Новиот српски закон предвидува дека кирилското писмо ќе има апсолутна предност над латинското. Ова писмо ќе треба да го користат државните органи, медиумите, фирмите, образовните и научните институции. Досега кирилското и латинското писмо беа подеднакво застапени.
Српската влада ќе формира Совет за српски јазик, чија задача ќе биде да се грижи за почитување на официјалната и јавна употреба на српскиот јазик и кирилското писмо. Советот ќе има девет членови кои паралелно со Комитетот за стандардизација на српскиот јазик ќе се се грижат за стандардизација, поттикнување, унапредување и заштита на службениот јазик и матичното писмо.
Ова се дел од новините, кои, како што пишува српскиот весник „Вечерњи новости“, српското министерството за култура го предложило до владата на Србија, кои треба да бидат имплементирани со изменување и дополнување на Законот за службена употреба на јазикот и писмото. Неодамна, српскиот министерот за култура Владан Вукосављевиќ рече дека предлогот бил испратен до владата на Србија, и дека наскоро ќе влезе во редовна постапка. Тој рече дека очекува отворена дебата во јавноста во врска со измените на овој важен закон.
Членовите на Советот ќе бидат назначени од владата на Србија, а работниот извештај ќе се доставува до парламентот најмалку еднаш годишно. Петмина членови ќе бидат предложени од страна на Комитетот за стандардизација на јазикот, а четири од Министерството за култура и образование.
– Советот анализира и дава мислење за статусот на официјалниот јазик и матичното писмо во Република Србија, дава предлози во креирањето и спроведувањето на јазичната политика, дава предлози за развој и унапредување на статусот на официјалниот јазик и на матичното писмо – се наведува во документот.
На српски јазик, на кирилско писмо, како што е предвидено, задолжителна е комуникацијата во правните работи, особено за давање на називите, седиштата и дејноста на компанија, име на стоки, упатствата за употреба, декларации на производи, гаранции, фактури, сметки …
Целокупната комуникација на државните, покраинските и локалните владини тела ќе мора да биде на српски јази и на кирилица. Истото важи и за образовни и научни институции и за медиумите основани од државата, кои имаат државен капитал, како и електронски медиуми со национални, регионални и локални фреквенции. Кирилското писмо ќе биде задолжително за сите јавни претпријатија и установи и трговски друштва со мнозински државен капитал, како и професионални и трговски здруженија што ја претставуваат својата област на национално и на меѓународно ниво.
Предложениот закон ја дефинира латиницата како помошна азбука, и ако нешто е отпечатен на двете писма, кирилицата мора да имаат предност.
Ако институциите што се должни да го употребуваат кирилското писмо ја прекршат оваа одредба, одговорното лице ќе се казни со парична казна од 5.000 до 100.000 динари. Казната за фирмите што на латиница ќе ги испечатат името на стоките и услугите, упатство за користење, изјава или гарантен лист, ќе бидат казнети со 500.000 до еден милион динари, а одговорните лица во организациите што ќе ја игнорираат кирилицата ќе се казнат со парична казна до 70.000 динари.
Постојат исклучоци на службената употреба на јазикот и писмото, и тоа кога станува збор за приватна комуникација, пишување и употребата на лични имиња, двојазични публикации и компјутерски програми, прифатена научна и техничка терминологија, научни и уметнички дела, како и научни и едукативни активности на училиштата на странски јазици. Исто така, се исклучуваат брендовите на производители и стоки и ознаки на потекло на стоки и услуги.
Превземено од Независен весник