За време на викендот, 22 годишен жител на Крива Паланка, лице кое се наоѓа на висока позиција во Унијата на млади сили на Вмро Дпмне од овој град и актуелен член на Советот на општината навредувал полицајци при контрола на возилото, објави Канал 77.
Како што информираат од СВР Куманово, ноќта меѓу саботата и неделата во 01.15 на ул. „Св.Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, при редовна сообраќајна контрола, полициски службеници запреле патничко возило „Опел вектра“ со кривопаланечки регистарски ознаки, управувано од 22 годишниот Б.М. Возачот бил алкотестиран при што било констатирано дека има 0,80 промили алкохол во крвта.
Кога му било соопштено дека привремено ќе му биде одземена возачката дозвола и дека ќе му биде врачен мандатен платен налог за сторен сообраќаен прекршок, Б.М. почнал да ги навредува и да упатува закани кон полициските службеници. Иако тие го предупредиле да престане, сепак тој продолжил со навредите, заканите и агресивното однесување, по што бил приведен во Полициската станица Крива Паланка. По целосно расчистување на случајот, против Б.М. ќе биде поднесен соодветен поднесок, велат од СВР Куманово.
Извори за Канал 77 информираа дека се би се завршило добро ако 22 годишникот во случајов постапил правилно туку напротив, тој се заканувал кон полициските службеници и им велел дека не му можеле ништо и буквално можел да прави како што сака.
Кривопаланчани се револтирани од ваквиот однос на поединци, коментираат дека наместо советникот да биде пример за граѓаните, да го прифати делото и да се соочи со законската казна затоа што ги загрозува и останатите учесници во сообраќајот, тој се однесувал дрско и безобразно кон полициски службеници.
Превземено од IPortal