дома Македонија „Фајненс тинк“: И ЕК го забележа дефокусот на Владата за економски прашања

„Фајненс тинк“: И ЕК го забележа дефокусот на Владата за економски прашања

489
0
АКЦИЈА

Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија кој што на економијата и дава значајно ограничен простор, споредено со просторот посветен на политичките критериуми, како и користените изрази „одреден напредок“, „остануваат клучните слабости“ и нагласениот недостаток на долгорочни потези во економските одлуки укажува дека напредокот во економските политики и реформи е недоволен, оценува Институтот „Фајненс Тинк“. Ваквата оценка на економските политики и потези на Владата е во целосна согласност со укажувањата на домашната експертска јавност за дефокусот на економските прашања во претходниот период, и оттука Извештајот во економскиот дел не е изненадување.
„Фајненс Тинк“ смета дека во Извештајот е забележан напредокот на одредени владини економски потези, но главно од кратокорочен карактер, додека долгорочните слабости остануваат. Позитивно е оценето задржувањето на макроекономската стабилност и значителното зголемената фискалната транспарентност и менаџирањето со јавните финансии. „Почетокот на фискалната консолидација е оценет како добар потег, но нејзината долгорочна насока е оценета како недоволно јасна. Ова коинцидира со потребата од среднорочно буџетско планирање (кое е во најава од страна на Министерството за финансии), но е во колизија со несигурноста што Владата ја наметна во економијата во поглед на даночната политика. Особено, воведувањето прогресивен персонален данок беше одложено од 2018 за 2019 година, со значајни внатрешни несогласувања во Владата кои во меѓувреме излегоа на површина. Ваквата позиција во економијата, Извештајот ја нотира индиректно, преку укажување за потребата да се зајакне долгорочното планирање на економските политики, со цел да се намали економската неизвесност“, коментира „Фајненс тинк“.

Клучните проблеми – високата сива економија и извршувањето на договорите (поврзано со ефикасноста и непристрасноста на судскиот систем) остануваат. Од друга страна, се забележува првичен напредок во еднаквиот третман на компаниите, што главно е поврзано со изедначувањето на третманот на домашните и странските компании во Планот за економски раст. Други долгорочни слабости на економијата се неактивноста на пазарот на труд, особено помеѓу жените, потребите од обрзовни реформи, потребата од промена на структурата на економијата и потенцијалните бенефити од поврзувањето на странските со домашните компании, кои засега остануваат неискористени. Слично како и домашната експертска јавност, и Извештајот препознава дека Планот за економски раст на Владата има потенцијал да ги помрдне од мртвата точка овие инхибитори на економскиот раст и развој, но за согледување на првичните исходи треба да се сочекаат неколку години, укажува „Фајненс тинк“.

Превземено од Независен весник

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here