Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција откри дека најголемата опозициска партија решила на изборните листи за предвремените парламентарни избори во април да доминираат и да бидат предводени од лица кои до сега не се нашле на истите.
– Да. Во изборните единици, најголемиот дел, можеби и комплетно, целосно ќе бидат луѓе кои до сега не биле носители на пратеничките листи. истото ќе биде и со составот на пратеничките листи. Најголемиот дел би биле луѓе кои до сега не биле пратеници. Мерењата ќе го дадат одговорот за тоа. Сето тоа ќе треба Централниот комитет на крајот да го потврди, рече Мицкоски на денешната прес-конференција.
Тој рече дека во моментов се анкетираат луѓе кои се дел од јадрото на ВМРО-ДПМНЕ, но и од јавниот општествен живот и не се политички определени, односно земени се во предвид имиња на 500-тини личности.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека останува оптимист дека во мај Македонија ќе добие датум за преговори со Европската унија, но дека не верува во голем ефект од средбата помеѓу македонскиот и францускиот претседател – Стево Пендаровски и Емануел Макрон.
– Станува збор за неколкуминутна средба според информациите кои ги имам јас. Не би бил толку храбар да проценувам колку била успешна или неуспешна, бидејќи колку може да биде за неколку минути. Според она што стигнува до мене, во мај на Самитот во Загреб може да се врати истото прашање за добивање на датум за преговори. Но до тогаш треба да се исполнат условите, а еден од нив е да се одржат транспарентни и демократски парламентарни избори, вели Мицкоски.
Извор Вечер