Врз основа на три различни текстови, два од министрите за надворешни работи, и еден од медијаторот, Скопје и Атина продолжуваат да бараат решение, пишува весникот „Катимерини“.
Според информациите на новинарот, ниту еден од овие текстови не е конечен и дефинитивен. Во изминатите денови со брз ритам се пишуваат, се бришат, се разменуваат, сè со цел да има напредок пред средбата на премиерите на двете земји во Софија, а главната разлика во разговорите и понатаму е ерга омнес.
– Според информациите, врз база на подготовката што беше направена, основно сценарио за разговорите на двајцата лидери ќе биде она на склучување еден меѓународен договор, што ќе треба да биде одобрен од парламентите на двете земји. Во овој текст, според информациите, ќе постои условеност, интеграцијата на ПЈРМ во НАТО да „се отклучи“ кога ќе се направи ревизија на Уставот на соседната земја и на овој начин ќе се гарантира ерга омнес. Постои сериозна веројатност двајцата премиери да се сретнат два пати, во среда вечер и во четврток наутро, објави „Катмерини“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, весникот пишува дека постои договор за 10 од 14 поглавја во „ниската политика“, односно во намерата на двете страни да имаат поголема соработка во економијата, во образованието и културата. Поглавја на кои, според „Катимерини“, нема да има влијание конечниот резултат од преговорите.
– Сепак остануваат нерешени ерга омнес, начинот на кој ќе се одобри договорот во ПЈРМ, особено уставната ревизија, државјанството и јазикот на соседната земја, додава новинарот во неговата денешна анализа.
„Катимерини“ во текстот ја пренесува и вчерашата изјава на македонскиот премиер за средбата со Ципрас во Софија.
Превземено од Независен весник