дома Македонија Заев со честитки по повод Велигден до верниците на Католичката црква

Заев со честитки по повод Велигден до верниците на Католичката црква

484
0
АКЦИЈА

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев по повод христијанскиот празник Велигден, што го прославуваат верниците на Католичката црква, упати писмо со честитки до Г. Киро Стојанов, Бискуп Скопски и Апостолски Егзарх на Римокатоличката Црква во Република Македонија.

Премиерот Заев во честитката пишува дека во негово лично име и во име на Владата на Република Македонија, на сите христијани од Католичката црква, им го честита големиот христијански празник – Велигден.

– Овој празник го означува крајот на патувањето низ страдањата Христови поминати во пост и молитва, крајот кој, всушност, завршува со победата над смртта која ја славиме со воскликот „Христос воскресна! Навистина воскресна!“ – се вели во честитката на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев до Г. Киро Стојанов, Бискуп Скопски и Апостолски Егзарх на Римокатоличката Црква во Република Македонија.

Претседателот Заев во писмото вели дека „со својот подвиг посветен на нас луѓето, Христос ни се даде како пример и помина низ Голготата на смртта. И за момент, кога сè изгледаше како пораз, и кога темнината ја нападна земјата, Божјата тридневна тишина беше завршена и Тој воскресна и со смрт смртта ја победи за да ни ја врати со целата полнота надежта.

„Со воскреснувањето на Исус Христос“, пишува премиерот Заев до верниците на Католичката црква по повод Велигден, „се случи нешто навистина ново, нешто што ја промени состојбата на човештвото и светот и се оприсутни како сила на надеж за победа над сите човечки ситуации на страдање и неправда“.

– Нека е за многу години празникот на Воскресението Христово и на воскресението на новиот човек. Радоста на овој, и на сите идни Велигдени да ни ја даде силата за изградба на едно општество за сите, кое е мирољубиво, и во кое се почитува верската слобода на сите нејзини граѓани. „Христос воскресна! Навистина воскресна!“

Среќен Велигден до сите верници од Католичката црква! – се вели во писмото до Г. Киро Стојанов, Бискуп Скопски и Апостолски Егзарх, и до сите верници на Римокатоличката Црква во Република Македонија по повод Велигден.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here