дома Балкан Една година по крвавиот четврток: Чочек, кавги и блокади во парламентот

Една година по крвавиот четврток: Чочек, кавги и блокади во парламентот

460
0
АКЦИЈА

На денешен датум пред една година, Талат Џафери стана првиот етнички Албанец на чело на македонскиот парламент. Уникатноста на тој чин беше потенцирана со тоа што Џафери е и првиот спикер избран на импровизиран начин, на конститутивна седница која беше отворена цели четири месеци, а по чие завршување се одигра крвава драма во законодавниот дом, чии последици сѐ уште се чувствуваат и санираат. Крвавиот четврток, кој беше предизвикан откако „некој“ однатре им ги отвори собраниските врати на протестантите против „тиранската платформа“, сепак, значеше и отворање на вратите за формирање на новата влада на СДСМ и на ДУИ.
Овие 12 месеци во парламентот поминаа во најголем дел во светло на настаните од 27 април, кога беа повредени многумина пратеници од новото мнозинство, а беше загрозена безбедноста и на новинарските екипи и на собраниските служби, по што шестмина пратеници од опозицијата останаа без имунитет и завршија во притвор поради помагање на масата демонстранти кои влегоа во собраниската зграда. Приведувањата за учество во настаните на 27 април, пак, беа причината поради која ВМРО-ДПМНЕ речиси пет месеци го бојкотираше парламентот. Поради тоа, вчерашната седница за пратенички прашања беше прва од почетокот на годината во присуство на опозицијата, која дури на 12 април се врати во собраниските клупи.

ВМРО-ДПМНЕ и вчера искористи можност да го отвори прашањето околу приведувањето на пратениците без претходно да биде одземен нивниот имунитет. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговори дека во случајот не станувало збор за одредување притвор, туку за приведување. Тој рече дека сите наредби за приведување за насилствата од 27 се издадени од судија на претходна постапка врз основа на претходно барање на јавниот обвинител за гонење организиран криминал и корупција.

– Македонските пратениците имаат функционален, а не материјален имунитет. Функционалниот имунитет оневозможува одобрување притвор без Собранието да донесе одлука за одземање на имунитетот. Но овде не станува збор за притвор, туку за приведување, а врз основа на правилниците со кои работи МВР, се води посебна сметка за малолетни и инвалидни лица и видно бремени жени – рече Спасовски.

Такви лица, според министерот за внатрешни работи, немало меѓу тие што беа приведени.

– Тоа посебно се однесува на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Тие ниту се малолетни ниту се инвалиди кога можеа да ги отворат со две раце вратите на Собранието, а немаше ниту бремени жени. И во тој дел веднаш е направена внатрешна контрола и извештајот е даден до народниот правобранител на РМ – посочи Спасовски.Според него, народниот правобранител ги има добиено сите акти, сите прописи, наредба од судија и може да цени и да донесува извештаи.

– Само укажувам дека полицијата постапи врз основа на закон, на Устав и на подзаконски акти – рече министерот.

Во извештајот на народниот правобранител за 2017 година се наведува дека настаните со насилството во парламентот ја потврдиле непрофесионалноста на полицијата, што потоа се покажало и во случаите со приведување на тројца пратеници, кои со лисици беа спроведени до судот, без притоа да се почитува нивниот имунитет. Според Извештајот на Европската комисија, пак, насилството во Собранието во април 2017 година беше напад на демократијата и треба да се воспостави одговорност за оние што ги оркестрираа овие инциденти и под итно треба да се реши безбедноста во парламентот, така што за него не треба да се грижи државната полиција.

– И покрај предизвиците со кои се соочи, новиот парламент вложи напори за постепено враќање на балансот и контролата врз извршната власт, фокусирајќи ги своите активности на долгорочни реформи за да ги подобри своите капацитети за надзор и зголемување на транспарентноста – стои во Извештајот. За опозицијата се наведува дека нејзиното дејствување било обележено со агресивност и повремени прекини на парламентарните активности. Се препорачува парламентот да ја зголеми својата продуктивност, како форум за конструктивен дијалог.

Истрагата за 27 април резултираше со подигање обвиненија за тероризам и загрозување на уставниот поредок против триесетина лица, меѓу кои се и петмина од шесттемина пратеници на кои им беше одземен имунитетот. Тројца од нив сѐ уште се во домашен притвор, но иако не беше исполнет целосно „математичкиот услов“ на ВМРО-ДПМНЕ за прекинување на бојкотот, опозицијата, сепак, се врати во парламентот.

Вчерашната седница за пратенички прашања покажа дека нетрпеливоста меѓу новото мнозинство и опозиција е сѐ уште голема, и покрај смената на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот Џафери, за време на седницата, постојано ги опоменуваше присутните за недолично однесување. Опозицијата прво влезе во собраниската сала со музика за чочек, која пратениците ја пуштаа на своите мобилни телефони, а како алузија на блех-музиката при пуштањето на новиот автопат Демир Капија – Смоквица. Потоа, пратеникот Илија Димовски гласно протестираше дека половина влада не е дојдена да одговара на пратеничките прашања. Министерот Дамјан Манчевски, пак, стана и ги снимаше пратениците од опозицијата, како одговор на нивните тврдења дека многу од министрите не се во салата. Попладнето, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотираше неформалната средба на премиерот и на министрите со пратениците за време на редовната собраниска пауза, што како новина ја најавија пратениците од СДСМ, а во соработка со Националниот демократски институт.

Инаку, пред една година новото парламентарно мнозинство го сочинуваа 62 пратеници од коалицијата на СДСМ, од ДУИ и од Алијансата на Албанците, наспроти најголемата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ која броеше 51 член. Во меѓувреме, се случија воочливи престројувања во законодавниот дом, така што Алијансата излезе од Владата, а неколкумина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ преминаа во мнозинството. По празниците, се очекуваат нови поместувања, со оглед на најавите на Заев за проширување на мнозинството и за реконструкција на Владата.

Александра М. Митевска

Превземено од независен весник

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here