Бурни и тешки времиња за нашава планета… Времиња во кои сите ги очекуваат четворицана јавачи да се соединат и да тргнат во создавање на општа деструкција. Жалосно, меѓутоа ние кои ги сакаме автомобилите продолжуваме напред и ќе се надеваме на подобра иднина за човештвото, каде што ќе си “возиме” што сакаме. Господ нека ни е на помош…
Откако го воскресна најдобриот автомобил на сите времиња, Гордон Мареј се решава на еден малку поинаков, поедноставен секојдневен пристап. Инспириран од убавината на спортските автомобили од шеесеттите и дизајнот на легендарното Coca Cola шише, на свет го носи “помалото” братче на GMA T.50, T.33 и ние сме веќе во љубов. Овој автомобил е дел од втората фаза на GMA, на чело со Гордон, кои полека се наметнуваат како егрегор на перфектното возачко фокусирано искуство. Едноставно, моментално најсовремените достапни материјали се сплотени со највисокиот степен на инженеринг во автомобилската индустрија. А целата филозофија е всушност едноставност, безвременски дизајн, најниска можна маса и нормално, атмосферски мотор со 12 цилиндри
Вистинските автомобилски ентузијасти имаат посебна наклонетост кон дизајнот и убавината на спортските автомобили од шеесеттите. Зошто тие автомобили и ден денес пленат со својата убавина? Се е во димензиите и пропорцијата. Кога би имале бел лист хартија, знаењето на Гордон и љубов кон автомобилите од таа ера, имате две опции: тотално промашување или автомобил кој со својот дизајн ќе се издигне над сите денешни “спорташи” со задни крила, дифузери, отвори, помошни електрични мотори и чуда. Но таа задача и не е баш изи-пизи, кога во предвид ќе се земат безбројте регулативи за безбедност и екологија. T.33 не е дизајниран да биде ретро Alfa Romeo T33 Stradale или Porsche 904, туку сосема модерен автомобил инспириран од убавината на тие класични автомобили. Моето око забележа три музи, две Италијанки и Германка. Предниот дел е во знакот на Alfa Romeo T33 Stradale, а од ветробранското стакло па се до брилијантната задница се флертувало со De Tomaso Vallelunga и Porsche 904. Да не ги заборавиме линиите и аеродинамичните решенија на Гордон, кој на маестрален начин се ослободува од сите отвори, спојлери и го остава T.33 флуиден и “мазен”. Како што напоменав погоре, главните фактори се димензиите и пропорционалноста. Сите автомобили создадени од Гордон се релативно мали и компактни. McLaren F1, GMA T.50 и T.33 имаат скоро идентични димензии како Porsche Boxter. Ако сте го виделе, одма ќе знаете за што зборувам. Но, не заборавајте дека позади вашиот грб имате мотор со 12 цилиндри и менувач…
3.9 литарскиот V12 на Cosworth и GMA
“When you have the greatest V12 in the entire history of internal combustion, you’d be mad not to use it again” – Гордон Мареј
Или по нашки, ако веќе имаш најдобар мотор на сите времиња, треба да си луд да не го користиш повторно. Во принцип моторот е истиот 3.9 литарски V12 атмосферец како и кај T.50, но различно подесен, односно подесен во духот на GT режим, поумерено, за секојдневна употреба, со неколку нови компоненти и 607 коњски сили. За разлика од рекордните 12.100 вртежи во минута со кои вреви T.50, во триесет и тројката ќе мора да се задоволите со 11.100 вртежи во минута. Менувачот е истиот 6 степен мануелен од XTRAC, но сега GMA нуди и опција за целосно нов полу автоматизиран XTRAC- IGS (Instantaneous Gearchange System), за кој и тие и Гордон тврдат дека е најбрзиот автоматски менувач со палки досега. Менувачот нема никакви квачила, туку работи на принцип кој го имаат тркачките автомобили, со при-селектор. На нашки тоа значи дека секој пат кога ќе го нагазите триестројчето, менувачот е веќе во наредниот степен и само се чека на вашиот контакт со палката со ознака (+). За волја на вистината, новиот автоматски менувач има помала маса (78 килограми) од мануелниот (82 килограми) кој наскоро ќе го видиме и чуеме во T.50-ката. Знам дека веднаш ќе речете дека 607 коњски сили денеска се мачкина кашлица, но да ве потсетам дека T.33 има подобар однос на маса и сила од легендарниот McLaren F1! Гордон никогаш не бил фан на откривање на бројки за максимална брзина и времиња на тркачки патеки, но самата физика и логика ни покажува дека T.33 ќе биде навистина способен супер автомобил.
Сопирачките се позајмени од “Светиот” и далеку поскапиот GMA T.50. Нормално, Brembo во соработка со GMA го запира оваа убавица невистина ефикасно, пред се поради масата и аеродинамиката, но и 370/340 милиметарските карбо-керамички дискови и сопирачки со шест и четири клипови. Суспензијата е целосно нова, нијанса “помека” од T.50, бидејќи нели, T.33 ќе биде пред се GT крузер, кој е наменет за секојдневна употреба. Ако се прашувате зошто не гледате никакви спојлери, крила и разни дупки и дактови, одговорот е дека T.33 е стабилизиран со Ground Effect и Вентури тунели, нешто што се користеше во минатото, но и од оваа нова 2022 ера во Формула 1. Имено, целиот процес на проток на воздух кој треба да го “лепи” или “полази” автомобилот, се одвива под него, и во него и на крајот преку задниот дифузер, целиот турбулентен воздух се усмерува надвор. Има нешто помеѓу Гордон Мареј и неговата опсесија со супер автомобили со прилично завидлив багажен простор. Да не пробувам да објаснам нешто што е досега невидено, во прилог можете да го видите генијалното решение за багажен простор на T.33 од 280 литри, што во превод е повеќе од скоро секој мал HotHatch.
Багажниот простор од 280 литри на GMA T.33
Внатрешноста и возачката ергономија е минималистичка, стриктно возачки фокусирана и моделирана исклучиво во карбон фибер, титаниум, алуминиум и кожа. Во наредната фаза од T.33 во план се уште еден или два модела, најверојатно топлес варијанта или по тркачки ориентирана верзија. Цената на T.33 е 1.4 милиони евра, што е половина од цената на T.50 а материјалите, филозофијата и моторот се исти. Живо џабе, ама на ваше големо разочарување, сите 100 автомобили се веќе продадени…
Внатрешноста на GMA T.33