дома Балкан Македонија била цел на хибридна војна

Македонија била цел на хибридна војна

504
0
АКЦИЈА

„Во текот на 2017 година, Македонија беше цел на хибридни закани во неколку клучни моменти, особено при промената на власта и промената на соседските односи. Разузнавачките приоритети на земјата беа насочени кон детектирање и откривање деструктивно влијание на надворешни сили, кои преку медиумско-политички инсталации во Македонија и во регионот се обидуваа да влијаат врз перцепцијата на граѓаните со проектирање на антизападен, анти-ЕУ и анти-НАТО наратив“, открива Агенцијата за разузнавање (АР) во својот годишен извештај, кој првпат е достапен и за јавноста.
Безбедносното опкружување на земјава лани, според АР, било детерминирано од глобалните поместувања на центрите на моќ, поделбата на сфери на влијанија, конфликтите на Блискиот Исток и политичката турбуленција во регионот на Југоисточна Европа. Од АР наведуваат дека приоритетите во нивното работење произлегле од надворешно-политичката агенда на Владата за засилување на активностите кон евроатлантскиот курс на државата. Поради влијанија врз безбедноста од конфликтите на Блискиот Исток, задржан е фокусот на заканите од меѓународен тероризам, странски борци и повратници, верски радикализам и насилен екстремизам. Поради засилените активности на шверцерските мрежи во близина на границата и обидите за реактивирање на „балканската рута“, кризната состојба на северната и на јужната граница била продолжена до јуни годинава, а се вршел засилен надзор врз прифатните транзитни центри.

„Интересот беше насочен кон собирање и обработка на информации за можностите од активирање на нов мигрантски бран од Блискиот Исток, Северна Африка, преку Турција и Грција, користење мигрантски рути и канали за префрлање на странските борци повратници од кризните жаришта кон Европа и Балканот. Фокусот на разузнавањето беше ставен на активностите на верско-радикалните структури во регионот и европската дијаспора кои пропагираат радикална идеологија. Од овие структури се регрутирани борци кои заминаа во кризните подрачја: Сирија и Ирак. Беа обработени главните експоненти на верски радикализам и клучни лица во регионални и европски рамки“, се посочува во извештајот.

Предмет на интерес кај разузнавачите била и „студената војна“ меѓу Русија и Западот, чии влијанија се прекршуваат во регионот, вклучително и во Македонија. Во земјава се следеле поединци и групи со криминален бекграунд. Остварена е меѓународна соработка со 46 партнерски служби на пет континенти. Разменети се 1.963 ноти, од кои 1.041 отстапени и 922 примени. Во разузнавачкиот дел се заведени 10.969 основни акти со степен државна тајна и строго доверливо, 9.588 со доверливо и 1.208 со интерно.

„Со цел подигнување на нивното на информатичка безбедност и намалување на трошоците на работење, АР го надгради системот за работа без хартија, воведе нови безбедносни процедури и контролни механизми во согласност со најсовремените стандарди, препораки и искуства за безбедност на информации и сајбер-заштита.

Врз основа на сопствен развој и преку интензивирање на меѓународната соработка, развиени се високо безбедни комуникациски ресурси за заштитена размена на информации за потребите на сопствената организациска структура. Реализирани се технички, контраразузнавачки и контраприслушни прегледи на објекти и простории во рамките на активностите за безбедносна проверка и проценка на вработени во АР и други интересни лица. Во текот на 2017 година беа извршени 57 полиграфски тестирања на вработени во АР“, тврдат во Агенцијата.

Годишниот буџет на АР изнесува 220.222.000 денари (над 3,6 милиони евра), а за плати се издвојуваат 167.134.000 денари (повеќе од 2,5 милиони евра).

Агенцијата за разузнавање е надлежна да собира податоци и информации од значење за безбедноста и одбраната на земјата, како и стопанските, политичките и другите интереси на државата. Надзор и контрола на работата на АР се спроведува од законодавната, извршната и судската власт. Собранието врши надзор на работата на Агенцијата преку Комисија за надзор и контрола врз работата на АР и Управата за безбедност и контраразузнавање. Агенцијата доставува извештај за извршената работа најмалку еднаш годишно до Собранието, кое ги доставува заклучоците од извештајот до претседателот на државата и до Владата.

Горан Адамовски

Превземено од Независен весник

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here