Министерството за надворешни работи ги повика на „распит“ претставниците на амбасадата на Турција во земјава поради изјавите на амбасадорката Тулин Кара за училиштата на „Јахја Кемал“. На средбата дошол заменик шефот на мисијата, Мурат Сумер, кому му било изразено незадоволство за неодмерените квалификации на амбасадорката, која ги нарече учениците во споменатата приватна гимназија како потенцијални терористи.
„Од страна на претставниците на Амбасадата на Турција беше изразено жалење што оваа изјава на амбасадорката Кара дадена во контекст на свеченото отворање на училиште во Тетово, предизвикала реакции кои не се во рамките на основната порака која сакала да ја пренесе, за предупредување за активностите на Фето организацијата во РМ и регионот“, велат од МНР.
Скандалот се случи минатата недела при промоцијата на Фондацијата „Мариф“.
„Апелирам до сите вас и до јавноста, дојдете, сите заедно, нашите деца да ги регистрираме во училиштата на Фондацијата ‘Мариф’. Доколку ние како родители не сакаме нашите деца во иднина да бидат терористи, треба да ги насочиме во училиштата на ‘Мариф’, бидејќи ‘Јахја Кемал’ не нe претставува нас. Дојдете да се бориме против оваа терористичка оргaнизација, на суштински начин, и тоа да не остане само на декларативно ниво“, рече Кара.
Превземено од Независен весник