Со повеќе активности денеска ќе биде одбележан 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.
По тој повод, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, ќе се сретне со претставници на Градскиот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ. Средбата ќе се одржи во кабинетот на градоначалникот.
Потоа, делегација на Град Скопје ќе положи цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје на Партизанските гробишта во Бутел, во Алејата на заслужните граѓани, на гробот на генерал Михајло Апостолски во Бутел и пред Споменикот на ослободителите на Скопје пред Владата.
Според програмата, во 14 часот во Градскиот трговски центар ќе биде отворена нова галерија.
Настаните за чествување на Денот на ослободувањето на Скопје ќе продолжат вечер во 20 часот, каде што свечено ќе бидат доделени наградите „13 Ноември” на Град Скопје за 2019 година.
На 13 ноември пред 74 години борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација.
По неколкудневните тешки борби со припадниците на 22-та Гренадиска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер”, која беше распоредена пред Качаничката Клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот. /МИА