Спикерот Талат Џафери не го ставил предлогот на претседателот Ѓорге Иванов за реизбор на Димитар Богов за гувернер на дневен ред на првата наредна собраниска седница, која почнува на 21 мај – точно на датумот кога истекува мандатот на досегашниот челник на НБРМ. Ако собраниската агенда не биде дополнета на почетокот на седницата и ако не му се даде приоритет на предлогот на Иванов, големи се шансите да се појави вакуум на врвот на централната банка.
Иако Иванов и лидерот на СДСМ, Зоран Заев на минатонеделната средба се согласија дека Македонија не смее да остане без гувернер, засега нема сигнали како би се постигнало тоа во ситуација кога е тешко да се обезбеди 61 глас за реизбор на Богов, а шефот на државата не отстапува од својот предлог. Иванов го даде предлогот за Богов на крајот на април, така што во изминатите петнаесетина дена впечаток е дека сите релевантни субјекти калкулираат со изборот на идниот гувернер.
Прво, Иванов го пушти предлогот за Богов без да обезбеди одредена гаранција дека тој може да помине кај мнозинството пратеници, по смената на распоредот на сили во законодавниот дом. Сега, Џафери не го става на дневен ред предлогот за избор на гувернер, додека неговата матична партија ДУИ отворено кажува дека нема да поддржи реизбор на Богов и дека навива за Фатмир Бесими – поранешен долгогодишен министер во неколку ресори и влади, а сега советник на премиерот.
Заев, пак, иако минатата недела излезе со пофалби за Богов и рече дека гувернерското место не треба да остане празно, не презема ништо – барем не на отворена сцена, за забрзување на изборот или евентуално за притисок врз Иванов да го повлече првиот предлог и да достави нов. Иако веднаш по известувањето дека Иванов повторно го номинира Богов беше најавена координација на Заев со парламентарното мнозинство, таква средба не се одржа досега. Затоа, пак, од пратеничката група на СДСМ неофицијално доаѓаат информации дека повеќето пратеници не се подготвени да гласаат за Богов – не толку поради него, колку поради тоа што го сметаат за непринципиелен предлогот на Иванов да номинира личност која во 2011 година беше избрана единствено со тогашните 62 гласа на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Дури и ВМРО-ДПМНЕ не излезе досега со прецизен став во однос на предлогот за Богов, туку најавува координација за ова прашање. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, вели дека пратеничката група на неговата партија не се координирала сѐ уште на оваа тема, ама тој лично смета оти Богов треба да биде реизбран на функцијата.
„Треба да се цени неговата професионалност, а не политичката афилијација. Тоа што предлогот е на Иванов не треба да биде пресудно при гласањето за идниот гувернер, туку треба да се земе предвид дека Богов се покажа и докажа како квалитетно решение во изминатите години. Во време на криза, тој се справуваше успешно со предизвиците на кои наидуваше македонската монетарна политика. Со реизбор на Богов, ќе го покажеме она што од нас го бара ЕУ – ставање на професионалноста пред партиската определба“, вели Димовски.
ВМРО-ДПМНЕ контролира моментно околу 45 гласа во парламентот, со оглед на заминувањето на неколкумина пратеници од коалицијата и отсуството на тројца пратеници кои се во домашен притвор. Тие гласови не се доволни за реизбор на Богов на функцијата, освен ако ВМРО-ДПМНЕ не излобира кај пратеници од други партии за поддршка на предлогот на Иванов. Сепак, таква варијанта е ризична со оглед на тоа што 61 глас, колку што се потребни за избор на гувернер, се и гласовите кои се потребни за формирање парламентарно мнозинство.
Во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ немаат информации зошто Џафери не го ставил на дневен ред на претстојната седница предлогот на Иванов за гувернер. Опозициската партија не присуствува на координациите кај Џафери, затоа што не го признава неговиот избор за претседател на парламентот. Затоа, пак, на дневниот ред на седницата во понеделник се поместени други кадровски решенија. Една од точките е предлогот за распишување оглас за избор на директор на ОТА – новата агенција која ќе ја координира работата на разузнавачките служби. Предлагачи на огласот се координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, со оглед на тоа што директорот на ОТА се избира со двотретинско плус Бадентерово мнозинство.
На дневен ред е и изборот на членови на Комисијата за хартии од вредност, каде што меѓу кандидатите, предложени од Владата, е и сестрата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Од четворицата предложени за нови членови на Комисијата, во предлогот на Владата само за Лиле Делиџакова стои дека ќе биде професионално ангажирана, исто како и за поранешната пратеничка Нора Алити која, пак, е предложена за претседателка на КХВ.
Александра М. Митевска
Превземено од независен весник