По критиките од јавноста и од општинските организации, ВМРО-ДПМНЕ ќе го менува партискиот статут, кој деновиве е испратен на сондажа по месните комитети низ државата. Предупредувањата дека ќе дојде до уште поголема централизација во ВМРО-ДПМНЕ, до пополнување на органите и телата најмногу со луѓе блиски на претседателот и најтесното раководство,заедно со одредби што не водат кон демократизација, туку кон елиминација на секој со слободно искажан став, изискуваат олабавување на нацрт-предлогот на статутот, потврдуваат извори од Белиот дворец. Според нив, ќе бидат земени предвид негативните укажувања што им биле испратени, дебатата е отворена до 31 август, а веќе во септември се очекува да дојде до измени во статутот.
„Предвидовме неколку измени: ќе се воведе собрание на општински комитет, тоа ќе биде нешто како мини-централен комитет или мини-парламент на општинско ниво, каде што тие самите ќе одлучуваат за кандидати за советници и ќе предлагаат градоначалници. Потоа, претседателот на партијата нема по автоматизам да го предводи централниот комитет, туку ќе биде назначен претседавач. Оваа новина е по теркот на премиер и претседател на државно ниво. Ќе ставиме ограничување на мандатите, секој партиски функционер (претседател, претседавач на извршен комитет, претседавач на ЦК, член на извршен комитет…) ќе може да биде избиран двапати, а за трет мандат ќе мора да добие најмалку две третини од гласовите. Кога ќе бидеме на власт, се ограничува државната функција со членство во управни и надзорни одбори што постојано се случува во минатото и во сегашноста“, брифираат партиски функционери.
Истражувачката мрежа БИРН објави дека новиот статут има елементи на цензура бидејќи се наведени неколку точки во кои се прецизира што значи кршење на партискиот „устав“, меѓу кои е и искажување „ставови спротивни на декларираната политика на партијата во печатени или електронски, радио или телевизиски медиуми“, како и „непочитување насоки (одлуки, заклучоци и друго), на партиските органи и тела“. Не е дозволено ниту фракционерство.
„Големи реакции предизвикува и членот 25, кој наликува на реинкарнација на т.н. меници, со кои претходно беше условувана лојалноста на пратениците. Тој предвидува секој член што е кандидат за пратеник во Собранието, кандидат за градоначалник или советник, (покрај согласноста да се кандидира, и изјава за почитување на Статутот) мора да потпише и ‘изјава за безусловна оставка на функцијата во случај на истапување или исклучување од партијата, зачленување во друга партија, пристапување кон друга парламентарна или советничка група или независно дејствување’“, пишува БИРН.
Нашите соговорници признаваат дека е предвидено депонирање итна оставка за сите оние што нема да ги следат политиките на централата или ќе се одметнат од партијата, но не е прецизирано дали ќе има и други санкции кон „непослушникот“ или исклучување од членството.
„Веројатно грубо звучи кога ќе слушнете дека никој не смее да каже и соопшти став поинаков од оној на партијата, но идејата е да не дозволиме да бидеме раштиман оркестар. Секој може да каже што мисли сè додека не донесеме официјален став, а потоа сите треба да го браниме. Во ред, ќе го олабавиме тој член, прифаќаме дека не може сите да мислат униформирано, но за крупните прашања отстапки нема. Едно е некој да излезе на интервју и да каже дека требало да се прскаат комарците со два, а не со пет авиони, а сосема друго е некој партиски функционер да има различен став и тој да го промовира јавно за битни прашања, како на пример за референдумот. Ќе има олабавување на дел од точките, добиваме поплаки и од месните комитети, затоа оставаме простор до крај да се искажат, ги земаме предвид и укажувањата од јавноста и од стручната фела“, коментираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Новина во предлог-статутот е партискиот суд на честа, кој ќе одлучува во втор степен по жалба на ОК и на ИК на партијата за изрекување дисциплински мерки. Според член 57 „Судот суди во судски совет, при што за да работи и одлучува е потребно мнозинство од вкупниот број судии“, а „одлуките се конечни и против истите не се дозволени правни лекови“. Ќе биде формиран и патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, кој заедно со советот на интелектуалците, се две тела што треба „да ги застапуваат и шират идеите на партијата во своите подрачја на дејствување и да ги афирмираат интересите на целните групи во политиката на партијата“.
Од партијата потврдуваат дека главните решенија во Статутот се препишани од „сестринските“: Народната партија на Австрија на Себастијан Курц, германската ЦДУ на Ангела Меркел, француското движење на Емануел Макрон (Еn Marche), Словенечката демократска партија на Јанез Јанша и на хрватската ХДЗ.
Последен пат, Статутот на ВМРО-ДПМНЕ беше менуван пред две години. Постапката за подготовка на нов статут започна лани во декември, а беше потенцирана како приоритетна цел на новото раководство и на реформаторското крило, кое се приклучи кон партијата по воинствениот однос со претходниот лидер Никола Груевски. Од ВМРО-ДПМНЕ се надеваат дека ќе постигнат поголема ефикасност на дејствувањето на органите на партијата, зајакнување на партиските органи и поголема независност во донесувањето на одлуките од страна на истите.
„Секоја промена ќе биде направена низ процес на отворен внатрепартиски дијалог и консултација, како и користење на позитивните искуства на демократските десничарски сестрински партии од Европа“, посочуваат од партијата.
Превземено од Независен весник