дома Грција Репортажа од Халкидики: Егејско море го чека продолжениот викенд

Репортажа од Халкидики: Егејско море го чека продолжениот викенд

515
0
АКЦИЈА


Времето изминативе денови на Халкидики е идеално, 26-27 степени преку ден, 17-18 во ноќите. Сонцето и облаците се менуваат, не врне. Морето е топло и чисто, пријатно за капење. Туристи едвај има, главно пензионери и семејства со мали деца. На плажите има место да избираш. Вообичаено, меѓу гостите предничат Србите, кои во Грција се како дома, потоа Македонците, а има понекој Бугарин, Германец, Англичанец, Полјак, Русин…

„Во јули и во август е премногу жешко, премногу луѓе и прескапо. Ако сакаш вистински одмор, ќе дојдеш на крајот од мај или почетокот од јуни“, вели брачна двојка од Штип.

Се зацврстуваат оградите, се коси тревата, се бојосува, домашните ги подготвуваат своите куќи и објекти. Велат дека им останале уште неколку дена, оти од први јуни, кога ќе почне сезоната, не смеат да работат ниту во своите дворови за да не ги вознемируваат гостите.

„Точно, официјалниот почеток е на први јуни, но сите ние знаеме дека работната недела кај вас завршува во среда. Четврток и петок ви се празници, ќе имате продолжен викенд, а тоа значи дека и ние ќе имаме зголемен број гости“, вели Костас Јуцос, сопственик на апартманите „Александра“ во Пефкохори. Зборува на македонски јазик, уфрла некој збор и на српски, појаснува дека сите три народи можеме да се разбереме ако сакаме.

Во пресрет на сезоната, на првиот крак се случуваат помали дефекти со водоснабдувањето и со електричната инсталација, но се очекува тоа да биде санирано во наредните денови. Впечаток е дека секоја година цените растат за некој процент. Во маркетите, килограм банани чини две евра, колку и килограм лубеница, доматите се 1,30 евро, пиперките 1,25, лебот 1,35, јогурт – 1,50, млекото 1,30, лименка грчко пиво од 1 до 1,60, печено пиле – осум евра, две евра за два литри „кока-кола“, литар дизел е 1,60 евро, а литар безоловен 98 – 1,85 евро… Во пицериите се јаде највкусно, голема фамилијарна пица чини 12-13 евра. Во таверните салатите чинат од пет до седум евра, чаша узо од 2 до 3 евра, шише грчко прво се продава за три евра, кафето – 1,50 евро, гирото помалку од три евра. Во баровите пијачките и популарните коктели одат од четири евра, па нагоре. Цената на собите се движи од 25 до 40 евра по ноќ. Секако, луксузот се плаќа повеќе.

Речиси сите ресторани нудат мени на денот за двајца, во кое добивате по една порција риба или месо, салата, десерт и половина литар вино. За тоа ќе платите 26 евра. Кафеанџиите сметаат дека тоа е многу евтино и затоа реклами за ваков оброк ќе видите на секој чекор.

„Изминатите денови можеби беше поевтино поради кризата. Цените растат како што економијата застанува на нозе“, велат неколкумина Срби, кои 16 години по ред работат во Грција.

Кој бил во Грција на море знае дека српскиот јазик е прогласен за „официјален“. Нема продавница, дуќан или ресторан каде што понудата не е преведена и на српски. Голем број од апартманите ги менаџираат српски агенции.

„Вообичаено, наемот го вршиме за 150 дена во годината, односно од први или 15 мај, до први или 15 октомври. За тие пет месеци една двокреветна соба ја изнајмуваме за 3.000 или 3.500 евра, во зависност од локацијата и условите во неа. За куќа со 10 соби плаќаме помалку од 30.000 евра. Секако дека на крајот од сезоната сме во корист инаку зошто би го работеле ова? Но не е секоја година иста, а во агенцијата имаме и други трошоци, плус плати за еден куп луѓе што работат на проектот“, вели менаџер на српска агенција и дополнува дека сите останати даноци паѓаат на товар на газдата на куќата.

Добар дел од локалите сѐ уште не се отворени, на газдите не им се исплаќа да плаќаат режиски трошоци и да вработуваат луѓе кога нема доволно муштерии за да бидат барем на позитивна нула.

„Мојот газда секоја година го отвора ресторанот на 15 мај, а јас веќе четврта година работам кај него. Од Атина сум, по завршувањето на студиите уживам во уметнички активности, но од тоа не се вадат пари. Затоа шест месеци доаѓам тука во Пефкохори и работам како келнер. Добивам плата од 500 евра (плус бакшиши), сместување и јадење“, вели Јанис, 25-годишно момче.

Домаќините на првиот крак очекуваат милион гости годинава. Коментираат дека мирот и спокојот во кој деновиве уживаат и тие и меѓу многубројните гости набргу ќе се претворат во метеж и врвулица. Во лекарската ординација на д-р Константинос Лазаридис се на готовс. Оттаму велат дека преку целата година се грижат за здравјето на постојаните жители, но за време на сезоната сѐ е поинаку.

„Тогаш имаме од 10 до 15 интервенции дневно, главно за настинка, треска, сончаница, бодеж од еж, но сме имале случаи и на реанимација. Никогаш не можеш да знаеш што носи денот“, вели д-р Лазаридис, кој го предводи тимот од петмина лекари во ординацијата што работи 24 часа на ден.

Според проценките на туристичките оператори, Грција и годинава ќе биде најпосетена туристичка дестинација за Македонците. Близината, топлото и убаво море, цените што сѐ уште се прифатливи, особено доколку основните резерви се купат од дома, ги победуваат политичките констелации и несогласувања.

Грците не знаат што е „Илинденска“

Засилените активности и информации што произлегуваат околу преговорите за името се ударна вест во грчките весници и телевизии. На државната телевизија во недела уште во 10 часот наутро се организираше дебатна емисија во која гостуваа тројца угледни политичари и професори. Весниците на своите насловни страници посветуваат големо внимание на преговорите и на новиот предлог „Република Илинденска Македонија“. Сепак, впечаток е дека меѓу обичните граѓани нема возбуда пред можното решение. Тие што се против каква било употреба на зборот „Македонија“ во името на нашата земја – и натаму се против, на тие што им е сеедно како ќе се викаме – и натаму им е сеедно, а најголемиот дел воопшто не знае што значи зборот „Илинденска“.

„Јас дури пред два дена првпат слушнав за тој збор. Пишуваше во весник дека е поврзано со Отоманската Империја и турската окупација. Не знам што да кажам, немам став“, вели сопственик на продавница во која се продаваат традиционални грчки производи и предмети со обележја на Грција, па и со сонцето од Вергина.

Помладите Грци со кои разговаравме велат дека во книгите по историја воопшто не се споменува Илинденското востание, па затоа и не е чудно што ретко кој знае за него.

„Мене ми е сеедно како ќе се викате. Не ми пречи и да остане Република Македонија. Јас со децении веќе соработувам со Македонци, тие се мои драги гости, така што политиката нека ја водат политичарите, а ние да си го гледаме животот“, вели 66-годишниот Павлос Јанакопулос.

Кај националистите бадијала е да побарате мислење за новиот предлог, затоа што од старт ќе ви речат: „Македонија е ова овде, а тоа вашето е Скопје“.

превземено од НЕЗАВИСЕН

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here