дома Балкан Борисов со предупредување до Заев: Големото пријателство ставено на тест

Борисов со предупредување до Заев: Големото пријателство ставено на тест

663
0
АКЦИЈА

Само неколку дена откако по вторпат го прославија заедно Илинден, властите во Скопје и во Софија отворија вербална војна околу историјатот на Илинденското востание. Всушност, војната ја објави бугарската страна, а како реакција на изјава на македонскиот премиер Зоран Заев, кој во интервју за МТВ рекол дека востанието во Крушево од 1903 е македонско. Тоа предизвика лавина реакции во бугарската јавност, за сега и премиерот Бојко Борисов да се јави, практично, со закана дека може да стави вето во понатамошните фази од зачленувањето на Македонија во ЕУ. Наспроти тоа, Заев излезе со смирувачки тонови нагласувајќи дека во прв план треба да се стават пријателството и соработката меѓу двете земји.

Минатиот четврток, чествувајќи го Илинден во Благоевград, Борисов и Заев пријателски се ракуваа пред споменикот на Гоце Делчев настапувајќи со ставови дека само една година откако се потпиша Договорот за пријателство, соработка и соседство, веќе се чувствува позитивен резултат во заемните односи. Бугарскиот премиер, како што беше соопштено, дури и искажал задоволство од новиот дух на соработка кој заживеал, како што подвлекол, трајно во односите меѓу Бугарија и Македонија. Но веќе за време на викендот, само една изјава на македонскиот премиер ги разгоре историските недоразбирања и го стави на нов тест обновено големо пријателство меѓу двете земји што беше особено промовирано во последната година и пол, по смената на власта во земјава.

Соочен со притисокот од домашната јавност, која дури и бараше да се испрати протесна нота до Македонија и да се бара објаснување од нашата влада, Борисов се огласи по една седмица молк советувајќи го Заев дека треба двапати да мисли пред да рече нешто бидејќи, како што вели, доаѓа време кога земјите членки на ЕУ ќе одлучуваат за судбината на Македонија.

– Ги оставам сите да ги премеруваат своите приказни, тоа е на негова сметка. Без разлика дали го кажал тоа намерно или ненамерно, сè оди на негова сметка бидејќи, кога станува збор за ЕУ, и ние мораме исто така да дадеме согласност, а ние во тие моменти ќе се сетиме на тие работи. Мој совет е да се биде повнимателен – рече Борисов.

Наспроти тоа, Заев испрати смирувачки пораки посочувајќи дека пријателството меѓу двете земји е искрено.

„Сакам да им порачам на сите граѓани, дури и на критичарите во Македонија и во Бугарија, да немаат дилема дека пријателството и соработката се искрени. Драги пријатели и браќа од Бугарија, верувајте, искрено градиме пријателство кое неколку децении наназад беше изгубено. Тоа беше загуба за двете земји. Ние повторно го најдовме нашиот пријател и брат. Да не дозволиме да се враќаме назад. Тоа ни е обврска пред нашите деца. Ние политичарите некогаш можеби не сме доволно внимателни, некогаш правиме и грешки, но ве уверувам дека тоа е само невнимание, затоа што искрено сакаме соработка и пријателство како што тоа го потпишавме во Договорот за добрососедство и пријателство“, нагласи Заев..

Реакција од Борисов во врска со изјавата на Заев бараше и лидерката на социјалистите во Бугарија (сестринска партија на СДСМ) Корнелија Нинова. „Моето лично пријателство со Заев, идеите што ги споделуваме и заедничката работа помеѓу БСП и СДСМ, заедничката иднина на двете земји како дел од ЕУ и НАТО се многу важни и ги негуваме овие цели, но историските факти се друго нешто и не смеат да бидат игнорирани и занемарени“, порача Нинова.

По доаѓањето на Заев на „Илинденска“, следуваше етапа на затоплување на односите Скопје-Софија, кои беа нарушени во периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Во мај годинава, Заев и Борисов во Рим заеднички го чествуваа Свети Кирил, како што и минатата година беа заедно за Илинден во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Ден претходно, пак, беше потпишан Договорот за добрососедство меѓу двете земји. Како резултат на тоа беше формирана и заедничка комисија, која треба да работи на обезбедување објективно толкување на историските настани и нивно презентирање во македонските и во бугарските учебници. Минатиот месец комисијата ја одржа првата седница во Софија, за што бугарската шефица на дипломатијата Екатерина Захариева изјави дека сега е најважно да се воспостави дух на доверба.

– Со политичарите ги надминавме разликите, сега се на ред историчарите – изјави тогаш Захариева.

Но деновиве токму Захариева ја навести острата реакција од бугарска страна за изјавата на Заев во врска со Илинден. Одговарајќи на прозивките на социјалистката Нинова да се реагира на изјавата на Заев, Захариева излезе со оцена дека Илинденското востание само географски е македонско, а историски е бугарско. Според шефицата на бугарската дипломатија, Заев ги тестирал кревките корени на добрососедството.

– Во врска со прозивките на Нинова до премиерот итно да ги одбрани бугарските национални интереси од премиерот на Македонија, Зоран Заев, кој ги тестираше кревките темели на доброто соседство. Да, Илинденското востание географски може да се рече дека е македонско и тракиско, но историски е бугарско. Госпоѓо Нинова, бидете мирни, владата ги штити нашите национални интереси“, рече Захариева.

Во последните неколку месеци, додека се водеа финалните преговори меѓу Македонија и Грција за решавање на спорот за името и се чекаа одлуките за нашата земја од самитите на ЕУ и на НАТО во Брисел, бугарската влада се промовираше како најголем лобист за придвижување на нашата земја на евроатлантскиот пат. Тоа особено дојде до израз за време на бугарското претседателство со ЕУ во првата половина на оваа година. На тоа посочува и Заев во пораката што ја испрати до Бугарија преку социјалните мрежи.

-Зарем можеме да заборавиме како премиерот Борисов и министерката Захариева се бореа за Македонија во Министерскиот совет на ЕУ и во Советот на Европа за Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ? Се бореа како што се борат за својата земја. Зарем можеме да се правиме слепи и глуви кога гледаме и слушаме се што Бугарија направи и успее во тоа да и помогне на Македонија за добивање на поканата за членство во НАТО? Зарем цела Европа не виде како Бугарија помага за Македонија и Западниот Балкан да се приближат кон ЕУ? Никогаш нема да го заборавиме тоа пријателство кое е докажано на дело, забележува Заев. (А.М.М.)

Превземено од Независен весник

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here