Македонија не ја сели амбасадата од Тел Авив во Ерусалим и не го менува курсот за неутралност во палестинско-израелскиот конфликт. Ова е официјалниот став на македонската Влада по учеството на македонскиот амбасадор на прославата на израелското министерство за надворешни работи по повод отворањето на Амбасадата на САД во Ерусалим, што беше проследено со педесетина мртви и илјадници повредени лица. Македонија беше една од ретките земји во Европа која се одѕва на поканата на израелските власти и не го следеше примерот на поголемиот број членки на ЕУ, кои се апсолутно против решението на Доналд Трамп, кое, според нив, ги поткопува напорите за мирно решение и потпалува нови воени конфликти. Впрочем, пред пет месеци Македонија гласаше во Обединетите нации против одлуката на САД за преселување на амбасадата, па затоа изненади присуството на в.д. амбасадорот Александар Аврамовски на „приватната забава“ на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата. Сепак, ниту еден од македонските дипломати не учествуваше во понеделничката официјална церемонија за отворање на амбасадата. За сето тоа време, на границата од појасот Газа и Израел, гинеа десетици Палестинци.
„Присуството на в.д. амбасадорот е дел од вообичаените дипломатски активности, со кои покрај почитта кон државата на приемот, се афирмираат и заложбите за дијалог и отвореност во соочувањето со комплексните прашања, вклучително и оние за кои постојат различни и спротивставени ставови“, велат од МНР во Скопје.
Поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин, се прашува дали треба да се повикуваме на богатството и уметноста наречена дипломатија, кога е во прашање присуството на македонскиот претставник на најнепопуларниот геополитички циркус во режија на двојката Трамп-Нетанјаху што пред три дена се случи во Ерусалим?
„До кога една млада дипломатија и натаму ќе покажува недостиг на зрелост и во отсуство на посериозен компас ќе се ориентира според навивачките емоции, а не според прагматизмот? Европа јасно даде до знаење дека трикот на Трамп со амбасадата во Ерусалим може да создаде многу негативни консеквенции и да го дестабилизира Блискиот Исток со новата Интифада. Зошто Македонија не застана малку понастрана? Во дипломатијата постои едно правило: Доколку самите не се цените, никој нема да ве цени. Нашата лојалност кон Вашингтон можеби би требало да се дозира на поинаков начин. Иако, секогаш сум го презирал изразот ‘еквидистанца’, можеби стариот и добар Глигоров овој пат требаше да го имплементираме кога се работи за рамнотежата Брисел-Вашингтон“, коментира Ружин за „Независен весник“.
Според информациите на израелски весници, покана за учество на приемот биле испратени до 86 земји, но само 32 позитивно одговориле. Покрај Македонија, свои претставници испратија Србија и Албанија од регионот и само четири членки на ЕУ: Унгарија, Австрија, Чешка и Романија. Од европските држави, тука се уште Украина и Грузија. Останатите се: Ангола, Камерун, Конго, Демократската република Конго, Брегот на Слоновата Коска, Доминиканската Република, Салвадор, Етиопија, Гватемала, Хондурас, Кенија, Бурма, Нигерија, Панама, Перу, Филипини, Руанда, Јужен Судан, Тајланд, Виетнам, Парагвај, Танзанија и Замбија.
„Ова е голем ден за сите Израелци, затоа што кого и да прашаш на улица кој е главен град на Израел, тие без сомнение ќе ти одговорат Ерусалим. Политиките на ЕУ и на Австрија по ова прашање се различни, но сепак нашата амбасада ќе остане во Тел Авив. Тоа не ме спречува да бидам присутен овде“, изјави австрискиот амбасадор Мартин Вајс.
Европската Унија срамежливо најави дека наскоро ќе дојде до колективно признавање на Палестина како држава. Нога ќе повлече Словенија, а нејзиниот пример треба да го следат и останатите земји што досега не ја признаваа самостојноста на државата на Блискиот Исток. Досега, девет земји на Унијата официјално ја признаа Палестина, но само една го направи тоа како членка на ЕУ (Шведска), додека другите (Чешка, Словачка, Унгарија, Полска, Бугарија, Романија, Малта и Кипар) го сторија тоа пред да влезат во друштвото на одбраните.
На 21 декември лани, со 128 гласа „за“, 9 „против“ и 35 „воздржани“, Генералното собрание на ОН го осуди признавањето на Ерусалим за главен град на Израел. Македонија беше една од земјите што гласаа „за“. Претходно, амбасадорката на САД во ОН, Ники Хејли, се закани дека САД ќе го запомни денот кога биле нападнати во Генералното собрание на ОН, бидејќи го оствариле своето право како суверена земја, нагласувајќи дека гласањето нема да влијае врз нивната одлука. Хејли кажа дека САД ќе се пресметаат финансиски доколку Генералното собрание ја усвои резолуцијата со која би се прогласила за неважечка одлуката на вашингтонската администрација. Претходно, и самиот Трамп најави дека ќе ја крати финансиската помош за земјите што ќе ја поддржат резолуцијата.
Палестина го сака Источен Ерусалим за свој главен град
Палестина е делумно признаена држава. Самопрогласена е на 15 ноември 1988 година кога Палестинската ослободителна организација во егзил од Алжир донесе декларација за независност. Признаена од околу 130 земји на ОН, од 2012 година има статус на набљудувач, но членка е во разни нејзини тела, како што е УНЕСКО. Палестина се состои од две одвоени територијални целини: Појасот Газа и Западниот Брег, кои се раздвоени од територијата на Израел. По Првата светска војна, станува британска колонија, за во 1947 година да биде предложено нејзина поделба на два дела: еврејска и арапска. Но, создадена е само еврејска (Израел), која, според обвинувањата на Палестинците, анектирала и делови што, наводно, требало да ѝ припаднат на арапската држава. Самите си го имаат прогласено Источен Ерусалим за главен град, иако тој е споен со Западен Ерусалим, кој го контролира Израел. Се надеваа дека еден ден Источен Ерусалим навистина ќе ѝ припадне на Палестина, па затоа се лути што американската администрација ја прекрои иднината.
Вчера беше 15 мај, денот што од Палестинците е забележан како годишнина од она што го нарекуваат „накба“, или катастрофа. Тоа означува протерување или бегство од новоформираната еврејска држава на стотици илјади Арапи во 1948 година, кои не биле во можност да се вратат или да го вратат имот што го оставиле.
Горан Адамовски
Превземено одНезависен весник