Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, не беше во можност да даде конкретен рок кога Западниот Балкан може да очекува вакцини преку ЕУ или преку механизмот Ковакс, јави дописничката на МИА од Брисел.
На прашање на МИА дали може да каже јасно кога ќе пристигнат ветените вакцини во регионот, Урсула фон дер Лајен одговори дека тоа ќе се случи „најбрзо што може“ и увери дека солидарноста со третите земји останува приоритет за ЕУ.
Ковакс механизмот, кој има за цел да им помогне на земјите со низок и среден приход, да дојдат до потребните вакцини, иако добива највеќе фондови од ЕУ сѐ уште не е функционален. Поради ова, Европската комисија се заложи дека ќе воведе втор механизам за споделување на вакцини со третите земји, вклучително и западниот Балкан, но ниту за овој нов механизам нема конкретен рок за достава на потребните вакцини надвор од ЕУ.
– Очигледно е дека е комплицирано за Ковакс да набави вакцини, затоа воведуваме нова рута преку механизам на ЕУ за набавка на дози преку земјите членки на Унијата, кои потоа ќе можат да ги донираат на трети држави како земјите од Западниот Балкан на пример, изјави Фон дер Лајен.
Претседателката на Еврокомисијата порача дека на денешниот лидерски состанок истакнала оти вакцинирањето надвор од ЕУ е во интерес на сите земји членки на Унијата, затоа што „колку подолго циркулира вирусот, толку е поголем ризикот од нови мутации“.
– Други делови од светот се чувствуваат запоставени, ние инвестиравме во Ковакс од почеток и ова останува најдобрата рута, но има недостиг на вакцини, порача шефицата на европската извршна власт.
Фон дер Лајен увери дека новиот механизам на ЕУ кој треба да се користи додека Ковакс системот не стане функционален, нема да доведе до проблеми во националните планови за вакцинација на населението на земјите членки на Унијата.
ЕУ, исто така, ги потсети фармацевтските компании дека треба да ги почитуваат и остварат ветените достави на вакцини.
Лидерите на ЕУ денеска се согласиле дека доколку некои земји членки оценат дека треба да ги ограничат внатрешните и прекуграничните патувања, тоа е нивно право, но дека е потребна максимална координација на европско ниво за да се избегне хаотичната состојба од првиот бран.
– Целосно сме убедени дека границите треба да останат отворени за да се обезбеди функционирањето на внатрешниот пазар, но и дека несуштинските патувања треба да можат да бидат ограничени, порача претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Лидерите се осврнале и на можноста за сертификати за вакцинација и се согласиле дека треба да се биде внимателен со оваа идеја и да се почитуваат препораките на Светската здравствена организација (СЗО).
Фон дер Лајен нагласи дека барањето на овие сертификати за патување не смее да значи нарушување на правата и слободите на оние кои немале пристап до вакцина или не можеле да се вакцинираат „од легитимни причини“.
За да се заузда ширењето на вирусот, Европската комисија бара од земјите членки на ЕУ да го зголемат капацитетот за секвенцирање на вирусот на пет отсто од позитивните тестови. За сега освен две земји во ЕУ, стапката на секвенцирање на позитивните тестови е под еден отсто.