Востанието е подготвено од ВМРО и се нарекува Илинденско-Преображенско. Тоа е бугарско востание по сите документи, вклучително и на странските конзули кои говорат дека во него учествуваат Бугари. Никаде го нема зборот Македонци.
Но во Скопје одамна ги раздвојуваат тие две работи. Велат, ние го земаме Илинденското на запад од Места, а на вас, да се ослободиме од него, ви го оставаме Преображенското. Тоа е еден фалсификат после Втората светска војна што е насаден во нивните учебници и во свеста на поколенијата. И оттогаш досега нема промена.
Забележав во Благоевград дека двете страни се договориле да не кажуваат чие е востанието и чиј е Гоце Делчев за да нема кавга. Но, нема како да се прави зделка со историјата. Зошто се собираат точно на 2 август и зошто пред споменикот на Гоце Дечев? Историјата не може да биде премолчана, но гледам дека таа пречи. Само да не бараат од нас историчарите да правиме зделка со скопските фалсификатори. За нив тоа е професија. Ако во документите пишува македонски Бугарин, тие читаат Македонци. Едноставно, живеат од фалсификати, вели бугарскиот академик Георги Марков во интервјуто за бугарски 24 часа. Еве го останатиот дел од интервјуто:
Според вашиот покоен колега Божидар Димитров, востанието не е кренато од ВМРО, туку од ТМОРО, која е создадено од бугарското воено разузнавање. Според неговите зборови, и организацијата е раководена од офицери на бугарското разузнавање – Гоце Делчев, Даме Груев, Борис Сарафов, генерал Цончев, полковник Коста Јанков. Го делите ли тоа мислење?
-Всушност, во востанието учествуваат и претставници на Врховниот македонско-одрински комитет, иако тогаш тој официјално е забранет од бугарската влада. Во него учество земаат и бугарски офицери кои тогаш земаат отпуст од армијата, а некои од нив ја напуштаат армијата, за да не биде откриено кои се ако бидат убиени…
Каква е целта?
-Целта на востанието е да се исполни Берлинскиот договор со политичка автономија на Македонија и Одринска Тракија. Далечната замисла на основачите на револуционерната организација е тоа да биде преод кон присоединување со Кнежеството Бугарија. По примерот на Источна Румелија која се присоедини со Бугарија, тоа требало да се случи и со Македонија и со Одринска Тракија. Но, Османлиската империја и соседите знаат дека тоа не смее да се дозволи. Наместо тоа ветуваат реформи, но од тоа нема ништо и сето тоа води кон Балканските војни.
Аргументите на историчарите кои тврдат дека востанието е бугарско е дека ниту еден документ не е на грчки, српски, албански или друг јазик, туку на бугарски.
-Токму така. Постојат документи, како на пример обраќањата на Главниот штаб до бугарската влада. Владата се разбира испраќа оружје, офицери, но ако и самата влегла во војна, соседите ќе влезеа во војна против Бугарија. Ниту Србите ниту Грците ќе дозволеа Бугарија да ја ослободува Македонија во 1903 година. Не случајно после дојде до создавање на Балкански сојуз. Впрочем Скопје издаде зборник на четите повикувајќи се на турски документи и во него ниту една чета не е именувана како македонска. Има само бугарски, српски и грчки.
Според скопските историчари Бугарија го забранила учеството во „македонската борба“. Нашите одговараат дека тоа било поради притисокот на големите сили. Но, оружјето е земено од бугарските касарни, а Божидар Димитров зборуваше за леење бомби во три работилници во Ќустендил. Точно ли е?
-Точно е. Ќустендил е врата кон Македонија. А ВМРО таму е многу силна. Се разбира, владата официјално вели „не“, но насилството раѓа насилства, па Бугарите се креваат. Сепак, потписниците на Берлинскиот договор веднаш испраќаат нота до Софија: Бугарија не треба да се меша во внатрешните рабти на Османската империја. Но, неофицијално, сите бугарски влади ја поткрепувале борбата на Бугарите во Македонија и Одринска Тракија…
Што е тоа што не го знаеме за тоа востание?
-… Илинденско-Преображенското востание е многу подолготрајно и посеопфатно, но нема шанса да предизвика меѓународна криза, односно интервенција. Априлското востание заврши со политичка победа бидејќи успеа да ја предизвика руско-турската војна. Тоа е нешто што Илинденско-Преображенското востание не успеа да го постигне. Во времето кога тоа избувна, Русија се готви за војна во далечната Азија со Јапонија. Нејзините интереси се свртени натаму и таа е против било какво востание во Македонија и Одринска Тракија. Соседните држави исто така не сакаат да се повтори случајот како со присоединувањето на Источна Румелија кон Бугарија. Затоа Русија предупредува: Ако се вмешате во Македонија и Одринска Тракија, нема да ве спасуваме од Османската империја. Како што се случува и во летото 1913 година кога Османлиите влегуваат во Тракија и вршат геноцид врз Бугарите.
Какви се последиците од Илинденско –Преображенското востание?
-По него, штабот на Армијата започнува да крои планови за војна со Османската империја… Планот за војна е врзан за востание на Бугарите во Македонија и Одринска Тракија. Востание не се крева, но се формира 15-илјаден Македонско-одрински полк кој за времето на војната е во редовите на бугарската армија. И тој полк, како и востанието, скопските фалсификатори го делат. Велат дека неговиот илинденски дел го сочинуваат 11 000 Македонци, а преображенскиот 4 000 Бугари. Вистината е дека и едните и другите се Бугари.
Ние никому не му пречиме да се определи како Македонец. Но нивната драма е дека дедовците им биле Бугари… До крајот на Втората светска војна историјата ни е општа. И таа е бугарска. Колку и да формираме комисии, нема како да се направи зделка…
Превземено од Денешен весник