дома Балкан Стејт департмент: За договор за името ќе требаат уставни измени, какви –...

Стејт департмент: За договор за името ќе требаат уставни измени, какви – ќе договорат Скопје и Атина

422
0
АКЦИЈА

Претпазлив оптимист – оваа фраза ја употреби висок претставник на Стејт департментот во Вашингтон на прашањето на „360 Степени“ за неговата проценка за исходот од тековните преговори за името. Тој вели дека за да се стигне до совпаѓање на основните барања на двете страни, ќе бидат потребни и одредени уставни измени. Какви и колку длабоки би биле тие, треба да се договорат Скопје и Атина, вели високиот претставник на Стејт департментот во разговорот што „360 Степени“ го водеше денеска. Овој аспект од процесот – Уставот и степенот на интервенција во него, тој ги смета за клучен елемент во потенцијалното пакет-решение.

Прашањето го нарече комплексно и според неговите проценки, ќе треба сериозно лидерство и креативност за да се дојде до договор. Креативност, вели тој, ќе бара и т.н. секвенционирање на договорот – или определување временска рамка за тоа како тој ќе се имплементира и што за возврат ќе добива Македонија во секоја од секвенците.

„Топло-ладно“ атмосферата во преговорите ја смета за нормална работа, но вели дека е добро што во основа во двете земји продолжува оптимизмот за можен компромис. За најтешките прашања очекува вклучување и одлука од премиерите Заев и Ципрас.

На моето прашање дали има план Б, ако преговорите за името не успеат и ако Македонија не добие покана за членство во НАТО во наредните месеци, преставникот на Стејт департментот одговори:

„Фокусирани сме на успешно завршување на процесот и нема причини да веруваме дека ќе изостане успех“.

Околу можноста за директно инволвирање на американската администрација во разговорите, мојот соговорник одговара дека не знае дали Грција и Македонија би сакале Вашингтон да се вклучи на таков директен начин, но потврди дека ќе продолжи американската поддршка на процесот.

За руските обиди за попречување на зачленувањето на Македонија во НАТО, претставникот на Стејт департментот рече дека целта на Кремљ е да ја поткопа стабилноста на Балканот.

„Русија се обидува да го попречи успешното финиширање на преговорите меѓу Скопје и Атина, не само преку своите активности во Скопје туку и преку своите партнери и структури во Грција – низ негативна кампања во медиумите и особено на социјалните мрежи. Целта на Москва не е Русија да успее туку другите да не успеат“ – вели за „360 степени“ високиот претставник на Стејт департментот.

Превземено од IPORTAL

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here