дома Македонија Македонија не кажува за кого навива во Сирија

Македонија не кажува за кого навива во Сирија

440
0
АКЦИЈА

Македонија засега одбива да заземе став по воздушните напади во Сирија, во кои мета се хемиските погони на претседателот Башар ал Асад. Поголеми грижи ни создава претпоставениот нов мигрантски бран кој ѝ се заканува на земјава и притисокот од јужната граница. Воените аналитичари, пак, потенцираат дека не очекуваат зголемување на напнатоста на Блискиот Исток ниту префрлање на кризата во Европа.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вели дека тоа што се случува на илјадници километри од нас ќе има влијание врз Македонија со зголемување на мигрантскиот притисок, меѓутоа и со една глобална ситуација во светот која не им одговора на малите држави.

„Она што се случува во Сирија покажува колку е кревка безбедносната ситуација во светот и колку, за жал, темите од типот мир и безбедност повторно стануваат главни теми. Тоа ни покажува и нам како мала држава колку ни е важно да бидеме дел од системи за колективна безбедност. Како држава се подготвуваме и за зголемување на мигрантскиот притисок врз границите“, рече Шекеринска.

Таа посочи дека се подготвуваат следните денови да имаат дополнителни разговори со Министерството за внатрешни работи и со сите други институции околу можните зголемувања на притисокот на границата.

„Но, дури и без нападот во Сирија, јасно е дека притисокот врз границата постои. Не е така видлив како во 2015 година, но фактот дека пред некое време имавме околу стотина мигранти кои нелегално се обидуваа да ја поминат границата и за среќа беа фатени, покажува дека Македонија и регионот, практично, треба да се навикнат дека ова ќе трае и дека мора да имаме систем кој ќе биде постојано активен, а не по потреба“, изјави министерката.

Како држава, потенцираше, го кажавме нашиот став во поглед на користењето на хемиското оружје по една друга тема, но тоа е наш генерален став.

„Ние веруваме дека мир во светот е возможен и стабилен свет е возможен само ако ги почитуваме глобалните правила. Едно од тие глобални правила со консензус прифатени во светот е забраната за користење на хемиското оружје. Употребата на хемиското оружје во Сирија утре може да значи употреба на хемиско оружје секаде. Нашиот став беше јасен, принципиелен и е дел од нашите стратегиските определби“, додаде министерката за одбрана.

Нашите соседи веќе се изјаснија кој е за кого. Албанија и Косово се декларираа дека ги подржуваат западните сојузници и нивните нападите врз Сирија. Според нив, обидот на демократските земји да воспостават мир во оваа земја е неопходна активност, а хемиските напади што ги практикувал Асад се надвор од памет. Српскиот претседател Александар Вучиќ смета дека станува збор за пресметка на големите земји и дека неговата земја треба да остане неутрална.

Воените аналитичари што ги консултиравме сметаат дека нема да дојде до продлабочување на кризата и до преселување на конфликтот на европска почва. Според нив, не е реално да се очекува одговор од Русија.

„Тие точно знаат колку им е силата, односно многу добро знаат оти нивната сила е преценета и повеќе се заснова на маркетинг. Но одговор секако дека ќе има и тоа преку субверзивни дејствија, што за Велика Британија и за Франција може да биде уште полошо. Значи, зборуваме за сајбер-напади, нарушување на економијата и слично. Од нападите во Сирија, со исклучок на невиното население за кое не се грижи никој, добија двете страни. Американскиот претседател Доналд Трамп ја зајакна својата позиција, неговиот стил на владеење и онака е само циркус и атракција за медиумите, а рускиот колега Владимир Путин сега има алиби за злото што доаѓа од Западот. Башар ал Асад, пак, ќе биде претставен како светец пред муслиманскиот свет бидејќи најмоќните држави го бомбардираа, а не му направија ништо. Додајте на тоа дека САД, Велика Британија и Франција се изјаснија дека ја исполниле својата цел и нема повеќе да напаѓаат,така што може да се претпостави дека нема да има други консеквенции. Кога е во прашање Македонија, ние сме далеку од сите битни случувања, апсолутно сме безбедни“, коментираат аналитичарите.

И Националниот координатор на Македонија за НАТО, Стево Пендаровски, се согласува дека сојузничките напади во Сирија нема да имаат подалекосежни последици.

„Ќе има доколку трае подолго, како на пример, при бомбардирањето во регионов во 1999 година кое траеше со месеци, па во земјава дојдоа илјадници бегалци. Но, во конкретниот случај во Сирија, станува збор за еднократна акција, па не верувам дека ќе има консеквенции ниту кон околните земји, а не пак кон Европа и Македонија. САД предупредуваат дека ќе нападнат уште еднаш или колку пати и да биде потребно, но само доколку режимот користи хемиски напади. Значи, строго доколку добие повод за тоа. Што се однесува до можниот нов бран бегалци, мислам дека и до тоа нема да дојде, барем не поради овие напади. Во 2015 година имавме криза, но таа беше предизвикана поради тоа што ЕУ не ѝ помагаше на Турција, која на своја територија држеше околу три милиони бегалци од Сирија и потоа ги пушти кон Грција и Македонија како одмазда. Следуваше договорот со Брисел, односно со Ангела Меркел, кој гледаме дека не се почитува. Да заклучам, ниту едно бомбардирање и напад што траат еден ден или ноќ не предизвикуваат нов бран бегалци во земја што константно е во војна од 2011 година“, анализира Пендаровски.

Горан Адамовски

Превземено од Назависен весник

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here