дома Балкан Најчевска: Бојкотот на референдум е одреден вид на саботажа

Најчевска: Бојкотот на референдум е одреден вид на саботажа

489
0
АКЦИЈА

Референдумот е право. Право на граѓаните да кажат што мислат за одредена работа од важност за поголем број граѓани. Референдумот е можност за влијание. Можност граѓаните да бидат информирани за одредена одлука на власта, можност да се согласат или да не се согласат со таа одлука, можност да извршат притисок врз власта да донесе или да не донесе одредена одлука. Референдумот е акт на непосредна демократија. Акт на директно изјаснување без посредници. Акт на остварување на суверенитетот во неговото уставно значење како: неделив, неотуѓив и непренослив.

Донесена е одлука за одржување на референдум на кој ќе биде поставено прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“?

Очекувано е да има луѓе кои позитивно би одговориле на прашањето (од најразлични причини) и луѓе кои би одговориле негативно (од најразлични причини). Она што не е вообичаено е бојкотирање на референдумот и откажување од сопственото право. Тоа не значи дека луѓето немаат право да бојкотираат или дека заради тоа треба да бидат казнети. Едноставно, се поставува прашањето: зошто некој би го бојкотирал референдумот?

Според мене можат да се издвојат 8 групи луѓе кои од различни причини би го поддржале бојкотот на референдумот.

Прва група – сеедно ми е што се случува, сите се исти, гајле ми е за се… Луѓе кои едноставно не се заинтересирани за случувањата во пошироката заедница, вообичаено не излегуваат на избори и не учествуваат во било какви активности поврзани со пошироката заедница. Овие луѓе најчесто не се партиски ориентирани.

Втора група – не верувам во Избирачкиот список. Луѓе кои мислат дека со непрочистен Избирачки список не може да се изведува референдум, бидејќи секој резултат ќе биде сомнителен. Кон оваа група можат да се приклонат припадници на различни партии, меѓутоа во моментот би очекувала тоа да биде изговор пред сѐ на членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ кои намерно или ненамерно забораваат дека актуелниот Избирачки список е продукт на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и дека и евентуални вонредни избори повторно би се изведувале со непрочистен список.

Трета група – не верувам во ДИК и нејзините способности да изведат вака сложена постапка. Луѓе кои се свесни за ограничените капацитети на оваа институција и кои немаат верба во моралните, интелектуалните и/или професионалните карактеристики на членовите на ДИК.

Четврта група – знам дека ќе изгубам. Тоа се членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ и/или на идеолошките вредности на ВМРО-ДПМНЕ што веруваат дека мнозинството граѓани би гласале позитивно на поставеното прашање и бојкотот го гледаат како начин на опструирање на спроведување на волјата на мнозинството.

Петта група – се плашам. Тоа се луѓе кои живеат во страв од реперкусиите на ВМРО-ДПМНЕ и објективно се плашат дека бојкотот ќе овозможи точно регистрирање на сите оние кои ќе се спротивстават на волјата на ВМРО-ДПМНЕ и кои лесно можат да бидат издвоени и санкционирани при евентуална промена на власта.

Шеста група – да не го формулиравте вака … Тоа се луѓе кои секогаш изнаоѓаат изговор и кои секогаш тврдат дека можат подобро сѐ додека не дојдат во ситуација кога навистина може нешто да направат. Во тој момент некој им ги врзува рацете. Тоа се истите оние кои како малечки сакале да бидат селектори на националната репрезентација и кои совршено знаат како да го состават националниот тим со странски спортисти.

Седма група – немам појма за што станува збор, ама знам дека сите се исти. Тоа се луѓе кои не знаат што пишува во Договорот со Грција, немаат и не сакаат да добијат информации за тоа што се добива, а што се губи со овој договор, меѓутоа имаат многу цврст став дека ништо не може да се промени, а ако се промени сигурно ќе биде на полошо.

Осма група – Левица. Тоа се луѓе кои ме оставаат без текст.

Во секој случај, бојкотот на референдум е одреден вид на саботажа. Бојкотот на референдумот овозможува евидентно МАЛЦИНСТВО ДА ЈА ДИКТИРА ВОЛЈАТА НАД МНОЗИНСТВОТО ГРАЃАНИ И ДА ГО ОНЕВОЗМОЖИ ФАКТИЧКОТО ПРАКТИКУВАЊЕ НА НЕПОСРЕДНАТА ДЕМОКРАТИЈА КАКО ПРАВО НА ГРАЃАНИТЕ.

Пишува: Мирјана Најчевска

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here