Македонија добива нов студен туш од Брисел, по се изгледа бугарското вето станува реалност. Во најновата нацрт Декларација на Самитот за Западен Балкан која треба да се усвои денеска, лидерите на Европската унија ја повикуваат нашата држава да ги реши билатералните прашања, а експлицитно се споменува и договорот со Бугарија. За европските челници сега тој стана исто важен како и Договорот од Преспа.
Токму нашиот источен сосед е најновата пречка на Македонија на евронтегративниот пат. Сега услов стана откажување од македонскиот јазик и македонското малцинство, како и голем дел од нашата историја. Дека договор со Бугарија за историските прашања е клучен за напредокот кон ЕУ, стои и во ставот 9 од Нацрт декларацијата на Самитот во Загреб.
-ЕУ целосно го поддржува залогот на партнерите од Западен Балкан за инклузивна регионална соработка и зајакнување на добрососедските односи, вклучително и со земјите членки на ЕУ. Спроведувањето билатерални договори со добра волја и со опипливи резултати, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, останува важно во овој поглед, се вели во ставот 9 од Нацрт декларацијата за Самитот во Загреб.
Дека Бугарија се подготвува да стави вето на пристапните преговори на Македонија со ЕУ се закани и европратеникот Андреј Ковачев, кој доаѓа од партијата ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов. Тој вели дека е против стопирање на работата на комисијата за историските прашања поради изборите во Македонија.
-Ако до месец Јуни не проработи историската комисија и властите во Скопје продолжат со фалсификување на историјата, Бугарија нема да даде согласност за започнување на претпристапните преговори, се закани Ковачев.
Пред една недела опозицијата објави бугарски документ, кој беше криен од страна на власта, а стана дел и од официјалните документи на ЕУ. Во него Бугарија бара Македонија да се откаже од македонскиот јазик, малцинството, голем дел од својата историја, што значи и признавање дека Гоце Делчев е Бугарин. Иако македонската Влада веќе се израдува на добиен датум за старт, сепак како повторно да се лизна. Зборовите „проширување“ или „интеграција во ЕУ“ ги нема никаде во нацрт текстот на „Декларацијата од Загреб“.
Извор: Алфа тв