дома Македонија Заев за МИА: На Мицкоски и на опозицијата можам да им држам...

Заев за МИА: На Мицкоски и на опозицијата можам да им држам лекции за економија до сабајле

754
0
АКЦИЈА

„Јас сум среќен кога ќе се сетам каде бевме, а каде сме сега, до каде стигнавме. Бевме држава во изолација во која граѓаните живееа во страв, држава со политички тензии, а денес зборуваме за пријателства со соседите, за повисоки плати и за слобода. Слобода е, и критиката ја сфаќам како можност за корекција на власта. Следам внимателно и од каде доаѓаат тие критики. Доаѓаат од амбициите за позиции, но доаѓаат и од високите очекувања на граѓаните. Секогаш се трудам да ги земам предвид оние кои се конструктивни и аргументирани за да ги поправаме политиките и однесувањата“, вели во интервју за МИА премиеорт Зоран Заев.

Запрашан дали како Влада лоцирале каде и што е нефункционално во системот, премиерот Заев објаснува дека лоцирале институции и систем што се блокирани, што се нефункционални како сервиси за граѓаните, заради постоечки законски решенија.

-Тоа се решава со промени во легислативата. Затоа влеговме во реформи. Тешки, но неопходни реформи. За да ги ослободиме институциите, за да профункционира системот како граѓански сервис.

За највената реконструкција и кадровско проветрување Заев вели дека има прилично јасна претстава какви решенија треба да бидат преземени. „ Ги правам последните консултации. На разрешувањата треба веднаш да им следуваат и новите именувања. За мене е сосема логично некој што не може да испорача резултати да биде разрешен или сам да се повлече“.

Прашан дали ова проветрување ќе важи и за најголемиот коалициски партнер зашто има многу забелешки што се упатуваат на таа адреса, затоа што, пред се, оттаму се очекуваа нови луѓе, премиерот во интервјуто излегува со ставот дека ДУИ понуди луѓе кои не беа во претходната власт, луѓе кои даваа надеж дека ќе се работи.

-Јас на луѓето во Владата не гледам како на луѓе од СДСМ, како луѓе кои дојдоа од експертската сфера, од граѓанскиот сектор или од било која друга партија. Гледам на нив како на луѓе кои треба да испорачаат резултати. Дополнителен критериум за мене е колку нивната работа влијае да се забележи разлика од политиките на претходната власт, дали работата на институцијата е променета на подобро. Граѓаните ја променија власта и логично е да очекуваат конкретни, видливи промени во институциите. Следува прашањето дали сме реализирале барем дел од ветувањата, од програмата што сами ја понудивме. Носителите на јавни функции мора да испорачаат резултати со кои се подобрува животот на граѓаните. Во тие рамки ќе се движат размислувањата и одлуките за промените што ќе следуваат.

Во одговор на речиси секојдневните напади од лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски дека во Владата има „многу политика, малку економија“, дека земјата е изложена на „економско цунами“ на депресија и на нови задолжувања“, премиерот Заев објаснува дека за некои работи се согласува со Мицковски, особено во делот на реформите. Вели дека со него се договориле и мисли дека може да најдат заеднички прифатливи решенија за прашањата од национален интерес.

-Но, кога зборува за економијата, мислам дека не се снаоѓа најдобро. Република Македонија беше во минус. Беше урнисана држава, финансиски комплетно разнебитена. Имајќи го сето тоа предвид, досега ние успеавме да го стабилизираме буџетот на државата, да постигнеме раст на економијата, платите почнаа да растат. Без разлика кој како ќе го сфати ова, меѓутоа за овие прашања можам да им држам лекции на Мицкоски и на опозицијата до сабајле, па и повеќе. Најголем дел од времето го посветувам на економските прашања, меѓу другото и затоа што сум економист. Јас имам добар министер за надворешни работи, добар министер за евроинтеграции кои ги тераат тие процеси, за кои не треба да се заборави дека имаат големи врски и со економијата, и со нив заедно ги конципиравме и комплетиравме нашите стратешки позиции кога се во прашање меѓународната политика и евроинтеграциите. Затоа мене ми останува голем дел од времето да го посветам на најважното прашање од интерес на граѓаните, економијата, вели Заев.

Извор: IPORTAL

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here