Некои се дури речиси шест пати над просекот за јануари. Поради временската состојба, велат од УХМР, се очекува сите водостои да бидат во покачување.
Поради обилните врнежи се излеаја реките Лепенец и Вардар. Нивното ниво е покачено за 45 сантиметри. Критични се и водостоите на реките Треска, Пчиња и Радика.
Иако досега не се пријавени поголеми поплави на површини или објекти, освен неколку земјоделски земјишта и куќи во кумановскиот регион, надлежните се на готовс. Обилните дождови ја заматија водата во гостиварскиот водовод, па од комуналното претпријатие упатија апел до граѓаните да не ја користат за пиење.
Од УХМР ги предупредуваат граѓаните да избегнуваат движење покрај реки и водотеци и клисури поради можност од појава на големи води, излевања, свлечишта и одрони. Веќе од среда попладне најавуваат снег и многу студено време за викендот.
Во меѓувреме патниот правец Маврово – Дебар е нормализиран и прооден за сообраќај за сите типови на возила, откако поради врнежите од замрзнат дожд и паднати дрвја сообраќајот беше во прекин. Останува проблем електричната енергија. Градоначникот на Маврово- Ростуше во изјава за Канал 5 вели дека неколку села во овој регион се уште немаат струја.
Поројните дождови и поплавите не ги одминаа ни земјите од регионот. Северозападниот дел од Албанија е под вода, албанската војска ги снабдува со храна и вода домаќинствата кои се изолирани поради поплавите. Поплави деновиве имаше и во делови од Бугарија..
извор Канал 5