дома Балкан Водата од чешмите во Тетово заматена и не се препорачува да се...

Водата од чешмите во Тетово заматена и не се препорачува да се пие

242
0
АКЦИЈА

Поради обилните дождови, најверојатно дојде до пробив до извориштата на Шар Планина и до заматување на водата за пиење во градскиот водовод на Тетово

Центарот за јавно здравје Тетово препорачува водата од градскиот водовод да не се користи периодов поради појава на заматување предизвикано од интензивните врнежи од дожд. Објаснуваат дека состојбата не е аларманта и дека по прекинување на врнежите се очекува стабилизирање на физичко-хемиските параметри.

Поради обилните дождови, најверојатно дојде до пробив до извориштата на Шар Планина и до заматување на водата за пиење во градскиот водовод на Тетово. Поради тоа, не  препорачуваме  водата да се пие односно препорачуваме да се користи флаширана вода или да се преврира 10 минути, а потоа да се употребува изладена. Првичните резултати се во рамки на нормални вредности. Нивото на резидуален хлор е 0,2 милиграми на литар, така што препорачуваме да не се консумира додека не излеземе со конечните резултати. Нивото на резидуален хлор ни дава надеж дека нема да дојде до микробиолошко загадување и дека ова ќе биде едно транзиторно заматување на водата за пиење, изјави доктор Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центар за јавно здравје.

Тетово во моментот се снабдува со вода од четирите извори на Шар Планина и од т.н. стар водоснабдителен систем. Новиот систем кој зема вода од планинските реки кај месноста Лешница веќе неколку дена е вон функција, исто така поради заматување на водата и затоа што сензорите на филтер-станицата не дозволуваат проток на водата.

Стариот систем од извориштата на Шар Планина денеска има зголемена количина и доток на вода во мрежата од  310 литри вода во секунда, кои во саботата биле 150. Тоа е амплитуда која се случува оддеднаш и поради дождовите и ќе се намали, информира Љуљзим Шаќири од ЈКП Тетово.

Четирите извори од стариот систем се Уливерички извор, Вакуф, Попова Шапка и Драга Вода.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here