Воздушната одбрана на руската флота на Црното Море добила предупредување за напад, објави Карл Билт на неговиот профил на Twitter. Веста ја пренесоа и други медиуми, но се чека официјална потврда.
Некои медиуми пренесуваат дека руското Министерство за одбрана издало наредба да се подигне борбената готовност на руската црноморска флота на највисоко ниво и дека е издадено предупредување за евентуален напад откако беше забележано дека воените бродови на коалициските сили за Сирија предводени од САД, Велика Британија и Франција, тргнале кон Сирија.
Според некои извори, можно е да дојде до напад во наредните 24 часа. Испраќањето на воените бродови кон Сирија се смета за реакција на наводниот напад со хемиско оружје во сирискиот град Дума, каде настрадаа најмалку 70 луѓе.
За овој напад се обвинува сирискиот режим на чело со Башар ал Асад кој во сириската војна има поддршка од Русија.
На итната седница на Советот за безбедност на ОН беше повикано да се спроведе независна истрага, но за кратко време дојде до вербален судир меѓу амбасадорите на САД и Русија во ОН. Рускиот претставник во ОН наведе дека Русија е длабоко загрижена бидејќи некои од нив, како Вашингтон, Лондон и Париз, „слепо се ангажирани против Русија и Сирија без никакво оправдување“.
„Москва се соочува со клевети, санкции, уцени, па дури и закани. Дрско ни се закануваат. Тонот со кој се прави тоа ја помина границата на дозволеното. Ниту за време на Студената војна вашите претходници не си дозволуваа ваква безобразност“, рече тој.
Превземено од Кајгана