дома Балкан Тевдовски: Македонија првпат по осум години го намали јавниот долг

Тевдовски: Македонија првпат по осум години го намали јавниот долг

486
0
АКЦИЈА

Се вративте од Годишните средби на Европската банка за обнова и развој. Најавивте повеќе крупни капитални проекти како и инвестициски грантови за повеќето од нив. Од каде интересот на меѓународните инвестициски банки за доделување неповратни средства?
– Се залагаме кај крупните инфраструктурни или енергетски проекти, дел од потребните средства за финансирање да ги обезбедиме преку грантови. Настојуваме да има што поголема искористеност на сите фондови кои ни се на располагање, како ИПА или Инвестицискиот фонд за Западен Балкан. На пример, во декември добивме грант од ЕУ во висина од 70 милиони евра за пругата Бељаковце-Крива Паланка, што е скоро половина од целата финансиска конструкција на проектот. Се очекува одобрување грант средства и за првата фаза од автопатот Гостивар-Кичево и патот од Крива Паланка до Бугарија во износ од околу 23 милиони евра.

Освен инвестициските грантови, значајни се и грантовите за техничка поддршка за изработка или имплементација на проектот, кои, исто така заштедуваат многу средства.

Настојувањето да се искористат фондовите и средствата кои ни се на располагање е особено важно во контекст на доброто менаџирање на јавниот долг, бидејќи се преземаат значително помалку обврски за исплата во иднина. И поддршката во вид на заеми од развојна банка како ЕБОР е значајна, бидејќи станува збор за ниски каматни стапки и подолги периоди на исплата.

Интересот на меѓународните финансиски институции да доделат неповратни средства доаѓа од самиот проект. Доколку тој е реален и добро сработен – институциите ќе сакаат да го поддржат.

На Годишните средби најавивте голем број проекти од „зелената инфраструктурa”. Има ли интерес да се финансираат овие проекти и колку воопшто се исплатливи за земјата?

– Меѓународните финансиски институции сакаат да поддржат повеќе проекти од таканаречената „зелена инфраструктура“, како на пример гасификацијата, ветерната енергија, комуналната инфраструктура.

„Зелената инфраструктура“ има големо значење од аспект на животната средина, но и како генератор на економскиот раст. Овие проекти влијаат на привлекување инвестиции од приватниот сектор, креирање работни места, намалување на трошоците за одржување на чиста животна средина, како и здравствени бенефити.

На средбите беше изразен интерес за финансирање два проекта од областа на гасификацијата. Првиот се однесува на изградба на секундарна мрежа во повеќе општини во Република Македонија, како и зајакнување на капацитетите на општините кои ќе бидат вклучени во овој проект. Вториот проект е интерконекцијата со гасовод со Грција, односно приклучувањето кон Транс-јадранскиот гасовод, што покрај економските и еколошките придобивки, има и многу големо стратешко значење.

Постои интерес и за поддршка на проекти од обновливите извори на енергија, како ветерниот парк во Миравци, како и фотоволтаичната централа Осломеј.

Покрај ветерниот парк во Миравци, постои интерес од инвестициски банки за финансирање на втората фаза на ветерен парк Богданци. Станува збор за проект вреден 21 милион евра кој предвидува изградба на шест нови турбини во Богданци. Имаме интерес од КфВ банката за овој проект, кои би финансирале 18 милиони евра, додека три милиони евра би покриле ЕЛЕМ.

ЕБОР заедно со ЕИБ и КФВ изразија интерес и за финансирање и доделување техничка помош на Проектот за Пречистителна станица за отпадни води Скопје. Вкупната вредност на проектот е 138,3 милиони евра. Се предвидува тендерирањето да започне во 2019 година.

Покрај крупните капитални проекти во јавниот сектор, колку странски средства може да се очекуваат за поддршка на приватниот сектор, конкретно за малите и средни претпријатија?

– Не помалку важна e поддршката од странските инвестициски банки за приватниот сектор во Македонија, особено за малите и средни претпријатија, на кои им е потребен пристап до евтини средства.

На Годишните средби на ЕБОР стана збор за Програмата на ЕБОР за подобрување на конкурентноста и иновативноста на локалните мали и средни претпријатија. Станува збор за кредитна линија од 30 милиони евра од Европската банка за обнова и развој и шест милиони евра од ЕУ инвестициски грантови и техничка помош. Преку оваа програма домашните комерцијални банки би го зголемиле кредитирањето на локалните фирми под поповолни услови. Во јуни се очекува првите 10 милиони евра да бидат потпишани со комерцијалните банки, по што би станале достапни за фирмите.

Исто така, тука е евтината кредитна линија на Европската инвестициска банка во износ од 100 милиони евра. Постапката за склучување договор за нова транша со ЕИБ е отпочната. Се очекува договорот да потпише во вториот дел на годинава, по што евтините кредити ќе им бидат достапни на малите и средни претпријатија преку Македонската банка за поддршка на развојот.

Изминаа четири месеци од 2018 година. Каква е наплатата на приходите во буџетот? На повидок ли е ребаланс?

– Имаме подобра наплата на приходите кај скоро сите ставки во буџетот, ако ги споредиме првите четири месеци од 2018 со истиот период лани, што ќе може да се види од податоците кои редовно ќе ги објавиме на крајот на мај. Кај вкупните приходи имаме годишен раст од 4,6 отсто. Даночните приходи се повисоки за 7,2 отсто, додека придонесите за шест отсто – споредбено првите четири месеца 2018 во однос на истот период 2017. Ова укажува на зголемена економска активност, како и на раст на личниот доход, согласно растот на придонесите и на наплата на персоналниот данок на доход за 6,1 отсто.

Треба да се напомене и динамиката на поврат на ДДВ – првите четири месеци извршен е поврат на 7,5 милијарди денари или 121 милион евра, што е за 40 отсто повеќе во однос на лани. Повратот на ДДВ кон фирмите се прави навремено и неселективно, што е значаен импулс за поддршка на нивните редовни активности и инвестиции.

Досега скоро секоја година имало ребаланс на буџет и притоа најголем број од ребалансите биле заради потфрлање на приходите. Ние немаме таков пробелм. Сега повеќе треба да се делува од страна на институциите за подобра реализација на капиталните расходи. Буџетскиот дефицит заклучно април е помал во однос на лани. Ако лани изнесувал -0,6 отсто, оваа година е -0,4 отсто од проектираниот БДП. Со оглед на тоа дека имаме добра наплата на приходите, имаме расположиви средства во буџетот, може да се размислува во текот на годината за нивна прераспределба во ставки каде очекуваме подобра реализација.

Неодамна издадовте 30-годишна државна обврзница, а опозицијата постојано обвинува за презадолженост. Презадолжена ли е Македонија?

– Прво да потсетиме дека овие обвинувања доаѓаат од партија која кога беше на власт го зголеми јавниот долг за 3,2 милијарди евра, или од 23 отсто на 48,5 отсто од БДП меѓу 2008 и 2016 година. Парите отидоа на жални врби, палми, споменици, панорамско тркало.

Во 2017 за првпат после осум години имаме намалување на јавниот долг на годишна основа. Во првиот квартал од 2018 повторно има намалување на јавниот долг за 0,3 процентни поени од БДП. Истовремено, траспарентноста за трошењето на јавните пари е зголемена, додека помалку продуктивните трошоци се значајно намалени.

Втор момент е дека е подобрена структурата на долгот. На пример, ако во април 2012 година соодносот на краткорочни и долгорочни запишани домашни државни хартии од вредност е 93 проценти наспроти седум проценти во интерес на краткорочните, сега соодносот е 60 проценти долгорочни во однос на 40 проценти краткорочни. Тоа обезбедува намалување на ризикот за рефинансирање на долгот. Попрецизно – доспеваат стари обврски за отплата, кои мора да се покријат. Доколку се финансираат претежно со краткорочни инструменти, наскоро тие повторно ќе стигнат за наплата и повторно ќе се натрупаат обврски кои треба да се сервисираат. Кај долгорочните инструменти, освен што ги распоредувате обврските на подолг временски рок – што дозволува поефикасно менаџирање со нив, го имате и факторот на раст на економијата. На пример, за 15 или 30 години, многу реално, економијата ќе оствари поголем раст и полесно ќе се финансираат обврските.

Излегувањето со 30-годишна обврзница и огромниот интерес од инвеститорите е јасен сигнал и за домашниот, но и странскиот пазар на капитал, за довербата во перспективите на македонската економија. Имено во кризни времиња инвеститорите се насочени кон краткорочните хартии од вредност, додека во стабилни услови и позитивни изгледи расте интересот за долгорочни хартии од вредност.

Покрај овие елементи, она што е особено значајно, и веројатно најдобро ја потврдува стабилизацијата на јавните финансии и подобрувањето на изгледите за македонската економија е значителното намалување на трошоците за задолжување. На почетокот на годината издадовме евро-обврзница со рекордно ниска каматна стапка од 2,75 отсто, при исклучително висок интерес од инвеститорите. Покрај ова, значително се намалени каматните стапки на домашните хартии од вредност. На пример од 1,85 отсто на еден отсто за 12-месечните државни записи без девизна клаузула или од 2,65 отсто на 1,8 отсто за тригодишни државни обврзници без девизна клаузула.

Какви се очекувањата за економијата годинава? Останувате ли на проекцијата од 3,2 проценти раст на БДП?

Согласно очекувањата за движењето на домашната побарувачка, како и предвидувањата за меѓународното економско окружување, проекцијата за економскиот раст во 2018 година останува 3,2 отсто, што е во согласност со ревидираната проекција на Европската комисија и проекцијата на НБРМ.

Ризиците во однос на домашното окружување се значително намалени во услови на стабилизирање на домашната политичка состојба и изгледи за зголемен раст на домашната економија. Во однос на ризиците поврзани со меѓународното окружување, тие се главно поврзани со економските движења и динамиката на раст на економијата на ЕУ, како главен трговски партнер на Македонија.

Растот се очекува да биде придвижен од приватната потрошувачка, инвестициите, како и засилената извозна активност. Очекувањата за раст на приватната потрошувачка се поврзуваат со очекуваниот раст на вработеноста и платите во приватниот сектор, подигнувањето на минималната плата, растот на платите во здравството, образованието и одбраната. Приватната потрошувачка се очекува да биде поддржана и од предвидениот раст на кредитирањето на населението. Позитивен придонес врз економскиот раст се очекува да имаат планираните инвестиции на јавниот сектор и поддршката на инвестициската активност на домашните и странските претпријатија.

Предвидениот раст на економската активност се очекува да биде придружен со раст на вработеноста, кој ќе биде поттикнат и преку активните мерки и програми за вработување, како и поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места.

(Сузи Котева-Стоименова/МИА)

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here