Во завршна фаза сме од преговорите и во месец февруари првата количина којашто ќе пристигне во нашата земја ќе бидат кинеските вакцини. Ние практично целокупниот процес на имунизација согласно веќе спремниот систем ќе го започнеме со тие вакцини, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој истакна дека за кратко време ќе се знае и точниот датум на испорака на 200-те илјади вакцини, по што јавноста веднаш ќе биде информирана. Со тоа, ќе почне вакцинирањето на сите приоритетни групи.
Во однос на набавката на кинеските вакцините, Филипче рече дека државата ја презема обврската за спроведување на целата логистика околу транспортот. Договорот е директен меѓу компанијата и Министерството за здравство.
На прашањето каков пристап има земјава кон тоа што неколку европски земји се изјасниле дека вакцината на „Астра зенека“ нема да ја даваат на население над 64 годишна возраст, министерот Филипче потенцираше дека тоа е став на неколку национални агенции, од неколку европски земји. Тој кажа дека сѐ уште не е влезено во официјалното упатство, меѓутоа сигурно дека ќе се следат насоките од официјалните европски агенции.
Министерот Филипче рече дека засега немаме разговори за руската вакцина.
„Меѓутоа, сакам да потенцирам дека буквално сите вакцини коишто се сега на пазарот, се безбедни. Немаме задршка кон ниту една вакцина. Сите се развиени на безбедни платформи, едноставно многу тешко се стигнува во овој момент до вакцините. Еве и овие преговори кои ги водиме со ‘Фајзер’, ги завршуваме со кинеската компанија се навистина тешки и бараат многу детали, заради тоа што и самите компании се под огромен притисок. Нема политика, сите вакцини се безбедни и секогаш здравјето е приоритет“, рече Филипче.
Извор Макфакс