дома Балкан Јанева: За сите отворени предмети има материјални докази и сведоци

Јанева: За сите отворени предмети има материјални докази и сведоци

474
0
АКЦИЈА

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева презентирајќи го шестмесечниот извештај на СЈО пред членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците рече дека прислушуваните разговори кои се предмет на ова Обвинителство се само индиција врз основа на која е остварена предистражната постапка и дека за сите отворени предмети има материјални докази и сведоци.
Поврзувајќи го периодот од првиот до овој последен извештај на СЈО, Јанева рече дека со својот тим континуирано работи на откривање кривични дела што произлегуваат од добиените аудиофајлови.

Посочи дека конечно е воспоставена соработка со Основното јавно обвинителство, со Обвинителството за организиран криминал и со други домашни и меѓународни институции.

На забелешките во јавноста дека не се третираат прислушувани лица од опозицијата, Јанева рече дека тие не можат да бидат предмет на истрага бидејќи не биле функционери.

Специјалната јавна обвинителка побара судот поинтензивно да ги закажува рочиштата за да може да ги докажат делата што ги наведуваат во обвиненијата и, како што додаде, судот треба да ја има предвид сериозноста на делата.

Пред членовите на Комисијата изрази уверување дека ќе се најде решение за правната положба на СЈО за да му овозможи до крај да ги заврши предметите.

Пратеникот Бетијан Китев од СДСМ посочи дека извештајот е објективен и дава јасна слика за реалната состојба.

Постоењето на СЈО, како што кажа Китев го оправдуваат поднесените обвиненија, донесените пресуди и одлуката на Апелацискиот суд „снимките“ да се користат како докази во судските постапки.

Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, со спротивно гледање на рапортот на Јанева. Според него, извештајот е нецелосен и не одговара на сите прашања што треба да ги содржи.

Тој упати забелешка и на ангажирањето вештаци кои се во блиски релации со СДСМ, што според него остава простор за сомнеж.

Илиоски ја праша Јанева дали СДСМ им ги предале сите прислушувани материјали и дали за тоа има записник бидејќи, како што рече, се слуша дека се уште има такви разговори кои не им се предадени и се на црниот пазар.

Јанева одговори дека СЈО направило попис на целокупниот прислушуван материјал што како доказ се наоѓа во судот, а е поврзан со предметот „Таргет-Тврдина“.

Врз основа на Извештајот во овој шестмесечен период, од септември 2017 до март оваа година, СЈО завело 136 предистражни постапки, отворило седум нови истражни постапки, а целосно се одобрени 15 обвиненија. Во истиот период, СЈО отворило седум нови истражни постапки против вкупно 17 физички лица.

СЈО досега обработило 515.572 од вкупно 606.555-те аудио-фајлови со кои располага односно 85 отсто од „бомбите“ предадени од Зоран Заев, при што изработени се 1.784 транскрипти.

Превземено од Независен весник

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here