Кинеската компанија „Пауер Чајна“, француските компании „АЛСТОМ“ и „Еџис Рејл“ вчера потпишаа Меморандум за разбирање со Владата на Србија и Градот Белград за проектот „Метрото на Белград“.
На церемонијата на потпишување присуствуваа министерот за финансии на Србија Синиша Мали, министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура Томислав Момировиќ, амбасадорот на Народна Република Кина во Србија Чен Бо, амбасадорот на Франција во Србија Жан-Луј Фалкони и други официјални претставници.
Министерот за финансии, Синиша Мали, изјави дека ова е одличен ден за Србија, дека ова е голем чекор во остварувањето на деценискиот белградски сон и дека метрото ќе придонесе за ублажување на сообраќајниот притисок и заштита на животната средина.
„Со задоволство можам да кажам дека ќе започнеме да ја градиме првата линија на метрото на крајот на годината“, рече Мали.
Момировиќ рече дека метрото е единствениот начин за подобрување на еколошката состојба.
„Многу скоро ќе создадеме можност Белград да биде чист град, да имаме еколошки вид сообраќај, автомобилите да не бидат на секој чекор“, рече Момировиќ.
Тој додаде дека изградбата на метрото ќе му овозможи на Белград да биде „град релаксиран во сообраќајот“ и чист од издувните гасови.
Претставникот на кинеската компанија „Пауер Чајна“ изрази благодарност за поддршката и помошта на Владата на Србија, и изрази очекување дека ќе започне соработка со француската компанија и дека компанијата ќе придонесе за развој на Белград со зрела технологија и богато искуство.
Претставникот на француската компанија изјави дека белградското метро е еден од најголемите инфраструктурни проекти во Европа и дека метро ќе придонесе за развој на зелениот сообраќај.