Група студенти на неколку факултети лоцирани на Бит-пазар и Гази Баба покренаа иницијатива за собирање потписи со цел барање поддршка за потивко пеење на оџите во џамиите бидејќи, како што се жалат, им го одвлекува вниманието кога се на часови.
– Секој ден иста приказна, во амфитеатрите на ПМФ е неподносливо гласно и мора да се затворат прозорците за да стане донекаде подносливо – велат од оваа група и наведуваат дека за неколку часа собрале над двесте потписи.
Тие не бараат да запре пеењето, но да се прилагодат повиците на оџите за молитва на предавањата на студентите.
– Повиците за молитва преку звучници можат да се означат како вид на звучно загадување, коешто им штети и на студентите и на професорите. Понекогаш повеќе од една џамија ги вклучува звучниците во исто време, создавајќи бучна какофонија што целосно ја нарушува концентрацијата на еден човек. Верската слобода не би требало да го нарушува образовниот процес. Точно дека станува збор само за неколку минути од денот, но истото се случува секој ден – велат студентите.
Предлагаат локалните џамии да ги вклучуваат звучниците само во периодите од денот кога најверојатно има паузи на факултетите, на пример од 12 до 12:15 часот.
– Џамиите што ќе се утврди дека се доволно оддалечени и слабо се слушаат во просториите на факултетите, не би морало да го следат дадениот предлог – пишува во петицијата.
Извор Вечер