дома Балкан Ѓорѓиев: Разговорите со историчарите од Бугарија ќе бидат долги

Ѓорѓиев: Разговорите со историчарите од Бугарија ќе бидат долги

504
0
АКЦИЈА

Во третата декада од јуни се очекува да се одржи првиот состанок на заедничката мултидисциплинарана комисија на Македонија и на Бугарија која треба да работи на отворените историски и образовни прашања меѓу двете земји, откако владите во Скопје и во Софија го потпишаа Договорот за добрососедство. Нашите и историчарите од Бугарија со тоа ќе ги почнат обидите за приближување на ставовите во однос на историските дилеми почнувајќи од средниот век, па до денес.
Професор д-р Драги Ѓорѓиев, директор на Институтот за национална историја, кој е именуван од Владата за претседател на македонскиот тим во заедничката комисија, вели дека сѐ уште не е утврдена локацијата на која ќе се одржи состанокот со бугарските колеги, односно дали тоа ќе биде во Скопје и во Софија. Пред состанокот со бугарскиот тим, македонските историчари, како што најавува, ќе имаат неколку меѓусебни средби за да ги утврдат темите што треба да се отворат, како и стратегијата за настап. Неговите очекувања се дека овој процес на разговори со соседна Бугарија нема да заврши брзо бидејќи, како што вели, некогаш таквите заедничко комисии работат со години, па и децении.

„Мислам дека ова ќе биде долг и макотрпен процес. Но добро е што почнаа разговорите на оваа тема. Целта на овој процес не е да се направи ревизија на историјата, туку да се разговара на научна основа за спорните прашања и да се направи обид тие да се надминат. Доколку се постигне тоа, фактите што ќе се утврдат би се вовеле и во учебниците, но конечните одлуки за тоа ќе бидат оставени на владите на двете земји“, вели Ѓорѓиев.

За разлика од молкот на македонските историчари во периодот по именувањето на тимовите на двете земји и подготовките за првата заедничка седница, од „другата страна“ почнаа да излегуваат првични реакции и историски толкувања како најава за почетните ставовите на бугарските историчари во разговорите што претстојат.

Ангел Димитров, историчар и долгогодишен бугарски амбасадор во Македонија, ги разбранува страстите кога во интервју за софиски „Дневник“ изјави дека класична теза на македонизмот е дека по 1944 година Македонците биле посебен словенски народ, кој бил нападнат и асимилиран од страна на соседите.

„Се разбира, кај дел од македонското население, кој не е толку мал, се задржува генеричкото сеќавање и тоа латентно знае за неговата бугарска заднина. Сакаме со факти да покажеме дека имаме заедничка историја. Но ние треба да разбереме што нѐ дели. А, реално, нѐ дели комунистичкиот период, кој прави нова интерпретација на минатото“, изјави Димитров.

Тој ги посочи и темите што ќе бидат отворени во рамки на заедничката комисија со Македонија:

„Ќе посочам еден исклучително важен тематски круг, кој има директно значење за интерпретација на минатото, што ние сметаме дека е заедничко минато. Овој круг прашања е во темелите на доктрината на македонизмот и го спречува нормалниот развој на односите меѓу Бугарија и Македонија. Станува збор за генезата и патот кој е поминат до создавањето на современите нации – од македонска страна се смета дека постои македонска нација и тие имаат причина за таков идентитет. Но ние треба да размислуваме, да дискутираме и да видиме како да најдеме прифатливо објаснување за овој процес“, изјави Димитров.

На неговите ставови реплицираше Стојко Стојков, доктор по историски науки кој предава на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а кој е познат и по својот политички активизам во Бугарија во рамки ОМО Илинден – Пирин, партијата која беше укината со судска одлука.

„Во споредба со ставовите што ги презентира Димитров, може да се каже дека далеку поприфатлив и полиберален водач на бугарската група ќе беше Тодор Живков. Не е чудно – самиот тој како историчар е рожба на бугарската историска школа од времето на нејзиниот историски џихад против Македонија (1970-тите и 1980-тите). Сосема е јасно дека за него нема македонска нација, македонско малцинства исто – Македонците се Бугари кои ги дели од Бугарија и Бугарите само комунистичкиот период и тоа што живеат во одделна држава. Е, сепак, Македонците треба да имаат ‘некакво лице’, според него, меѓутоа тоа лице не треба да противречи на бугарските стремежи и разбирање за она што значи пријателска Македонија“, нагласува Стојков во интервју за весникот „Илинден“ на истоименото македонско друштво од Тирана.

Професорот Ѓорѓиев, пак, вели дека не сака преку медиумите да полемизира со ставовите на својот бугарски колега Димитров, со кого треба наскоро да седнат на заедничка маса.

„Тоа не е мојот пристап кон работата. Не треба на тој начин да ја поставуваме работата на комисијата, туку таму сите треба да имаат еднаков третман. Никој нема монопол над историските вистини. Не треба да ги повторуваме грешките од изминатите седумдесетина години кога изјави на еден човек предизвикуваа лавина од реакции во двете земји. Комисијата не би требало да функционира на такво површно ниво“, вели Ѓорѓиев.

Покрај Ѓорѓиев, кој е и дописен член на МАНУ, во македонскиот тим во заедничката комисија со Бугарија се и Љубица Спасковска, научен соработник на Универзитетот Ексетер, Велика Британија, како надворешен член, а редовни членови се Ванчо Ѓорѓиев, редовен професор на Институтот за историја, Љупчо Ристески, антрополог и професор на Институт за етнологија и антропологија, Петар Тодоров, виш научен соработник во Институтот за национална историја, Дарко Стојанов, научен соработник во Институт за национална историја и Александар Литовски, директор на НУ Завод и музеј во Битола.

Александра М. Митевска

Превземено од Независен весник

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here