи рокот за аплицирање подоцна од 30 јуни, што по согледување и обработка на сите барања, дополнително ќе биде одлучено. Потоа, да се овозможи поддршка, освен за нова опрема и за веќе употребувана квалитетна опрема, затоа што честопати немаат доволно средства за набавка на нова опрема, како и тоа да се даде дополнителна финансиска поддршка за инвестиции во помалку развиени делови на државата. Македонските компании исто така, бараат поповолни услови за кредитирање на што веќе се работи, а најмногу преку јакнење на капацитети на Македонската банка за поддршка на развојот со што ќе се овозможат поповолни услови за нивното кредитирање.
Освен посетите по компании, какви активности спроведува вашиот кабинет со цел поефикасно запознавање со проблемите и барањата на бизнис секторот?
Мислам дека не е нескромно ако кажам дека сум по природа оперативен и агилен и се спротивставувам на бесконечните бирократски процедури. Посетата на лице место и разговор со компаниите и вработените е најдобар начин да се добие целосна и мултидимензионална претстава за состојбите во домашните компании. Но, се разбира, не е можно само на тој начин да се работи. Владата работи тимски и координирано, но исто така, премиерот Зоран Заев дава слобода на министрите да ја изберат методологијата на својата работа во рамките на програмските и планските определби на владата. Планирам средби со домашни компании и презентирање на мерките за поддршка на домашните компании и понатаму. Јас и другите членови на Владата ќе бидеме отворени за нивните мислења и сугестии и за донесување на регулативата која ќе води кон подобрување на бизнис климата во државата. Планирам наскоро да воведам во мојот кабинет термин „отворено со бизнисот“ каде што ќе разменуваме мислења со компаниите, иако морам да напомнам дека досега сите компании кои побарале прием во најкус можен рок биле примени од страна на мојот кабинет. Се разбира и средбите со коморите и другите асоцијации на компании се секогаш добредојдени. Во оваа прилика, ќе напомнам дека заедно со бизнис секторот правиме почетни иницијативи за испитување на потребата за усвојување на регулативата за инвестирање на т.н. бизнис ангели, нешто со што се започна во 2015 година, но најверојатно беше прекинато поради политичката криза во државата. Оваа прилика ви ја искористил да истакнам дека јас како министер поднесов и иницијатива за субвенционирање на студентските оброци, со што би се подобрил стандардот на нашите идни академски граѓани.
Какви се вашите очекувања во врска со економскиот развој на Македонија сега по најновите случувања околу евро – интеграциските процеси на земјата?
Очекувам интензивните активности за враќање на Република Македонија на Евроатланскиот пат, односно добивање на поканата за НАТО и отпочнувањето на преговорите со Европска Унија, со што на долг рок се гарантира нејзината стабилност и безбедност и што понатаму треба да донесе повеќе домашни и странски инвестиции, постојано подобрување на бизнис климата и секако, побрз економски развој. Очекуваниот почеток на преговорите со ЕУ за пристапување следната година, ќе доведе до понатамошно постепено прилагодување на регулативите на ЕУ, практиките и општествените норми во владеењето на правото, функционирањето на бизнисот и заштитата на човековите права и слободи во Македонија, по европски терк и она што е најважно практична имплементација на европските регулативи и стандарди, што ќе овозможи поквалитетен живот на нашите граѓани. Преговорите може да траат подолго, тоа точно не се знае однапред, според некои досегашни искуства тие траеја околу седум години, но битно е во земјава да почне да се помрднуваат работите од мртва точка, и конечно да почнеме да заличуваме на нормална демократска и просперитетна земја, која што ќе има слободен проток на луѓе, идеи и капитал со земјите од ЕУ, поголема конкурентност на бизнис секторот, позаштитени права на потрошувачите, и ред други придобивки од членувањето во европското семејство. Јас верувам дека е можно нашата држава да стане земја членка на ЕУ до 2025 година.
Превземено од Капитал