дома Балкан (ФОТО) Првомајски протести во Скопје: Синдикалците со барања до Владата

(ФОТО) Првомајски протести во Скопје: Синдикалците со барања до Владата

468
0
АКЦИЈА

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) Дарко Димовски денеска ги достави барањата на синдикалците до Владата на Република Македонија, со кои меѓу другото се бара подобар закон за работни односи, регрес за годишен одмор за сите работници и подобар општ колективен договор за приватниот и јавниот сектор.
Синдикалниците кажаа и стоп за мобингот и за зголемувањето на старосната граница за пензионирање.

Претходно, пред зградата на Владата сите синдикални здруженија дојдоа обединети, иако протестните маршеви ги почнаа на различни локации.

– Ова е нов почеток на враќање на довербата во синдикалното движење. Ќе се справиме со сите што ќе ги издадат работничкото движење и Синдикатот, рече Димовски пред да ја достави и официјало Декларацијата со барањата до Владата.

Тој порача дека единството сега е повеќе од потребно зошто работничката класа е разбиена.

Собирот пред Владата почна со интонирање на Интернационалата и македонската химна.

Во моментов пред Владата пристигнаа и учесниците на протестот против извршителите во организација на Конфедерацијата на синдикалните организации.

– Протестираме против извршителите. Бараме итно стопирање на сите блокирани сметки на граѓаните и нов закон за извршување, рече Ана Глигорова.

Членовите на ССМ протестниот марш по повод одбележувањето на 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот го почнаа пред зградата на ССМ под мотото „Патиштата се различни, целта е една“.

Учесниците на протестот од пред зградата на ССМ се упатија кон македонското Собрание, каде им се приклучија синдикалците од ССНМ.

Претставниците на синдикатите на протестот пред македонскиот Парламент побараа департизација на Собранието за вистинска промена на законите и демонтажа на системскиот правен хаос.

– Овој 1 Мај го одбележуваме во значително поинаква атмосфера од онаа што владееше последниве 10 години. Заслужува да се каже дека ги почитуваме некои од првите чекори што ги прави актуелната власт, но има и чекори што не плашат, односно веруваме дека не одат во вистинскиот правец. Најголема слабост досега е ужасно спорото темпо на промени на планот на работничките права во функција на живот со дигнитет, порачаа синдикалците од ССНМ.

Иван Пешевски од Синдикатот за градежништво при ССМ истакна дека претставниците во Собранието и во Владата треба да внимаваат на работничката класа, бидејќи преку работниците се остваруваат сите благодати во оваа земја.

– Ние сме тука да покажеме колку бројни и колку сме сложни. Во име на солидарноста да им порачаме да го вреднуваат трудот на работникот и да има достоинствена работа за сите, рече Пешевски пред законодавниот дом.

Претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) Тамара Чаушидис пред почетокот на Првомајскиот протест посочи дека бараат пристојни услови за работа и пристојна плата.

– Изминативе неколку години дел од синдикатите не се согласија да молчат. Беа на улица, денеска се повторно на улица. Добивме многу ветувања, но ситуацијата не се подобрува, истакна Чаушидис, додека учесниците на протестниот марш полека се собираа пред скопскиот плоштад „Карпошово востание“.

На протесниот марш присутно е полициско обезбедување.

Првомајскиот марш се поклопува и со 110-годишнината од синдикалното движење и организирање во Македонија

Неколку години наназад, почнувајќи од 2010 година, ССМ со претходното раководство го одбележуваше 1 Мај со кампањи за одредени области од заштитата на работничките права и како резултат на тоа беа иницирани и донесени неколку законски решенија како што беа Законот за мобинг, измените на Законот за безбедност и здравје при работа и Законот за минимална плата.

фото:Б.Грданоски

ПРЕВЗЕМЕНО ОД НЕЗАВИСЕН ВЕСНИК

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here