Здравствените власти во земјава сериозно ја разгледуваат можноста за набавка на вакцините против ковид-19 на кинеските производители „Синовак“ и „Синофарм“, потврди министерот за здравство Венко Филипче во интервју за емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. Со помош на кинеската амбасада во земјава веќе се остварени контакти со тамошните производители на вакцини.
– Чекаме детали во однос на договорот, цената и испораката и верувам дека до крајот на оваа недела сите овие детали ќе ги имаме. Сега не би сакал да зборувам за рокови, меѓутоа, суштината е во тоа што очигледно е дека производителите кои први успеаја да излезат на пазарот, а тоа е „Фајзер“, на пример, имаат проблем со капацитетот. Повеќе европски земји најавуваат и тужби поради неисполнување на договорите, Хрватска го прекинува процесот на имунизација и тоа е нешто што не тера да работиме буквално на сите полиња за да обезбедиме интегрален процес, без пауза од моментот кога ќе почне имунизација, секако, со сите овие безбедни вакцини“, вели Филипче.