дома Балкан Интервју со Робертсон: Македонија од 2001 и оваа сега е ден и...

Интервју со Робертсон: Македонија од 2001 и оваа сега е ден и ноќ

501
0
АКЦИЈА

Поранешниот генерален секретар на НАТО, Робертсон е лидерот на новоформираната неформална „Група Охрид“ за поддршка на Република Македонија на нејзиниот пат кон членство во НАТО и ЕУ.
Робертсон, кој беше десеттиот генерален секретар на НАТО од 1999 до 2004 година, повеќепати ја имаше посетувано Македонија, особено за време на кризата во 2001 година. И беше еден од важните меѓународни дипломати кои помогнаа во решавањето на конфиктотт и постигнувањето на Охридскиот рамковен договор.

Во интервјуто за МИА, кое Робертсон го даде за време на престојот во Скопје на 24 април се осврнува на состојбата во Македонија некогаш и сега, говори за начинот на кој ќе функционира „Групата Охрид“, за спорот со Грција за името и можноста тој да се реши до јулскиот самит, за односите НАТО-Русија, а дава и дефиниција за тоа што е вистински патриотизам во 21. век.

Господине Робертсон може ли да направите споредба на ситуацијата во Македонија во 2001 година и денес?

– Ноќ и ден. Во 2001 година имаше сериозна криза, прашање на живот и смрт. Земјата беше на работ на мошне крвав конфликт, кој можеше да се прошири, имаше голем број надворешни агенции кои реагираа и беше важно да се запре. Тоа беше многу проблематично време. Денес сум во модерен, европски град, со пријателски расположени луѓе, со кафулиња, продавници, што непречено работат. Сега ситуацијата е многу поинаква.

На прес-конференцијата со премиерот Заев ја промовиравте неформалната „Група Охрид“. Како оваа група планира да и помага на Македонија, одвоени средби со власта, опозицијата, заеднички средби, кои се механизмите на функционирање на групата?

– Ние сме достапни за соработка. Луѓето можат да не искористат на начинот на кој им одговара. Достапни сме за Владата, за опозицијата, за Парламентот, за претседателот. Во денешно време не морате да се ограничувате на физички состаноци, денес средствата за комуникација се напредни. Ќе имаме физички состаноци, како што имавме денеска, можеби за време на самитот ЕУ-Западен Балкан, но и во други прилики ќе дојдат некои членови на групата. Ние сме еден вид виртуелни советници.

Дали станува збор за еден вид булдожер дипломатија, дали ќе лобирате Македонија конечно да добие покана за членство во НАТО на самитот во јули?

– Лобирање не е соодветен збор. Ние сакаме да ја зголемиме свеста за тоа што Македонија направи во минатото, за важноста на Македонија за регионот, за тоа колку е важно за Балканот како целина Македонија да стане членка на НАТО. Сакаме да укажеме на опасноста што му претстои на Балканот, доколку земја која толку многу инвестираше од ’90-те години на минатиот век сега биде игнорирана од регионот како целина.

За време на посетата на Македонија во јануари генералниот секретар Јенс Столтенберг јасно порача дека нема влез во НАТО без решен спор со Грција за името, ваше мислење на овој став?

– Генералниот секретар на НАТО изнесе факт. Принципот на кој почива НАТО е дека нуту една одлука не се носи без конензус. Ако нема консензус вашата земја не може да се приклучи кон НАТО, тоа е суштински факт.

Спорот за името се влече со години, вие денеска сте тука во пресрет на новата рунда преговори за името. Ваша оценка колку Македонија и Грција се близу до конечно решение?

– Не знам, но се надевам, нема причина да мислам дека работите ќе се влошат повеќе, отколку што биле во минатото. Преговорите се водат зад затворени врати, ние не сме брифирани за нив, но во интерес на Грција е, а и секако и во интерес на Македонија да се постигне компромис, кој ќе и овозможи на Македонија да оди напред на патот кон членство во НАТО. Сепак нашата работа тука не е да преговараме, да се мешаме или да навлегуваме во домашната или надворешната политка на земјата.

Дали Грција со ваквата блокада всушност не ја нарушува стратегијата на НАТО за регионот?

– НАТО сака стабилен Западен Балкан. Тоа е во интерес на земјите-членки на НАТО, но и пошироко на цела Европа. Знаеме што се случи кога Балканот се дестабилизира во минатото, сите имаат интерес од поголема стабилност. Македонија има евроатлантски институции, кои можат да придонесат кон стабилноста кон која се стремиме.

Во која мера резултатот од преговорите зависи од напорите на Македонија, а колку од добрата волја на Грција?

– Исходот од преговорите зависи од двете страни, зависи од оние кои преговараат.

Се работи ли на друг модалитет, на пример добивање покана под привремената референца со можност спорот да се решава понатаму?

– Нема начин да се влезе во НАТО без да биде постигнат консензус.

Ваше мислење како искусен дипломат и политичар дали во политиката има вин-вин ситуација, кога станува збор за преговори, какви што се овие со Грција?

– Тешки преговори имаше во 2001 и тогаш продуциравме солуција, која беше непријатна за екстремите на двете страни. Но луѓето во тоа време, премиерот Георгиевски, претседателот Трајковски, Црвенковски како лидер на опозицијата, Ахмети и Џафери од албанските партии сите тие мораа да направат компромис. Не беше лесно, јас бев соживеан со тој процес, без целосно вклучен за да се постигне компромис. На крајот на денот продуциравме солуција, со која го сочувавме мирот во земјата, која можеше да биде уништена од војна.

Во 2001 одредени кругови потпишувањето на Охридскиот договор го сметаа како чин на предавство, денес некои кругови како чин на предавство го сметаат договорот што би бил постигнат со Грција. Што според вас претставува патриотизам во вистинска смисла на зборот?

– Вистинскиот патриотизам за вашата земја е да се направи она што е најдобро за идните генерации. Тоа значи да се отстранат препреките за напредок и раст. Вистински патриотски партии тука се оние кои веруваат во раст на економијата, во подобрување на односите со соседите, кои праваат компромиси за да се постигне баланс во економијата и во општеството, да се изгради општество заснова на вистински вредности. Тоа се слободата на говорот, слободни медиуми, владеење на правото, почитување на приватната сопственост. Тоа се вредности, кои ние на Западот ги почитуваме. Вистинските патриоти во оваа земја се оние кои гледаат долгорочно. Понекогаш мораме да ги турнеме екстремите настрана и да ги сместиме на задното седиште, да мислиме на младите, на идните генерации. Мојата последна посета како генерал секретар на НАТО беше во 2003 година, тогаш го посетив селото Теарце. Децата, кои таму не пречекаа не знаеја кои сме, имаше хеликоптери, ТВ камери. Тие беа живи, ако работите тргнеа во поинаква насока тие можеше да бидат мртви, ранети или да станат бегалци. Тогаш компромисите беа направени, екстремите беа замолчени, мирот беше постигнат и благодарение на тоа овие деца денес се возрасни личности.

Рускиот амбасадор Олег Шчербар порача дека Македонија треба добро да размисли околу членството на НАТО. Кажа и дека „Доколку Македонија се зачлени во НАТО, ќе стане легитимна цел ако дојде до конфликт меѓу НАТО и Русија“. Ваш коментар?

– Имав добри односи со Русија, кога бев на чело на НАТО. Би сакал и денес НАТО и Русија да имаат добри односи, во тој случај не би се давале вакви изјави. Мора да сфатиме дека стабилноста на Западен Балкан е нешто што е во интерес на сите. И секако нема да има конфликт меѓу НАТО и Русија.

Дали постојат други опции за Македонија, освен НАТО?

Секако тука е членството во ЕУ. Треба да бидете амбициозни, Македонија да стане дел од ЕУ и тоа е мошне важно за просперитетот и за идните генерации. Сепак Македонија е мала земја и мошне е важно младата НАТО популација да остане во земјата, отколку да оди на друго место.

Според ваша проценка можно ли е некој вид повторување на 2001, доколку останеме надвор од НАТО?

– Тоа не е можно. Зборував со Али Ахмети, но и со претставници на другите политички партии. Не постои можност такво нешто да се случи. Новиот градоначалник на Арачиново е жена, етничка Албанка, која е избрана како кандидат на СДСМ и која го победила кандидатот на албанската партија. Со ова пробивот е направен, ова е прекрасна приказна што ќе ја понесам со себе.

Дали очекувате Македонија во јули конечно да добие покана за членство во НАТО?

– Не сакам да изнесувам очекувања. Македонија мора да биде постојана. Бидете постојани, ако сега не успеете, продолжете да чекорите понатаму и во еден момент ќе го добиете посакуваното.

Превземено од Независен весник

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here