дома Свет Ројтерс: Ако демонстрантите беа црнци „стотици“ ќе беа убиени

Ројтерс: Ако демонстрантите беа црнци „стотици“ ќе беа убиени

268
0
АКЦИЈА

Расната нееднаквост во САД повторно се најде во центарот на вниманието, бидејќи толпа претежно бели приврзаници на Доналд Трамп лесно влетаа во Капитол хил во средата и поминаа без поголеми последици, велат жителите на Вашингтон, активисти, политичари, па дури и новоизбраниот претседател Џо Бајден.

Демонстрантите пробија барикади, кршеа прозорци, грабаа сувенири и упаднаа во просториите на Конгресот, некои дури се фотографираа со полицијата, а други носеа трофеи при излегувањето од Капитол.

Недостигот од подобра безбедност и ограничен полициски одговор, и покрај најавениот протест на приврзаниците на Трамп, кој се претвори во немири, беше во целосна спротивност со во голема мера мирните протести на Black Lives Matter (БЛМ) во Вашингтон пред шест месеци.

„Мајка ми рече: ако го сториш тоа, тие ќе те застрелаат“, рече Беатрис Мандо, која беше на протестите на БЛМ минатата година.

„Таа е во право. Ќе имаше стотици мртви, ако не и повеќе, ако оваа група беше црна”, додаде таа.

Во говорот во четвртокот, Бајден се согласи дека овие протести се поинакви.

„Никој не може да ми каже дека, доколку групата БЛМ протестираше вчера, немаше да се третираат многу, многу поинаку од толпата насилници што упаднаа во Капитол“, рече Бајден.

Минатата година имаше бројни протести во САД против расната нееднаквост откако полицаец од Минеаполис во мај уби црнец – Џорџ Флојд, притискајќи му го вратот со коленото скоро девет минути.

„Имаше полицајци на секоја раскрсница во Вашингтон. Имаше полицајци на секој споменик, на Капитол, пред Белата куќа”, рече 29-годишната Аби Конехо, која работи во мал бизнис во Вашингтон.

Демонстрантите на БЛМ се соочија во Вашингтон со редовите на маскираните единици на Националната гарда во близина на споменикот на Линколн, додека Трамп рече дека ќе се бори против она што го опиша како беззаконие на „хулиганите и крадците“.

Полицијата фрлаше чадни бомби, шок бомби и испукаше гумени куршуми кон мирните демонстранти и се обиде да ги одвлече од Белата куќа за Трамп да оди до блиската црква и да фотографира со Библијата во рака.

„Тие се однесуваа кон нас како непријател. Каде беше тој гнев и бес вчера? Зошто овие луѓе беа третирани како пријатели”, рече Конехо.

Страв од нови немири

Полицијата во четвртокот објави дека уапсила 68 лица поврзани со немирите во Капитол. Паралелно со тоа, скоро 300 беа уапсени во една вечер на протестите на БЛМ во близина на Белата куќа.

Началникот на полицијата во Капитол, Стивен Сунд ги пофали своите полицајци и рече дека тие „реагирале храбро“ кога демонстрантите ги нападнале со „метални цевки и посегнале по друго оружје“.Сунд подоцна изјави дека ќе поднесе оставка на 16 јануари, објавија американските медиуми.

Локалното население е загрижено дека немирите ќе се повторат поради слабиот одговор на полицијата.Градскиот советник Чарлс Ален рече дека тој и неговите соседи се навикнати на протести и големи собири, но не вака.

„Ова беше бунт. Овие беа домашни терористи кои пристигнуваа во нашиот град и се обидуваа да го окупираат Капитол“, рече Ален и додаде дека тоа е трауматско искуство за соседството.

„Мислам дека луѓето ќе се чувствуваат охрабрени да го сторат тоа и згора на тоа, мислам дека се чувствуваат охрабрени затоа што заминаа со сувенири“, додаде Ален.

Меѓу толпата што го нападна Капитол имаше поединци кои вееја знамиња на Конфедерацијата и се залагаа за белата надмоќ со своите појави и пароли.

„Чувството на злоупотреба не беше само да се види привилегијата на белите, туку и доминацијата на белите во акција“, рече Макиа Грин, организатор на протестот БЛМ во Вашингтон.

„Погледнете ја пристрасноста на владата, полицијата“, додаде таа.

Група локални училишта ја откажаа наставата во четвртокот, повикувајќи се на чувствата на учениците, главно црнци, по немирите.

„Се чувствуваме згрозени кога размислуваме за спротивставените одговори на нашата земја на овој чин на домашен тероризам и мирни протести минатото лето“, рекоа тие.

Чарлс Мекини, вонреден професор по историја на колеџот Родес во Тенеси, рече дека немирите потсетуваат на „големите разлики“ во полицискиот третман на црнците и белците.

„Полициската реакција беше очигледен пример на системски расизам. Тоа беше приказ на привилегијата на белите луѓе”, рече Мекини.

Извор Независен весник

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here