дома Култура Недела на современ дански филм во Кинотека на Македонија

Недела на современ дански филм во Кинотека на Македонија

506
0
АКЦИЈА

Со филмот „Часот на рисот“ на режисерот Сорен Краг-Јакобсен, утре во 20 часот, во Кинотека на Македонија се отвора неделата на современ дански филм.

Современата данска кинематографија, во овој избор претставена со овие шест долгометражни филмови (пет играни и еден документарен), продуцирани во последниве пет годин. Овој циклус обединува приказни од психијатриска болница, „обичните“ младешки љубовни врски и љубовта во зрелото доба, прашањето за мигрантите, но и костимирана драма од средновековниот фантастичен свет и документарна драма за модерните етички прашања за правото на живот на секој човек.

Целата програма ја објавуваме во продолжение:

6 НОЕМВРИ (ВТОРНИК) ВО 20.00 ч.

ЧАСОТ НА РИСОТ

(I lossens time/The Hour of the Lynx)

Игран филм, Данска

2013 г., 93 мин., колор, ДСП

Режија: Сорен Краг-Јакобсен (Søren Kragh-Jacobsen)

Сценарио: Сорен Краг-Јакобсен, Тобиас Линдхолм (Søren Kragh-Jacobsen, Tobias Lindholm)

Улоги: Софи Гребол, Сиње Егхолм Олсен, Фредерик Кристијан Јохансен (Sofie Gråbøl, Signe Egholm Olsen, Frederik Christian Johansen)

Свештеничката Хелен ѝ се обраќа на Лисбет, која е научник, со очајна молба за помош. Млад човек, откако убил стар брачен пар, е сместен на психијатриски оддел со мерки на засилена безбедност. Момчето се обидело да се самоубие додека богохулело, па двете жени се во трка со времето за да го спасат. Започнуваат да навлегуваат сè подлабоко и подлабоко во болниот ум и душата на момчето…

Режисерот Сорен Краг-Јакобсен (1947 година, Копенхаген) е еден од најреномираните дански режисери и соосновач на проектот „Dogme 95“ што ја прослави данската кинематографија и нејзините автори во светот кон крајот на минатиот век. „Dogme 95“ како веристички филмски правец, во кој спаѓаат и попознатите автори Ларс фон Триер и Томас Винтернберг (Lars von Trier, Thomas Vinterberg), се залагаше за филмови снимани на традиционален начин, без специјални ефекти и висока технологија. Краг-Јакобсен е ученик на прашката школа, се стекна со меѓународен успех со МИФУНЕ (Mifune, 1999 г.), но е и популарен музичар.

7 НОЕМВРИ (СРЕДА) ВО 20.00 ч.

ДОЛГА КРАТКА ПРИКАЗНА

(Lang historie kort/Long Story Short)

Игран филм, Данска

2015 г., 100 мин., колор, ДСП

Режија: Меј ел-Туки (May el-Toukhy)

Сценарио: Марен Луизе Кене, Меј ел-Туки (Maren Louise Käehne, May el-Toukhy)

Улоги: Миле Лефелт, Питер Генцлер, Трине Дурхолм, Даница Ќурчиќ, Јенс Албинус (Mille Lehfeldt, Peter Gantzler, Trine Dyrholm, Danica Curcic, Jens Albinus)

Приказната на филмот ни раскажува за Елен и нејзините пријатели, кои се наоѓаат во доцните триесетти и раните четириесетти години од животот. Сите тие се преокупирани со компликациите во љубовта кои, помалку или повеќе, самите си ги создале, па трагаат по некакво романтично искупување за неуспешните врски.

ДОЛГА КРАТКА ПРИКАЗНА е резиме на љубовните врски на пријателите на Елен, и нивните подеми и падови во период од три години. Приказната е раскажана во осум поглавја, и дејствието на секое од нив се случува на забава по различен повод : прослава на Нова Година, вселување во нова куќа, прослава на летната солистиција (најдолгиот ден на северната хемисфера), забава со изненадувања, крштевка, годишнина и јубилеј. Заедничката приказна на оваа група пријатели е потрага по концептот на совршена врска и одговорот на прашањето – што е вистинска љубов?

8 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК) ВО 20.00 ч.

ПРИРОДНО РАСТРОЈСТВО

(Naturens Uorden/Natural Disorder)

Документарен филм, Данска

2015 Г., 98 мин., колор, ДСП

Режија: Кристијан Сондерби Јепсен (Christian Sønderby Jepsen)

ПРИРОДНО РАСТРОЈСТВО е документарец за новинарот и комичар Јакоб Носел, кој боледува од церебрална парализа. Режисерот и писателот Јепсен го документира процесот на поставката на автобиографската драма на Носел на сцената на данскиот Кралски театар.

Преиспитувајќи ја сопствената интима, Јакоб Носел се осврнува на научниот свет и модерните етички прашања за евгениката (наука за проучување и практикување на селективното размножување кое се применува на луѓето, со цел да се подобри видот, но во поширока смисла, евгениката се занимава и со подобрување на човековите генетски особености). Какво право на живот има Јакоб?

9 НОЕМВРИ (ПЕТОК) ВО 20.00 ч.

ПОСВЕТА НА ЉУБОВТА

(Nøgle hus spejl/Key House Mirror)

Игран филм, Данска

2015 г., 91 мин., колор, ДСП

Режија: Михаел Ноер (Michael Noer)

Сценарио: Андерс Фритиоф Аугуст, Михаел Ноер (Anders Frithiof August, Michael Noer)

Улоги: Гита Норби, Свен Волтер (Ghita Nørby, Sven Wollter)

Лили и Макс се во брак повеќе од 50 години. Сега живеат заедно во старечки дом, каде што Макс е на заздравување по мозочниот удар. Лили ги остава сопствените потреби настрана, но сепак копнее по возбуда и интимност во нејзиниот живот. Кога еден маж познат како „Пилотот“ ќе се всели во апартманот наспроти нивниот, Лили веднаш е шармирана од него и неговата страст за живот. Но, ниту нејзиното семејство, ниту другите жители во старечкиот дом, не го сакаат новиот станар.

Неразбрана од нејзиното семејство и заробена во животот со Макс, Лили решава да избега од нејзиниот невидлив затвор и да ја побара својата слобода. Мајкл Ноер (1978 година) важи за еден од најталентираните режисери на неговото време.

10 НОЕМВРИ (САБОТА) ВО 20.00 ч.

РОЗИТА

(Rosita)

Игран филм, Данска

2015 г., 90 мин., колор, ДСП

Режија: Фредерике Аспек (Frederikke Aspöck)

Сценарио: Ким Фупз Акесон, Бергот Блекен (Kim Fupz Aakeson, Bergljot Bleken)

Улоги: Јенс Албинус, Микел Бое Фолсгард, Мерседес Кабра (Jens Albinus, Mikkel Boe Folsgaard, Mercedes Cabra)

Средовечниот вдовец Улрик (Албинус) живее во мало рибарско гратче на северот на Данска и има два сина. Тие живеат тивок живот, исполнет со рутината на секојдневните обврски во рибарската индустрија. На Улрик му недостасува нежноста и дружбата со жена откако починала неговата сопруга, па како и некои други негови сограѓани, се одлучува на договорен брак со младата емигрантка Розита (Мерседес Кабра) од Филипините, која пристигнува со туристичка виза, на „пробен брачен период“.

Розита, нормално, е шокирана од новата животна и културна средина, а тоа што Улрик не го познава англискиот јазик е уште една пречка во нивната комуникација. Јоханес (Фолсгард), помладиот син на Улрик, кој сè уште живее во татковата куќа, треба да биде нивни преведувач. Јоханес има привлечна девојка и неволно е вовлечен во оваа релација. Меѓутоа, во следните неколку недели меѓу него и Розита се развива привлечност. Додека срамежливиот Улрик е несигурен за идејата за брак со младата Филипинка и не е вешт да ѝ покаже повеќе љубов и внимание, Јоханес и Розита започнуваат тајно да флертуваат.

11 НОЕМВРИ (НЕДЕЛА) ВО 20.00 ч.

ЌЕРКАТА НА ВЕШТЕРКАТА

(Skammerens datter/The Shamer’s Daughter)

Игран филм, Данска

2015 г., 96 мин., колор, ДСП

Режија: Кенет Каинз (Kenneth Kainz)

Сценарио: Андерс Томас Јенсен, Лене Кабербол (Anders Thomas Jensen, Lene Kaaberbøl)

Улоги: Роланд Молер, Алан Хајд, Јакоб Офтебро (Roland Møller, Allan Hyde, Jakob Oftebro)

Приказната на оваа фантастична авантура е базирана на истоимената книга на писателката за деца Лене Кабербол (Lene Kaaberbøl) и се случува во имагинарниот средновековен фантастичен свет со џинови и магии. Дина и нејзиното семејство се фрлени во авантурата на својот живот, со цел да го стават вистинскиот наследник на Кралството Данарк на тронот.

Дина е ќерка на Шејмер и Мелусина, и неволно ја наследила натприродната способност на нејзината мајка, која важела за „вештерка“: можела да ѕирне директно во душата на луѓето, засрамувајќи ги на тој начин. Кралот на Данарк бил убиен заедно со својата бремена сопруга и четиригодишниот син. Осомничен за убиството е постариот син на кралот, Никодим Гаврани, кој е пронајден мртов пијан со нож во рака. Но, според законите во кралството, тој не може да биде сметан за виновен сè додека не го признае убиството…

Судијата ја повикува „вештерката“ Мелусина, која има дарба за испитување на нечиј ум. Иако го гледа каењето на Никодим за неговото однесување во минатото, не наоѓа чувство за вина кај него за колежот на кралското семејство, па е фрлена в затвор. Во пресрет на судскиот процес кој треба да го одлучи и наследникот на кралскиот трон, лордот Дракан ја зема Дина, која ја има истата способност како мајка ѝ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here