Никој не е заинтересиран за лоши односи со Русија, но за несогласувањата со Москва треба отворено да се зборува, изјави германската канцеларка Ангела Меркел на прес-конференцијата со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
– Никој не е заинтересиран за лош однос со Русија, но кога се случуваат конфликти, како на пример во Украина, тие треба да бидат именувани со нивните вистински имиња, рече Меркел.
Таа додаде дека со Трамп разговарале за политиката на Русија, нејзината улога во Сирија, состојбата во Украина, како и за можните последици од санкциите на САД против Москва за Германија.
– Се разбира, разговаравме за прашањето за Украина, за тоа работиме во тесна соработка против нелегитимните дејства на Русија, рече Меркел. Таа посочи дека е многу задоволна што американската Влада соработува во однос на ова прашање како дополнување кон Минскиот формат и дека тоа, како што рече, ќе продолжи и во иднина.
– Што се однесува до санкциите, тесно соработуваме со американската Влада, особено со министерот за финансии, за да откриеме кои несакани ефекти би можеле да ги имаат тие, рече Меркел. Таа додаде дека верува оти постои големо единство во однос на несогласувањата со Русија во однос на конфликтите и нејзината улога во Сирија.
Германската канцеларка смета дека „во принцип, гарантирањето на територијалниот интегритет на една земја, како Украина, е исклучително важно и мора да се почитува“.
превземено од Независен весник